Мислам дека приказната за овие луѓе и нивните индивидуални судбини на тие острови, кои служеле за „превоспитување“ и „образување“ на политичките противници само затоа што се дел од еден народ, за жал, секогаш ќе биде актуелна, вели режисерот Цветановски
Андреј Цветановски, режисер
Претставата „Црно семе“, работена според романот на Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски, е дел од репертоарот на Битолскиот театар. Станува збор за претстава работена според еден од култните романи на Ташко Георгиевски. На 13 април се навршија 13 години од смртта на Ташко Георгиевски, а оваа година се одбележуваат и 90 години од неговото раѓање. Претставата е посветена на нашите Македонци од егејскиот дел на Македонија, на нивните страдања, упорност, издржливост, попустливост, на нивната борба за слобода, да зборуваат на својот мајчин јазик и борбата да го зачуваат својот национален идентитет. Темата на романот е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејско Море. Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност.
Што Ве мотивираше токму сега да го поставите „Црно семе“ на сцената на Битолскиот театар?
Подолго време темата „Црно семе“ кружеше низ мојата глава како тема со која би сакал да се занимавам во театар и во повеќе наврати не успевав да најдам театар што би сакал да влезе во таква авантура. По 10 години, првпат најдов театар и управа што без двоумење беа подготвени да влезат во таков предизвик и одеднаш таа една дамнешна желба стана реалност, а со тоа и голем предизвик и одговорност. Мотивацијата сценски да се адаптира култен македонски роман е голема, мотивацијата е уште поголема кога сфаќаш дека има голем број мали народи што имаат слични судбини како оваа и можеби главната мотивација, да останеш свој и да издржиш, и покрај сите притисоци.
Како ја гледате актуелноста на оваа приказна денес, во контекст на современото македонско општество?
Мислам дека приказната за овие луѓе и нивните индивидуални судбини на тие острови, кои служеле за „превоспитување“ и „образување“ на политичките противници само затоа што се дел од еден народ, за жал, секогаш ќе биде актуелна. Но самото тоа што е наша приказна и што огромен број луѓе пребегале од Егејска Македонија и голем број генерации живеат со таа траума е доволно актуелна за една тема да добие свој нов прочит. Она што за мене станува фрапантно е колку малку работи знае младата генерација за ова поглавје од нашата историја. Потребно е да знаеме од каде сме дошле за да одиме напред.
„Црно семе“ е длабоко емотивен и историски набиен роман. Како го доживувате лично Вие романот и каков беше Вашиот пристап при сценската адаптација, при целата реализација на претставата?
Романот на големиот Ташко Георгиевски навистина е потресен и тешко го доживував секое препрочитување на романот. Сите тие страшни слики и товари што ги носат ликовите за мене беа и мотив да сакам да го работам романот. Но затоа што беше толку тешко и нечовечно, во разговорите со Јелена Цветановска за драматизацијата, се согласивме дека треба да се бараат лирски химнични елементи во тоа епско страдање. И мислам дека таквата лирика ја најдовме во ликот на Ангелина, жената на главниот лик, која ја нема во филмуваната адаптација на „Црно семе“, која цело време му се јавува во мислите. Низ желбата да се најде нешто доволно големо што ќе те носи и крепи да издржиш. Низ мислата за родниот крај или, пак, за омиленото јадење дома или на самата помисла дека издржуваш затоа што повторно ќе се вратиш во местото што го викаш дома. Низ балансот на тоа страдање и мислата да издржиш, мислам дека изградивме цел еден свет во кој затворениците се борат да останат луѓе и покрај сите нехумани работи што ги искушуваат да престанат да бидат она што се и да станат животни. Тој свет добива своја смисла кога гледаме како публиката реагира на секоја изведба на индивидуалните судбини на затворениците.
Кои ликови и сцени се во фокусот на сценската верзија и како се одлучивте токму за нив?
Се обидовме сите ликови што ги има во романот и кои ја движат приказната да го најдат своето место на сцената, но со одредени модификации за сепак сценското дејствие да остане збиено и полно. Мислам дека самиот роман изобилува со дејствија и не беше тешко да се создадат ситуации што во основа ги има во романот, но во нашата сценска верзија се позбиени и се обидовме во час и педесет минути да стигнеме сите ликови и сцени да ги развиеме да станат наши, вистински и верни на мислата на авторот.
Ликовите како Доне, Христо, Марко, Нико, Димо и другите носат силна симболика. Како актерите го прифатија предизвикот? Колку има простор за актерска слобода во една толку силна и тешка приказна?
Мислам дека имав привилегија да работам со одлична актерска екипа, која заедно влезе во ова патување и ми помогна заедно да изградиме цел еден свет, цел еден живот во кој секој од нив успеа да изгради карактер, но и исто така да работи за големата слика. Низ нивниот актерски ангажман и заедничка работа на сцените успеавме да создадеме наша приказна и со таа приказна да се префрлиме во гледалиштето. Создадовме дух на заедништво што за мене мислам дека е појдовна точка за создавање добра претстава. Во однос на актерската слобода, јас мислам дека имав чест да работам со креативни и инспиративни актери, кои колку што ја ги инспирирав, толку и тие мене ме инспирираа, за да дојдеме до крајниот резултат. Но дали тие се чувствувале слободни, ќе мора да ги прашате нив.
Велите: „Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема“. Какви чувства посакувате да предизвика претставата…?
Кога работам на одредена тема се обидувам колку што можам да ја погледнам истата тема од повеќе агли низ претставата за да стигнам до одреден став. Но со оваа приказна сфатив нешто што го знам, ама го подзаборавам одвреме-навреме, а тоа е дека нема приказна што не допира повеќе од нашата приказна. А ние ако не си ги раскажуваме приказните, нема кој. Затоа се надевам дека публиката ќе го почувствува сето она што ние го чувствувавме додека се работеше претставата, а тоа се гнев, очај, страв, надеж, верба, идеал, слабост, згрозеност, светлост, темнина, сето она што го носи еден живот.
Дали размислувате оваа претстава да се изведе и во другите театри, можеби и надвор од Македонија, особено во местата со македонска дијаспора?
Се надевам дека ќе имаме што повеќе гостувања, и во земјата и во странство, секаде каде што ќе има технички услови да се изведе претставата. Мислам дека оваа претстава треба да има шанса да ја види пошироката јавност и се надевам дека ќе има долг и успешен живот и дека уште долго ќе ги гледаме судбините на Доне, Христос, Марко, Нико, Димо, Јане, Ѓорѓи, Ангелина и ќе се сеќаваме на тие луѓе.