- Физичарот од „Биг бенг“ Роберт Вудро Вилсон, хемичарката добитничка на Нобелова награда Џенифер Дудна, економистот Џозеф Стиглиц и научничката од НАСА Синтија Розенцвајг ја нагласија потребата од значително зголемување на инвестициите во истражување и развој, со цел да се зголеми производството на храна за 50-70 проценти во следните две децении. Слично на тоа, истражувањата на економистите специјализирани за земјоделство покажуваат дека глобалната економија ќе треба да произведува 50-60 проценти повеќе храна до 2050 година отколку нивоата од почетокот на 2020-тите за да го нахрани растечкото население
- Многу е важно да се намали зависноста од увоз преку поттикнување на локалното производство и диверзификација на производителите на храна. Владите треба да поттикнуваат и да субвенционираат одржливи земјоделски практики што не ја загрозуваат животната средина, но во исто време овозможуваат повисоки приноси!
Во тековната 2025 година човештвото се справува со големи проблеми за промптно решавање. Во преден план се геополитичките тензии меѓу Вашингтон, Брисел, Москва, Пекинг и Техеран. Војните во Украина, Судан и Мјанмар, глобалната конкуренција меѓу суперсилите преку инструменти како што се НАТО, БРИКС и трговските војни претставуваат опасни предизвици што можат да резултираат со импакт на светот преку нуклеарен, хемиски или некаков трет армагедон.
Иако класичните политички и други стратешки предизвици се многу опасни и не треба да се потценуваат, некои закани минуваат незабележано. Со други зборови, иако одредена опасност е видлива секој ден и за моќните структури што владеат со светот и за обичните луѓе, малкумина преземаат конкретни чекори за да го отстранат проблемот од агендата. Еден од најголемите претстојни проблеми е глобалниот недостиг од храна, кој би можел да се манифестира во наредните децении.
Општ недостиг од храна и прехранбени производи
Доколку продолжат сегашните негативни трендови, како што се инфлацијата на цените на основните производи, падот на приносите од земјоделските култури и недоволните инвестиции во земјоделски технологии и алатки, светот би можел да доживее општ недостиг од храна и прехранбени производи до 2050 година. Ваков став го изразија голем број истакнати земјоделски експерти, како што е д-р Кери Фаулер, специјален пратеник за глобална безбедност на храната во администрацијата на Џо Бајден од 2022 до 2025 година. Фаулер е познат како основач на земјоделската организација „Свалбард глобал сид волт“, која содржи примероци од повеќе од милион различни сорти култури, а неговото мислење не е неважно.
За да го предупредат светот за претстојната опасност, во јануари годинава повеќе од 150 добитници на Нобелова награда и Светската награда за храна издадоа отворено писмо во кое предупредуваат за можна глобална криза со глад. Населението на третата планета од Сонцето ќе продолжи да расте, а производството на храна ќе се намали. Процените велат дека населението на планетата Земја во 2050 година ќе биде 9,8 милијарди. Моменталната бројка на почетокот на 2025 година е нешто над 8 милијарди. Проблемот е што прогнозите велат дека до 2050 година стапките на принос на земјоделските култури ќе се намалат од 3 до 12 проценти поради влијанието на климатските промени.
Извештај во врска со глобалната криза со храна
Експертите, меѓу кои физичарот од „Биг бенг“ Роберт Вудро Вилсон, хемичарката добитничка на Нобелова награда Џенифер Дудна, економистот Џозеф Стиглиц и научничката од НАСА Синтија Розенцвајг, ја нагласија потребата од значително зголемување на инвестициите во истражување и развој со цел да се зголеми производството на храна за 50-70 проценти во следните две децении. Слично на тоа, истражувањата на економистите специјализирани за земјоделство покажуваат дека глобалната економија ќе треба да произведува 50- 60 проценти повеќе храна до 2050 година отколку нивоата од почетокот на 2020-тите за да го нахрани растечкото население.
Актуелната состојба со храната на нашата планета е многу загрижувачка и се движи кон најлошото сценарио
Моменталната состојба на човечката исхрана на нашата планета не е добра, поточно таа е многу загрижувачка и се движи кон најлошото сценарио. Според податоците од „Статиста“ и Светската здравствена организација (СЗО), во 2024 година, 735 милиони луѓе во светот биле недоволно исхранети – бројка еднаква на населението на две и пол Америки. Тоа е огромен скок во однос на 2019 година, кога 613 милиони луѓе беа недоволно исхранети. За само пет години има зголемување од 122 милиони недохранети луѓе. Така, популација со големина на Јапонија толку осиромашила за пет години што нема доволно храна и хранливи материи за одржување нормална исхрана и задоволителна здравствена состојба. Се очекува бројот на недоволно исхранети луѓе или оние што се изложени на ризик од глад да достигне околу 1,5 милијарда до средината на 21 век. Тоа е бројка поголема од моменталното население на Кина или Индија.
Гладот и неисхранетоста го ослабуваат имунитетот и ја зголемуваат подложноста на заразни болести како што се туберкулоза, маларија и респираторни заболувања. Неисхранетоста може да предизвика и хронични здравствени проблеми како што се анемија, кардиоваскуларни заболувања и слабост на коските, а на долг рок може да има сериозно влијание врз развојот на децата, предизвикувајќи физичка и ментална ретардација. Во екстремни случаи, хроничната неухранетост може да доведе до смрт, особено кај најранливите групи како што се децата, бремените жени и постарите лица.
Санкциите најтешко ги погодуваат обичните луѓе
Економските проблеми се директно поврзани со војните и политичката нестабилност. Санкциите и трговските бариери имаат штетно влијание врз синџирите на снабдување. Основните прехранбени производи како што се житарките, растителните масла, месото и месните производи, овошјето и зеленчукот, шеќерот стануваат прескапи (инфлација и хиперинфлација) или недостапни за сиромашните во земјите во развој, како и во развиените земји. Сиромашните стануваат уште посиромашни, што ги тера да мигрираат во градови или други земји – на пример од Африка до Европа. Во некои случаи малите земјоделци или земјоделците во посиромашните земји престануваат да работат затоа што работата повеќе не е профитабилна.
Високите цени за производство на храна поради политички или економски причини ја намалуваат мотивацијата на земјоделците да произведуваат и го отежнуваат инвестирањето во аграрни технологии. Сето тоа влијае негативно на снабдувањето со храна на пазарот.
Структурни решенија
Единствените вистински решенија се структурни. Експертите тврдат дека решението за проблемот со недоволната глобална исхрана е промена на приоритетите на земјите. Националните влади треба да создадат услови за реализација на одржливо земјоделство и одржливо глобално снабдување со храна и прехранбени производи. И двата фактора се фундаментални предуслови за спречување на гладот. Со други зборови, владите треба да ги зголемат своите инвестиции во земјоделски истражувања, вклучувајќи и долгорочни инвестициски технологии и инфраструктурни проекти. Сепак, тоа не е случај ниту во САД.
Буџетот на американската влада за земјоделско истражување и развој е на исто ниво како што беше пред 50 години, земајќи ја предвид инфлацијата. Според достапните информации, вкупниот буџет на Министерството за земјоделство на САД за фискалната 2024 година изнесувал приближно 186 милијарди американски долари. Во исто време, воениот буџет на американската влада изнесуваше околу 850 милијарди долари. Во исто време во САД 47 милиони Американци се соочуваат со неисхранетост и не консумираат доволен број дневни калории.
Земјоделците треба да користат напредни технологии како прецизно земјоделство, одржливо наводнување и подобри семиња. Многу е важно да се намали зависноста од увоз преку поттикнување на локалното производство и диверзификација на производителите на храна. Владите треба да поттикнуваат и да субвенционираат одржливи земјоделски практики што не ја загрозуваат животната средина, но во исто време овозможуваат повисоки приноси. Покрај тоа, треба да работиме на намалување на отпадот од храна. Милијарди тони храна завршуваат како отпад секоја година, додека многумина страдаат од глад. Националните држави и мултилатералните организации треба да работат заедно за да го спречат глобалниот глад. Вложувањето во едукација на земјоделците е важно.
Сепак, клучните центри на политичка и економска моќ во светот не го разбираат тоа или не сакаат да го разберат. За жал, се чини дека во иднина ќе избувне глобален недостиг од храна, само е прашање на време. Ќе биде интересно да се види како државите и поединците ќе се справат со овој проблем. Како и секогаш во историјата, нема сомнение дека најранливите ќе поминат најлошо, додека богатите ќе се заштитат однапред.
Кои се причините/факторите за глобален недостиг од храна?
Во блиска иднина може да се појави глобален недостиг од храна како резултат на неколку причински фактори. Првенствено, тоа се неповолни временски услови, политички нестабилна средина доминирана од апатија и економски тешкотии како што се прекини во синџирите на снабдување. Вонредните временски настани како што се бури, поплави, град, пожари, суши, земјотреси, вулкански ерупции и нееднаквиот сооднос на врнежите и сончевите денови влијаат врз намалените приноси на земјоделските култури. Во исто време, зголемувањето на глобалните температури му штети на земјоделството.
Зголемување на температурата на воздухот од почетокот на 21 век е од 0,4 °C до 0,5 °C, што е многу драматично. Климатските промени ги намалуваат количеството и квалитетот на достапната храна. Потоплата клима го зголемува испарувањето и ја намалува достапноста на вода за наводнување на културите. Високите температури ја намалуваат продуктивноста на културите пченица, пченка и ориз. Тие исто така го фаворизираат размножувањето на инсекти и растителните болести. Неправилните временски услови (отсуство на класични сезони) го отежнуваат предвидувањето на садењето и бербата. Причина за недостигот од храна се дополнителни природни проблеми, како што се ерозијата и деградацијата на почвата и губењето на биодиверзитетот.
Политичките проблеми како што се конфликтите, војните и недостигот од интерес за земјоделството од страна на националните влади имаат разорно влијание врз производството и дистрибуцијата на храна, доведувајќи милиони луѓе на работ на глад. Војните ја уништуваат земјоделската и транспортната инфраструктура, претворајќи ги плодната обработлива земја и патиштата во бојни полиња. Конфликтите како што се герилските диверзии и терористичките напади ги бркаат земјоделците да ја напуштат својата земја, оставајќи ги полињата необработени.
Главен проблем е недостигот од интерес кај политичарите за земјоделството, кое го практикуваат сè помал број жители и затоа жителите на руралните средини претставуваат помал дел од гласачкото тело. Кога владите го занемаруваат земјоделството, руралните средини заостануваат, а земјоделците немаат пристап до модерни технологии, наводнување и кредити, намалувајќи ги приносите и влошувајќи ја достапноста на храна на пазарот.
Пред избувнувањето на војната во Европа во 2022 година, Русија и Украина беа водечки светски доставувачи на пченица, јачмен и сончогледово масло
Причини за драстичното зголемување на бројот на гладни луѓе во светот во последните години се: пандемијата на коронавирусот, украинската војна, сушите и поплавите што резултираа со високи цени на ѓубривата и житарките. Пред избувнувањето на општата војна во 2022 година, Русија и Украина беа водечки светски доставувачи на пченица, јачмен и сончогледово масло. На тоа се додаваат и недоволните резерви од житарки и други прехранбени производи во многу земји. Во 2022 година, 131 земја во светот (од 196 колку што се меѓународно признаени) увезле повеќе храна отколку што извезувале, па затоа е логично дека исхраната се влошила. Истата година речиси една третина од светското население не може да произведува или купува храна.
Најпогодени беа оние земји што едвај ги хранат своите жители, како што се земјите во Африка и Блискиот Исток (Јемен, Сомалија, Етиопија, Чад и Нигер). Според Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP), сушата предизвикана од Ел Нињо (природен феномен поврзан со климатските промени во тропските предели) во текот на 2023-2024 година во Потсахарска Африка беше најлошата во последните 40 години и ја загрози исхраната на 2,2 милиони луѓе во Ангола.
Автор: Матија Шериќ