Мачките имаат репутација дека се резервирани, но ако вие и вашиот миленик не се согласувате, можеби едноставно не го зборувате неговиот јазик. Не грижете се – студија од 2020 година покажа дека не е толку тешко да се научи. Само треба да им се насмевнувате повеќе. Не на човечки начин, покажувајќи ги забите, туку на мачешки начин, стеснувајќи ги очите и трепкајќи полека.
Набљудување на интеракциите мачка-човек
Набљудувајќи ги интеракциите мачка-човек, научниците потврдија дека овој израз на лицето ги тера мачките – и познатите и чудните – да им пристапуваат на луѓето и да бидат поприемчиви кон нив.
– Како некој што го проучувал однесувањето на животните и е сопственик на мачка, можам да кажам дека мачките и луѓето можат да комуницираат на овој начин – рече Карен Мекомб, психолог на Универзитетот во Сасекс.
Ако сте поминале време околу мачки, веројатно сте го виделе нивниот израз на лицето кога имаат полузатворени очи и бавно трепкаат. Слично е со на начинот на кој луѓето ги стеснуваат очите кога се насмевнуваат и обично се случува кога мачката е опуштена и задоволна. Изразот се толкува како еден вид мачкина насмевка. Анегдотски докази од сопственици на мачки сугерираат дека луѓето можат да го копираат овој израз за да им кажат на мачките дека се пријателски расположени и отворени за интеракција. Затоа, тим психолози дизајнираа два експеримента за да видат дали мачките се однесуваат различно кон луѓето што трепкаат бавно.
Во првиот експеримент, сопствениците полека трепкале кон 21 мачка од 14 различни домаќинства. Откако мачката се сместила и се чувствувала удобно во својот дом, на сопствениците им било кажано да седнат на околу еден метар оддалеченост и полека да трепкаат кога мачката ќе ги погледне. Камерите ги снимале лицата и на сопственикот и на мачката, а резултатите биле споредени со тоа како мачките трепкале без човечка интеракција. Резултатите покажале дека мачките имале поголема веројатност полека да трепкаат кон своите луѓе откако нивните луѓе полека трепкале кон нив, во споредба со состојбата без интеракција.
Прва студија што експериментално ја истражува улогата на бавното трепкање
Вториот експеримент вклучуваше 24 мачки од осум различни домаќинства. Овој пат, не беа сопствениците тие што трепкаа, туку истражувачите, кои немаа претходен контакт со мачката. Како контрола, мачките беа снимени како реагираат на состојба без трепкање, во која луѓето гледаа во мачките без да трепкаат. Истражувачите го извршија истиот процес на бавно трепкање како во првиот експеримент, со додавање испружена рака кон мачката. И открија дека мачките не само што почесто возвраќаат со трепкање туку почесто се приближуваат кон човечката рака откако лицето ќе трепне.
– Оваа студија е прва што експериментално ја истражува улогата на бавното трепкање во комуникацијата мачка-човек – рече Мекомб.
Мачките, на пример, реагираат на ист начин на луѓето што се приемчиви кон нив – па ако мислите дека мачките се резервирани, тоа може да биде проблем кај вас, а не кај вашето маче. Слично на тоа, мачките ги одразуваат особините на личноста на луѓето со кои живеат – ова може да биде поврзано со тоа зошто мачките реагираат кога нивните луѓе се тажни. Тие исто така можат да ги препознаат своите имиња. А нивните врски со луѓето се изненадувачки длабоки.
