„Опасноста, коiа угрожаат на нашиiот народ и негоите интереси от страна на пропагандите, коiи шчо употребуваат сите и дозволени и недозволени средства, за да исчистат од Македониiа нашиiот iазик и со него нашите дуовни интереси и да насадат на нивно место нивните iазици со нивни интереси, не само не задолжуат нас, но и ни даат полно прао да употребиме сите и дозволени и недозволени стредства, за да сочуаме нашиiот народен iазик, и со него нашите народни интереси“. Оваа знаменита мисла на еден од основоположниците на македонизмот Крсте Мисирков од неговата книга „За македонцките работи“ од 1903 година одекнува како моќна и вонвременска порака и сега, спроти расправата на пленарната седница на Европскиот парламент за предлог-извештајот на Томас Вајц за Македонија, во кој од петни жили деновиве Софија и Атина работеа од Извештајот да се избришат македонскиот идентитет и јазик. Мисирков уште пред 122 години повика на жестока борба за да се спречи „насадување“ на бугарскиот јазик и бугарските интереси во Македонија со „сите дозволени и недозволени средства“, затоа што „македонскиот јазик е душата на македонскиот народ“, кажано со речникот на Мисирков
Во пресрет на денешната дискусија и утрешното гласање во Европскиот парламент (ЕП) за Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ од работната група на Томас Вајц
Жестоки антимакедонски лобирања на Софија и на Атина со широка палета на форми и методи, со стравотни притисоци, но и со верувања за „мед и млеко“, доколку во Извештајот на Вајц европарламентарците гласаат да „исчезнат македонскиот идентитет и јазик“. Но, за издвојување е и жестоката реакција на Македонија што го спречи подмолниот бугарски обид во актот на австрискиот известител за Македонија македонскиот јазик да се прикаже како „модерен“, а со тоа и македонскиот народ, што ќе значеше и дека немаат никакви корени.
Историски аманет: Со полно право и со сета сила во мисија на спротивставување на деноминирачките методи на Софија и Атина
Мисирков е многу јасен: како што ги употребуваат напаѓачите сите и дозволени и недозволени средства врз македонскиот јазик и македонските национални интереси, обврска има и македонскиот народ да ги искористи исто така сите средства за да се заштити себеси, својот јазик и своите интереси! Кажано со речникот на Мисирков, штом Бугарија во овој момент, користејќи ја „европската пропаганда“, односно прикаските за македонската евроинтеграција, се обидува по секоја цена да ги „исчисти“ од Македонија македонскиот јазик и македонските интереси и на нивно место да ги „насади“ бугарскиот јазик и своите бугарски интереси, тогаш ова им дава полно право на Македонците со сета сила и со сите средства да се спротивстават на ваквата опасност.
Инсистирањето за бришење на македонскиот идентитет и јазик во документот на Томас Вајц е само еден од многуте бугарски напади врз сѐ што носи идентификациски предзнак – македонски, во континуитет повеќе од еден век. Опасноста на која посочувал уште во своето време Крсте Мисирков е истата опасност и денес.
Крсте Мисирков во „За македонцките работи“ нагласува: „Нiе имаме и прао, осем долгот, да браниме нашиiот iазик и тоа прао ни iет свешчено. Секоi, коi шчо напаг’ат на нашиiот iазик, ни iет…наш неприiател…. Верата и iазикот, тоа сет душата на iеден народ“. Борбата за македонскиот јазик е и борба за душата на македонскиот народ, зашто прикажувајќи дека „македонскиот јазик и идентитет имаат историски бугарски темели“, Бугарите денес водат борба не само за бугаризација на Македонија туку и за бугаризирање на душата на македонскиот народ.
Авторот на „За македонцките работи“ уште пред 122 години има кажано: „…iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во коiе се закл’учуваат, отпечатени во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осек’аiн’а и сакаiн’а, со коiи имат живено и живит iеден народ и коiи се предаваат, као нешчо свето от iедно поколеiн’е на друго. Да сочуат некоi своiот народен iазик и да го бранит као светиiн’а, значит, да останит он верен на дуот на своiите предедовци и да уважаат се, шчо имаат они напраено за своiето потомство. Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух. Со тоа само се обiаснуат сакаiн’ето и усилиiата на покорителите, да напраат покорените, да се откажат от своiот iазик и да изучат на негоо место нивниiот; исто така со тоа се обiаснуат упортството на покорените народи да сочуваат сето своiе духовно народно наследство, а особито iазикот“.
Историјата нѐ учи дека ниту Софија ниту Атина ќе запре овде
Македонскиот јазик е основното и најголемо духовно богатство на македонскиот народ, зашто во него се втиснати митовите, народните приказни, народните песни, гатанките и пословиците, македонското колективно и индивидуално паметење, македонските песни, сета духовност и национална психологија и постигања на овој народ низ сите векови и илјадалетија на неговото постоење на Балканот. Ова е она што сакаат да го избришат и Бугарите и Грците. Затоа Бугарите сакаат да стават жиг „модерен“ пред денешниот македонски јазик и идентитет, за да се „ампутираат“ сите корени и врски со минатите македонски поколенија. Зборовите на Крсте Мисирков мора да се земат со сета сериозност како предупредување дека Бугарите ќе продолжат со своите напади врз македонскиот јазик и идентитет и по утрешната седница на европските парламентарци.
Крсте Мисирков предупредува во „За македонцките работи“ што значи за еден народ ако дозволи некој да му го смени неговиот народен јазик: „Но, ако iеден народ изменуат своiот iазик и своiата вера во iедно касо време и под силно чуздо влиiаiн’е, сам без сознааiн’е однесуаiк’и се кон таiа измена, то он се откажуат от сам себе и от негоите интереси и предаат и себе и ниф на iеден по силен народ, коi шчо ке постапит со него и ниф, како шчо ке му се заблагорасудит. Значит, да се откажит iеден народ от своiот iазик, се велит, да се откажит он и от сам себе и своiите интереси; се велит, да престанит да гледат на себе со своiи очи, да судит за себе и за друзите со своiот ум и разум, а да чекат укажаiн’е за сé от страна. Iеден народ, коi шчо изгубил своiот iазик, мiасат на iеден чоек, коi шчо изгубил патот и не знаiит oт каi идит и каi одит, и коi шчо не знаiит, зашчо одит вамо а не онамо или тамо“.
Дали ќе дозволат Македонците денес самите на себе да почнат да гледаат со „бугарски очи“, дали ќе прифатат укажување за сѐ и сешто од Софија, Атина и Брисел или ќе се спротивстават уште посилно на обидите други да им го одредуваат нивниот пат, да им велат дека „нивната судбина треба да се решава во Софија, Атина и Брисел?
Во својата знаменита студија за македонизмот, Крсте Мисирков посочува дека Бугарите сите усилби ги чинеле уште од тогаш „да се решит македонцкото прашаiн’е само во бугарцка полза; то iет да се создаит iедна ‘Бугарцка Македониiа“. Тој притоа говори за „бугарцкиот маневар“ на оние што „се величат како ‘бугари“. „Бугарцки маневар“ беше борбата на европарламентарците против меѓународното признавање на идентитетот и јазикот и идентитетот на македонскиот народ, но мора да сме свесни дека по овој ќе следуваат и други „бугарцки маневри“, нови напади на официјална Софија, нови барања да се исполнат барањата од Добрососедскиот договор, од неговите протоколи и Преговарачката рамка.
Мисирков уште во 1903 година има напишано дека уште тогаш европските држави не биле многу заинтересирани да помогнат да се реши правилно македонското прашање и да им се дозволи, да им се помогне на Македонците да добијат национална слобода и право да создадат своја самостојна македонска држава. Дали ја согледуваме сличноста на однесувањето и на денешнава политичка Европа и ЕУ кон Македонија и македонскиот народ исто како и на онаа политичка Европа од времето на Мисирков?!
Мисирков вели: „…имаме морално прао да бараме от европеiцките праителства да гледаат на работите во Македониiа со македонцки очи.. прао да бараме от престаителите на европеiцките држаи во Македониiа точно и беспристрасно да осветл’уат своите праителства и европеiцкото обшчествено мнеiн’е за работите во Македониiа“.
Но, дали оваа политичка Европа, олицетворена во ЕУ, ќе почне да гледа на Македонија со „македонски очи“, а помалку со „бугарско-грчки очи“ ќе зависи од нас самите. Тоа ќе биде обврска на македонската дипломатија уште поенергично да се бори за ширењето на македонската вистина низ Европа. Ставовите и предупредувањата на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“ треба да се имаат постојано предвид во периодот што следува.
Свето Тоевски