На планетарниот шампионат за клубови имаше камери на телото на судиите, напредната полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд и новото правило од осум секунди за голманите
ФУДБАЛ
Пјерлуиџи Колина, претседателот на Комитетот за судии на Светската фудбалска федерација (ФИФА), вели дека е многу задоволен од иновациите во судењето воведени на клупското Светско првенство (СП) во САД, вклучувајќи камери на телото на судиите, напредната полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд и новото правило од осум секунди, насочено кон намалување на губењето време од голманите, пишува ФИФА.
Инаугуративното издание на новиот турнир со 32 екипи беше првото натпреварување на ФИФА на кое имаше камери на телото на судиите, а Колина рече дека добиле позитивен прием. Целта на тестот беше да се истражи дали новиот агол на камерата може да го подобри искуството за оние што гледаат на телевизија и онлајн со прикажување на перспективата на судијата, пишува ФИФА.
– Резултатот од користењето на судиската камера на Светското клупско првенство годинава ги надмина нашите очекувања. Мислевме дека ќе биде интересно искуство за телевизиските гледачи и добивме одлични коментари. Нѐ прашаа: „Зошто не на сите натпревари?“ Па дури и повеќе: „Зошто не во сите спортови?“ – рече Колина.
Тој додаде дека, иако тоа обезбеди уживање за јавноста, тоа исто така беше „многу, многу позитивно“ за сопствените цели на ФИФА.
– Имавме можност да видиме што гледа судијата на теренот. И тоа не беше само за забава туку и за тренирање на судиите и да се објасни зошто нешто не се видело на теренот – рече тој.
Еден пример беше натпреварот од групната фаза помеѓу Атлетико Мадрид и Париз сен Жермен, каде што судијата не виде играње со рака од дефанзивец на Атлетико, бидејќи играч му го блокираше погледот.
– Од оваа судиска камера беше апсолутно јасно дека судијата не можел да го види тој инцидент во живо на теренот – рече Колина.
Од системот видеопомошник-судија (ВАР) го известија судијата што досуди пенал за Пари сен Жермен откако ја прегледа ситуацијата на мониторот покрај теренот. На СП 2025 беше воведено и ново правило, корнер да ѝ се доделува на напаѓачката екипа ако голманот ја држи топката подолго од осум секунди, при што судијата користи визуелно одбројување од пет секунди. Претходно, судијата досудуваше индиректен слободен удар ако голманот ја држеше топката повеќе од шест секунди.
– Беше многу успешно; темпото на натпреварот беше подобрено. Немавме изгубено време кога голманите ја држат топката во рацете многу долго, како што се случуваше доста често на натпреварите претходно – рече Колина, пренесе ФИФА.
Тој додаде дека со новите правила прекршувањата се сведени на минимум.
– Фактот што само двајца голмани беа казнети значи дека тие навистина го почитуваа правилото. И со тоа, ја постигнавме целта што ја сакавме, а тоа не беше да доделуваме корнери, туку да спречиме непочитување на правилото од осум секунди. Целта беше сто отсто постигната – вели Колина.
Напредна верзија на полуавтоматизираната технологија за офсајд помогна да се забрзаат одлуките за офсајд и Колина рече дека тоа помогнало да се избегнат ситуации каде што напаѓачите трчаат 30-40 метри само за потоа да се крене знамето за офсајд.
– Предупредувањето стигнува до помошните судии многу порано, кога има јасна офсајд-позиција. Значи, системот работеше многу добро, ги имаме головите правилно поништени, имавме точни одлуки поддржани од полуавтоматската технологија за офсајд, ние сме многу среќни, многу задоволни – изјави Колина, пренесе ФИФА. Н.М.