На 7 јули (Иванден) 2004 година, на пат кон родниот Прилеп, ненадејно, во 64-та година од животот, почина д-р Димитар Димески, редовен професор во Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој замина ненадејно, но зад себе остави импозантни дела, достојни за респект. Тоа му обезбеди високо место во македонската историографија. Тој беше врвен познавач и истражувач на македонското револуционерно националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век
Повод: 21 година од смртта на проф. д-р Димитар Димески
Деновиве се навршуваат 21 година од смртта на проф. д-р Димитар Димески, кој со својата дејност пополни значајна празнина и го осветли минатото на македонскиот народ во периодот од крајот на 19 век до Балканските војни. Тој ја проучувал историјата на македонското револуционерно ослободително движење од илинденскиот период. Објавил над 200 библиографски единици. Автор е на 10 монографии. Бил раководител на Институтот за историја и на Советот на постдипломски студии. Бил член и претседател на повеќе редакции на научни списанија и зборници, дописен член на ДНУ во Битола (1983) и ДНУ во Прилеп (1984).
Низ врвиците на македонската историографија
Роден е на 28 септември 1940 година во Прилеп, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје на 28 септември 1964 година. На 1 април 1966 година започнал да работи како асистент по предметот Историја на македонскиот народ – нов век на Институтот за историја при Филозофскиот факултет. Докторирал на темата „Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893-1903 г.)“ на 9 мај 1979 година. Истата 1979 година е избран за доцент, a во јануари 1985 година за вонреден професор. Во 1990 година д-р Димитар Димески е избран за редовен професор по предметот Историја на македонскиот народ – нов век. На тоа звање го затече смртта.
Творечкиот опус на професорот Димитар Димески го сочинуваат повеќе од 200 библиографски единици. Најголемиот дел од нив е посветен на македонскиот илинденски период. Во оваа бројка влегуваат и 10 монографии. Неговата прва капитална монографија „Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893-1903 г.)“ е објавена во 1981 година. Книгата веднаш беше исцрпена и следната 1982 година доживеа второ издание. Во 1982 година за ова дело професорот Димески ја доби престижната републичка награда „Гоце Делчев“, која ce доделува како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката.
Во 1988 година професорот Димески ја објави својата прва монографија посветена на македонскиот револуционер, визионер, идеолог и предводник на македонското револуционерно националноослободително движење – Гоце Делчев. Во следната, 1989 година за ова дело доби наградата „9 септември“ на градот Прилеп. Оттогаш почна неговата серија изданија за Гоце Делчев, кои перманентно беа научно дополнувани речиси до совршенство. Последната книга за Гоце Делчев ce појави во 2003 година, по повод стогодишнината од загинувањето на Гоце Делчев. Едно од изданијата за Гоце Делчев професорот Димески го објави на англиски јазик, со што Делчевото дело стана достапно за светската јавност. Во меѓувреме, во 1993 година ја објави монографијата „Аферите во Битолскиот вилает 1895-1903“.
На стогодишнината од смртта на Гоце Делчев, Димески објави јубилејна монографија за овој великан на македонското револуционерно движење. Во текот на презентацијата на ова дело Димески истакнал: „Делото што Гоце Делчев им го остави на генерациите, македонскиот народ го прегрна како свое културно наследство. На денешен ден – понеделник, пред сто години и еден ден, загина големото чедо на овој достоинствен народ. Денеска, едновековната дистанца дозволува да се објективизираат животот и делото на Гоце Делчев. Ние мора да ги истакнеме неговата етичност и едукативност и што повеќе да ги доближиме до вистината неговиот живот и дело“.
Беше голем македонски патриот, бескрајно ја сакаше историјата на македонскиот народ
Покрај споменатите монографии, проф. д-р Димитар Димески објави многу научни прилози, кои ce застапени на страниците на списанието „Историја“; во Гласникот на Институтот за национална историја; Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје; потоа во списанијата: „Современост“, „Разгледи“, „Стремеж“; во зборникот трудови на Друштвото за наука и уметност – Прилеп; Зборникот трудови (ДНУ-Битола); во „Просветно дело“, „Културен живот“; во Југословенски историски часопис; потоа во повеќе зборници за Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Даме Груев, Прилеп и Прилепско; како и во разни зборници од повеќе научни симпозиуми.
– Творечкиот опус на професорот Димески поседува високи научни вредности. Неговите дела пред сѐ ги карактеризираат следниве особености: темелност, сестраност, педантност, богата акрибија, неверојатна смисла за синтеза и анализа, критички пристап кон изворите и литературата, специфичен јазик и стил, концизна мисла и оригинален методолошки пристап. Притоа, тој поседува неверојатна интуиција. Оттука, еден наш академик со право Димески ќе го нарече „педантен истражувач“. Творечкиот опус на професорот Димески претставува цврста и неодминлива појдовна база за понатамошните проучувања за многу прашања, пројави, процеси, настани и личности од илинденскиот период. Тој создаде препознатлива историографска школа, која ќе продолжи да ce негува и развива – вели проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Проф. Димески поседуваше високи педагошки квалитети, доблести и одговорност. Неговата редовност и точност на часовите и вежбите едноставно восхитуваа. Студените и колегите од Институтот за историја не паметат тој да изгубил час или, пак, да задоцнил. Неговите предавања беа темелни и сестра- ни, врз цврста научна заснованост. Беше строг и беспрекорно принципиелен прво кон себе, a потоа кон другите. Секогаш беше правичен и со изострени критериуми го вреднуваше квалитетот. Кај него не постоеше пристрасност.
– Проф. д-р Димитар Димески беше голем македонски патриот. Бескрајно ја сакаше историјата на македонскиот народ. Меѓутоа, неговиот оптимистички дух беше насочен кон иднината на современата македонска држава. Тој го сакаше животот, сакаше да ce дружи, иницирајќи разновидни поводи. Поради својата скромност, среќата ја доживуваше во едноставните работи и успехот на другите. Ги сакаше техниката, електрониката, филмот, музиката, литературата и поезијата. Hе случајно пензионерските денови планираше да ги помине во Охрид, во древниот центар на македонската цивилизација и култура. Ликот и делото на проф. д-р Димитар Димески ќе останат длабоко врежани во македонската историографија. Институтот за историја при Филозофскиот факултет беше горд што имаше таков колега. Неизмерна е нашата благодарност за cѐ што стори за нас и за македонската историографија – нагласува проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Делата на професорот Димески сѐ уште се живи
Васко Гичевски, историчар што дипломирал на Филозофски факултет – Институт за историја во 2020 година, како и првенец на генерација и носител на наградата „26 јули“ за покажан особен успех во студирањето, вели дека во неговиот живот значајно место зазема книгата „Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает 1893- 1903“ од Димески.
– Кога како дете од 11 години првпат ја отворив, не можев ниту да сонувам дека еден ден ќе дипломирам кај неговиот ученик проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев. Книгата е обемна и е една од книгите што до денес се ненадминати, пред сѐ со научниот метод и убавината на пишаниот збор. Лесно се воочува обемноста на ползуваните извори, бројот на фусноти, безмалку секој збор е поткрепен со соодветна референца. Таа школа е уште жива. Безмалку истиот принцип на пишување ќе го сретнете кај сите негови студенти, но и кај студентите на неговите студенти. Професорот Ванчо Ѓорѓиев како верен продолжувач на потфатот на проф. Димески и нам ни ја всади таа навика, секој збор во писанијата ни да биде поткрепен, притоа истиот тој да е остар но и убав – вели Васко Гичевски.
Според овој млад историчар, делата на проф. Димески сѐ уште се живи, особено користени и цитирани, тие се темел на сето она што подоцна се возроди како научен труд за овој конкретен период. Во тој контекст е и ова навраќање, колку да се сетиме дека ние стоиме врз рамената на џиновите од минатото. Д.Ст.