Климатските промени речиси тројно го зголемија бројот на смртни случаи поврзани со топлина во големите европски градови за време на екстремниот топлотен бран од крајот на јуни до почетокот на јули, покажува нова студија.
Истражувачи од Велика Британија, Данска, Холандија и Швајцарија ги анализирале условите во 12 големи европски градови помеѓу 23 јуни и 2 јули. Според нивните проценки, околу 2.300 лица починале од причини поврзани со топлина во овој десетдневен период, при што околу две третини од смртните случаи – приближно 1.500 – се припишуваат на климатските промени, пренесува ДПА.
Температурите во многу градови достигнаа екстремни нивоа, често надминувајќи 40 степени Целзиусови.
Според студијата, без глобалното затоплување, кое ги зголемило дневните температури за дополнителни 1 до 4 степени Целзиусови, околу 800 лица би починале од топлина. Истражувачите ги споредиле реалните температури забележани во градовите со моделирани вредности што би се случиле без климатски промени, пресметувајќи го очекуваниот број на смртни случаи за двете сценарија.
Топлотниот бран особено ги погоди ранливите групи, како лицата со хронични болести и постарите лица, при што 88 отсто од проценетите смртни случаи биле кај лица над 65 години.