Во спомен на писателот Цане Андреевски
Тоа дете живееше во еден голем град. Можеби некому му раскажувало што му се случи ова лето. На тие што не им кажало, јас ќе им раскажам.
Дојде лето и фатија големи горештини. Сонцето пече ли пече. Постарите луѓе пиеја пиво, а децата малина и лижеа сладолед. Голема горештина! Нема што: луѓето и децата се разладуваа, а и што друго може да се прави?
Мајка му и татко му на Ристе, така се викаше тоа дете, решија да го испратат кај баба му на село, зашто, како што му велеа, таму немало големи горештини и тој ќе се поправел.
Решено – сторено. Со една роднина од село, се качи Ристе на возот и по два-три часа ете ти го в село.
Баба му не можеше да му се нарадува. А пак дедо му за да го нагости, извади мед од улиштата. Ристе гледаше како дедо му го вадеше медот и тоа му се стори многу лесна работа. Медот го стопија и го кладоа в грне. Секое утро баба му му даваше мед на Ристета.
Сѐ ќе беше добро ако едно утро Ристе не се сетеше дека и тој би можел да извади мед од улиштата. Беше сончево утро и пчелите одамна беа започнале да работат. Едни излегуваа и одеа кон полето, да бараат цветови. Други се враќаа. Ристе сакаше сите пчели да ги напади в поле, па тој да може спокојно да вади мед. Затоа, зеде една прачка и со неа почна да буричка во едно улиште. Но пчелите не мислеа како него. Тие осетија дека некој ги напаѓа и многу од нив излетаа надвор, па почнаа да се вртат околу Ристе. Нивното зуење му ги заглуши уште. Но тој сѐ уште не се тргаше. Тогаш две пчели го каснаа: едната по челото, а другата во десната нога. Од болка Ристе писна и почна да бега.
Пчелите летнаа по него да го гонат. Дури кога влезе во собата при баба си, се спаси од нив. Баба му се зачуди зошто плаче нејзиното внуче и загрижено го праша:
– Што ти е Ристе? Кој те тепаше? Да не си паднал некаде?
А Ристе од плач не можеше да одговори, но најпосле почна да вика:
– Боли, бабо, боли! Пчелите… пчелите ме укасаа…
Навистина и баба му виде дека пчелите го укасале, па ги извади осилата, бргу излезе надвор, донесе зелени ливченца од босилек и со нив ги натри укасаните места. Тогаш му рече:
– Ти си ги задирал пчелите. Мирните луѓе тие не ги касаат.
– Не бабо, не сум ги задирал, туку сакав само да извадам малку мед.
– Ех, ти, бабино внуче, зарем ти ќе вадиш мед?
– А дедо како вади?
– Дедо ти кога вади мед, тој е мирен и не ги задира пчелите, а ти којзнае што си им правел?!
Ристе и не помислуваше веќе сам да вади мед. Полесно му беше да си касне мед од бабиното грне.
(Од книгата „Јаготки“ од Цане Андреевски)
За авторот
Во саботата почина Цане Андреевски (95), прозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, кој со своето творештво ќе остане запаметен како „поетот на добрината“.
Роден е во 1930 г. во Кратово, каде што завршува основно училиште, додека Учителска школа и Филозофски факултет завршува во Скопје. Како помлад новинар учествува во уредување списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминува во Радио Скопје, каде што долги години е уредник на Културната редакција и заменик-директор.
Неговите авторски инспирации беа широки. Од творештвото за деца ќе останат запаметени збирките поезија „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989); расказите за деца „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005); од поезијата за возрасни: „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски“ (1982). Во 2007 година стана еден од првите македонски поети што се испроба и во хаику-поезијата преку збирката „Дождот“. Особено значаен се смета неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин.
Цане Андреевски е добитник на наградата „Кочо Рацин“, на РТВ Скопје на „Струшките вечери на поезијата“, како и на „Книжевен жезол“ во 2016 година.