БАЛКАНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ЗА ДЕЦА ВО „КОЛИБРИ“: НИКОЛА ШИМИЌ ТОНИН (ХРВАТСКА)

Никола Шимиќ Тонин е роден во 1962 година, во Црквице, Зеница, БиХ, а живее во Драга, Пакоштан, во Хрватска. Тој е поет, раскажувач, драмски писател, автор за деца, учебникар, есеист, книжевен, драмски и ликовен критичар. Автор е на голем број дела од различни книжевни жанрови, но овде ќе ги споменеме неговите книги за деца, како што се: „Кралство во капка роса“, „Преселници и станари“, „Кралскиот златен кафез“ (прва класична хрватска двојазична сликовница на хрватски и на ромски јазик) и најновата „Сонуваме во боја“.
Oвој писател ја напишал својата прва песна кога бил второ одделение.
– Детето сака да го осознава светот што го опкружува и покажува голема љубопитност за секој книжевен збор, без разлика дали е проза или поезија. Од него не можеме да очекуваме да се определува кон вредностите, но не можеме да го прескокнуваме неговото мислење. Детето треба да се одгледува во духот на писменоста и љубовта кон читањето, усвојувањето нови зборови низ морфологијата и синтаксата, на тој начин збогатувајќи го својот личен светоглед – вели нашиот гостин писател Никола Шимиќ Тонин.
Тој е добитник на голем број награди, а ќе споменеме само некои: „Грбот на градот Книн“, наградата на Малиот сплитски фестивал за текстот „Зошто е тажен Петар Пан“, „Книжевно перо“ за роман на годината, награда за хаику во Италија, признание за книга на годината… Во Македонија е награден со наградата „Струшко слово“ во 2018 г., за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации, а неговата книга „Англиска рамка за ахмиќка слика“ е објавена на македонски јазик. Годинава фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ му ја додели на Никола Шимиќ Тонин меѓународната награда „Гоцева мисла“.
Неговата континуирана соработка со македонската книжевна сцена ја потврдуваат и наградата „Ацо Караманов“ во 2023 и наградата „Мозаик“ од Битолскиот книжевен круг. Годинава се очекува на македонски јазик да биде објавен неговиот роман „Маало“ во превод на Филип Димкоски.


СРЕЌА

Среќата има среќно и насмеано лице. Среќно детство… Има здрави заби, сестра и брат, мајка и татко. Го има секое живо суштество на Земјата што сака да ја следи неа.
В училиште среќата ги има сите петки, а тренира и гимнастика. Ги тренира сите знајни и незјани спортови. Поканета е на сите родендени, на сите можни случувања. Среќата секогаш има пари за сладолед и за кино секој четврток. Среќата никогаш не е несреќна.
Среќата никогаш не доцни и никогаш не шлапка во калливи вирчиња. Наоѓа многу нешта, а не губи ниту една дреболија.
Среќата не живее таму каде што ние одредуваме дека треба да живее, таа најчесто се населува таму каде што најмалку очекуваме, па затоа е толку тешко да се задржи, та дури и како потстанар. Среќата е на улица во еден миг, еден трепет на окото, со сите свои работи, со насмевка, со расположение, со полетност…
Среќата секогаш ја чекаме, наместо да ја довикуваме сами. Секогаш мислиме дека треба да се поклопат сите стрелки на сите часовници во светот за да дојде таа, но вистината е сосема поинаква: таа многу сака да дојде кога е поканета и со задоволство другарува со нас. Треба да ја поканиме.
Мојата среќа живее во моето семејство, во нивната безусловна љубов и поддршка, во расправиите и во шегите.
Мојата среќа живее кај моите пријателки и пријатели, во нашите прошетки разговори и во поделеното парче пица.
Мојата среќа живее во исполнувањето на моите соништа, живее во мигот додека одам на час, а на улица нема никој, мирисаат топлите печива од пекарниците и ги слушам само моите чекори и движењето на комбињата за достава.
Некогаш, животот ги руши сите мостови на пријателството меѓу среќата и животот, но треба да се знае дека среќата секогаш лебди некаде во близина и срамежливо го чека нашиот повик.
Со својата достапност, нам ни се чини уште подалечна.
Но, сепак, треба да се охрабриме, да ја поканиме макар на сокче, па којзнае, можеби од наша познаничка ќе стане наша пријателка за цел живот.

Никола Шимиќ Тонин

Превод од хрватски на македонски
јазик: Филип Димкоски