
Евтини приказни и импровизација или древно знаење и модерна наука – што ќе одбере Владата?
Туристичкиот потенцијал на Македонија
Додека многумина продолжуваат да ги пакуваат куферите за сезонска работа или постојано иселување поради егзистенцијални причини, а економијата се потпира на заеми и задолжувања, пред очите на сите стои една индустрија за која како да се заборави дека всушност може да биде движечкиот мотор на државната економија. Туризмот, како една од економските гранки што на светско ниво принесуваат за секое 11-то вработување, што би се рекло дека на секои десет вработени – следниот е во туристичкиот сектор, може и треба да биде употребен како економска алатка за раст и развој на економијата и подобрување на животниот стандард во цела Република Македонија. Но, не туризмот на начинот на кој го управуваат како и досега, со нејасни кампањи, недостиг од транспарентност на официјалните институции и фотографии од вршители на јавни функции на официјалните страници на институциите на социјалните мрежи, туку туризам со јасна порака и стратешка државна платформа, туризам со национален продукт, мерливост на услугите и способност да генерира приход што во скоро време може да ја промени целосната економска слика на Македонија. Нормално, доколку се сака и ако се умее да се порасне над досегашното ниво, за кое се покажа и докажа дека воопшто не е функционално, ефективно и ефикасно. За да се започне, треба да се променат парадигмата и точката на набљудување, па кога ќе слушнеме дека „нема луѓе за работа“, да не заборавиме да прашаме на кој начин досега се управувало со најсилниот ресурс на Македонија – човечкиот капитал, кој сè уште е основниот стожер за какво било постоење на економските процеси. Парадоксот е страшен – држава со културно наследство што е репрезентативно на светско ниво, непроценливи природни ресурси и убавини и народ што е чесен и трудољубив – наместо да развива туризам што ќе овозможи посети не само до комерцијализираните атракции туку и до некои од најмалите села, не само што не знае како да се понуди на светскиот пазар туку и како да не умее или дури и како некој да не сака македонската приказна да биде спакувана, претставена и прикажана како што заслужува. Развојот на национален туристички производ не е луксуз, туку економска неопходност. Тоа е шанса за илјадници работни места, за заживување на руралните средини и за градење позитивен имиџ на земјата во светот. Прашањето не е дали Македонија има што да понуди, ниту пак дали има знаење како да го стори тоа, туку дали во Македонија има храброст и волја за светска промоција преку национален туристички продукт, да се претстави пред светот во своето најдобро светло. Времето за тоа е – сега. Прашањето што лебди во воздухот не е ново, но денес е поважно од кога било: Како Македонија конечно да создаде национален туристички продукт што ќе ја позиционира на светската мапа не како евтина туку како бесценета дестинација? Одговорот лежи во напуштање на досегашните импровизации, меритократија и создавање модерна стратегија. Но, не „модерна“ како што тоа очигледно го замислуваат партиските пулени поставени на функции платени од народот за кои многумина од нив велат дека „немало луѓе за работа“, туку модерна стратегија по урнек на врвните светски експерти за менаџмент, маркетинг и туризам. Дали туризмот е последната шанса за спас од економската летаргија? Конкуренцијата од соседството е жестока и не чека. Развојот на национален туристички производ не е луксуз, туку економска неопходност.
Истовремено, пазарите се трансформираа со толкава брзина и интензитет, новата технологија навлезе длабоко во секојдневието и купопродажбата, еколошката состојба загрижува, а природните ресурси се во опасност. Менаџерите на новиот век ги користат постојните ресурси, кои со помош на новите технологии и дигиталниот свет, заедно со знаењето за човечкиот мозок, умешноста за претставување и прикажување на продуктите и услугите, вештините и шаблоните за организирање и управување и моделите за одржлива економија, ги ставаат во употреба на начини што се во полза не само на заедниците каде што се случува економијата туку и за целото човештво.
Почитувањето на културата, традицијата, моралните и етичките начела на човештвото и природата се вредностите што, иако занемарени во минатиот и почетокот на овој век, на голема врата се враќаат и во економијата, нераскинливо преплетени со дигиталниот свет и модерните технологии. Tуризмот има потенцијал да се трансформира во полза не само на населението и материјалната добивка туку и во корист на природата и културното наследство. Користењето ефикасни модели преку кои се организираат постојните ресурси, информации и податоци за истите тие и начини за нивна економска употреба во 21 век е достапно на начини што буквално биле незамисливи до пред само неколку години. Еволуцијата на технологијата и на дигиталниот свет и нивниот удел во секојдневието и севкупната економија придонесоа за зголемување на вредноста на најсилниот учесник на пазарот – потрошувачите, кои во некои индустрии станаа оние што ги поставуваат новите пазарни трендови и промени. Искуството на туристите во 21 век, нивната употреба на паметните уреди и поволностите што ги нуди интернет-мрежата, заедно со развојот на колективната свест на човештвото на планетата за значењето на културното наследство и природните ресурси, предизвикуваат создавање пазарни понуди што иако содржат елементи на традиционалното и дигиталното, сепак претставуваат новина во туристичките понуди. Такви понуди најчесто се организираат за места, атракции, локации, региони и дестинации што предизвикуваат туристички интерес или, пак, имаат потенцијал за туристичка употреба, соодветни локации што се културно наследство или природни реткости и/или локална заедница чиј начин на живот ги задржал традицијата и културата на предците и се занимава со дејности што се активен дел од туристичките понуди на 21 век.
Туристичкиот продукт е составен од различни физички ресурси, активности и услуги. Околностите што влијаат на оформувањето на продуктот и позиционирањето на пазарот зависат од атмосферата, интеракцијата на потрошувачот со услужниот систем и неговото влијание врз побарувачката. Квалитетот на туристичкиот продукт е нераскинливо поврзан со човечката работа на вклучените во процесот и целата организација на менаџментот и маркетингот на туристичката понуда. Атрактивноста, пристапноста и условите за престој се клучни при оформување на туристичкиот продукт. Македонија ги има потребните ресурси за да се започне со современо управување на туристичкиот потенцијал и организирање на туристичката понуда, како и на националниот туристички продукт, со кој конкурентно би се поставиле на светскиот пазар. Дури откако ќе се определат кои од расположливите ресурси ќе бидат ставени во употреба и ќе се оформи продукт што не само што ќе одговара на побарувачката туку и ќе предизвикува можни посети од потенцијални клиенти, кои биле, поминале, поминуваат или досега не патувале во овој дел на светот. Стратегиски поставен туристички продукт треба да има цена што одговара на вклучените фактори во понудата и продажбата на туристичкиот пазар, но и цена што ќе одговара за долгорочен одржлив развој на туризмот во регионот. Цената, како елемент на маркетинг-миксот, во новите туристички дестинации се определува на начин преку кој не се цели кон остварување на највисокиот можен профит, туку како алатка за развој на одржлив туризам во дестинацијата.
Освен што треба да ги задоволи ресурсите потребни за оформување на продуктот и процесите на промоција и дистрибуција, цената задолжително треба да влијае и на развојот на дестинацијата, преку проширување на понудените продукти и услуги, туристички атракции, но и врз идно активно вклучување на преостанатите стопански гранки во туризмот. Начелно организирање туристички патеки, рути со различни теми и посети на сакрални места, споменици со културна вредност, археолошки локалитети и слични туристички атракции може да се постави на пазарот преку цена која не само што ќе биде достапна и за домашните туристи туку ќе ги задоволува потребните процеси при оформување на продуктот и понудата. Промоцијата како елемент на маркетинг-миксот овозможува поддршка за претставување на продуктот на туристичкиот пазар и создавање свест за него, создавање имиџ – слика, и најважно – позиционирање на пазарот. Избраните начини за претставување и прикажување на веќе оформениот туристички продукт влијаат на идната слика што потенцијалните потрошувачи ќе ја имаат како претстава за понудата, услугите и целиот туристички продукт на дестинацијата. Затоа, промоцијата на туризмот во 21 век треба да ги вклучува најновите достигнувања во научната дисциплина маркетинг, со што ќе го претстави не само значењето на природните ресурси и културното наследство туку и свест за еволуцијата на пазарот и идно насочување кон oдржливост и потенцијална самоoдржливост. Употребувањето на информатичките технологии и можности што ги нуди виртуелниот свет се ресурси што можат да придонесат за претставување и прикажување на туристичкиот потенцијал на Македонија буквално пред целиот свет. Поврзувањето со постојните учесници и фактори на пазарот е неминовно, но во 21 век модерната технологија заедно со развиената научна свест дава можност за самоорганизирање на дигитален систем на туристичката понуда, преку кој и најискусните туристи ќе можат да добијат значајни информации за можностите што ги нуди потенцијалната дестинација. Така, поврзувањето со активните чинители и фактори на туристичкиот пазар во регионот би било поедноставно, но и на многу попрофесионално ниво. Иднината најмногу зависи од вештините и начинот на работење на луѓето. Вклучувањето кадар што ќе има свест за целта, мисијата и визијата за туристички развој и раст е неопходно. Човечкиот капитал е „првиот ред“ на брендот и неговата директна комуникација со потрошувачите, затоа изборот на човечки ресурс е клучен при позиционирањето на пазарот. Најсилен партнер на туризмот секогаш е локалната заедница, вклучувајќи ги жителите, но и нивните културни вредности, традиција и главни економски гранки, дејности и занимања.
Македонија се соочува со јасен избор: да продолжи да биде симпатична фуснота во програмите за Балканот или конечно храбро да зачекори на сцената и да ја раскаже сопствената богата приказна. Настрана од политичката врева на главниот град чека една скриена и мистична Македонија, која има доволно силен глас за да го слушне светот. Среќна приказна што допрва треба да повлијае за голема радост. Бидејќи успехот на туризмот не се мери само со бројките на гостите и приходите туку и со насмевките на локалните жители, новите пријателства меѓу народите и среќата кога Македонија блеска на глобалната мапа.
Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)