Преспа е историско-географска област во регионот Македонија, сега разделена меѓу Република Македонија, Грција и Албанија. Во географска смисла на зборот поимот Преспа претставува голема котлина во чиј центар се сместени двете преспански езера – Големо и Мало. Од север котлината е заградена од планината Бигла, од запад од Галичица, од југ од Сува Гора и од исток од Баба. Северната страна на областа лежи во Република Македонија, се нарекува Горна Преспа и го опфаќа поголемиот дел од територијата на општината Ресен. Јужната страна ја опфаќа Долна Преспа, која е разделена на Мала Преспа, на чија територија се албанската општина Пустец, и Голема Преспа, на чија територија лежи грчката општина Преспа и јужниот дел на општината Ресен со селата Долно Дупени, Наколец, Брајчино, Љубојно, Штрбово, Крани, Сливница, Претор, Курбиново, Асамати, Рајца и Грнчари
Преспанската Котлина од сите страни е обиколена со високи планини: на исток е планината Баба со највисокиот врв Пелистер (2.601 м), на север Бигла (1.933 м), на запад Галичица (2.255 м) и на југ Горбеч (1.750 м). Самата котлина неприродно е поделена помеѓу три држави, најголемиот дел ѝ припаѓа на Република Македонија, а другите делови се во Република Грција и Република Албанија. Во котлината се наоѓаат две езера: Големо и Мало Преспанско Езеро Во водите на Големо Преспанско Езеро се наоѓа тромеѓата на македонската – грчката и албанска граница.
Видринец – најмалиот преспански остров
Видринец (грчки: Βιδρονήσι; Видрониси) е мал остров во областа Голема Преспа, Егејска Македонија. Сместен е во Мало Преспанско Езеро, денес во состав на општината Преспа на Леринскиот Округ, Егејска Македонија. Островот е ненаселен и се наоѓа околу еден километар од брегот на селото Л’нки. Недалеку од него, посеверно во езерото, се наоѓа доста поголемиот и попознати остров Свети Ахил. На Видринец се наоѓа запустената Видринечка црква (13-14 век), а целиот остров зафаќа три хектари. Климата е умерена. Просечната годишна температура е 10 степени. Најтопол месец е јули, со просечна температура од 22 степени, а најстуден е јануари, со -2 степени. Просечното годишно количество врнежи изнесува 1.001 мм. Најмногу врнежи има во февруари, со просек од 114 мм, а најсув е август, со 33 мм. На островот се гнездат птици од разни видови, кои се единствените негови жители. Често можат да се видат јата корморани и пеликани, својствени за целиот преспански крај.
Видринечка црква
Видринечката црква е средновековна црква на малиот преспански остров Видринец во атарот на селото Л’нки, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија. Изворно ѝ припаѓала на Охридската архиепископија. Црквата е изградена во 13-14 век. Денес е во урнатини. Во 1987 г. нејзините остатоци се прогласени за споменик на културата.

Л’нки
Л’нки или Л’нги, познато и како Лок (грчки: Μικρολίμνη, Микролимни, до 1928 г. Λάγκα, Лага), е село во Преспанско, Егејска Македонија, денес во општината Преспа на Леринскиот Округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението опфаќа 40 жители (2211), кои и денес се исклучиво Македонци. Селото се наоѓа на источниот брег на Мало Преспанско Езеро, во подножјето на планината Корбец, односно Богданица и Гуменџа. Список на позначајните топоними во Л’нки и неговата околина: Бушкани, Врба, Горбец, Глуваро, Граиште, Дупките, Елевчињата, Зиморчето, Ливадје, Лочица, Малоа Ливаичка, Меризо, Меркурија, Присо, Света Петка, Селце и Слого.
Мало Преспанско Езеро
Мало Преспанско Езеро се наоѓа во Егејска Македонија (денес Грција) и Република Албанија. Мало Преспанско Езеро се наоѓа во Преспанската Котлина, на југ од Големо Преспанско Езеро. Поделено е меѓу Грција (43,5 км2) и Албанија (3,9 км2). Водниот слив на езерото изнесува 189 км2 – 138 км2 од нив во Грција и 51 км2 во Албанија. Езерото е дел од природниот парк Преспа, создаден од владите на Република Македонија, Република Грција и Република Албанија. Езерото ја добива водата од неколкуте реки што се влеваат во него. Најголема од нив е Стара Река (Палиорема или Агиос Германос), но во 1936 година таа е насочена во правец на Големо Преспанско Езеро, каде што се влева и денес. Неколку години по тоа е ископан и канал, кој ги поврзува обете преспански езера. Изградена е врата, со која се регулира нивото на водата. Архивирано на 13 мај 2007 г. Во 1953 година при исушувањето на езерото Малик кај Горица (Корча), Албанија, реката Девол е поврзана со канал со езерото. Како резултат на тоа денес јужниот дел на езерото е во голема мера загаден со ерозивен материјал, обраснат со трска и личи на блато. Зимно време езерото замрзнува. Повисоко е за три метри од Големо Преспанско Езеро, но нивото на водата се менува. На тоа укажува античката населба Лика на островот Свети Ахил, која денес речиси целата е потопена под водата. Д.Ст.
