Бесценет камен во лингвистичкото богатство на полските македонисти

Повод: 24 години од смртта на истакнатиот полски славист и македонист Кажимјеж Фелешко

Деновиве се навршија 24 години од смртта на истакнатиот полски славист и македонист Кажимјеж Фелешко, еден од големата низа полски македонисти, кој има дадено драгоцен придонес кон меѓународните студии на македонскиот јазик третиран како засебен јазик во семејството на јужнословенските јазици. Оваа годишнина е повод за осврнување на неговото научното творештво, но и на цела една голема низа други исто така истакнати полски македонисти, кои повеќе децении во континуитет се вклучени во студиите за македонскиот јазик, во македонистиката во Полска, а со тоа и во широката меѓународна афирмација на македонскиот јазик.
Кажимјеж Фелешко имал напишано повеќе од 130 научни студии и трудови, меѓу кои дел е посветен и на граматичката структура на македонскиот јазик. Тој е роден на 18 септември 1939 година во Черњовице, Татранска Буковина, која ѝ припаѓала на Полска, а денес се наоѓа во Украина. Сета своја научна кариера професорот д-р Кажимјеж Фелешко ја поминува во Славистичкиот институт на Полската академија на науките и во Институтот за словенска филологија на Варшавскиот универзитет. Неговите интереси се свртени кон јужнословенските јазици и односите меѓу полскиот и германскиот јазик.
Од големо значење се неговите трудови од областа на полско-македонските јазични соодноси, посветени на: дистрибуцијата на глаголите е/има – byc/miec, на безличната реченица во македонскиот јазик, за категориите вид и време кај македонските претеритни форми, за временските реченици во македонскиот јазик, за подредената реченица во македонскиот јазик и друго.
Фелешко прекрасно го познавал меѓу другите јазици и македонскиот јазик, како говорниот така и неговата структура. Особено е за обележување фактот дека овој полски македонист работел во Полската академија на науките врз македонската синтакса во периодот од 1962 до 1967 година. Умира на 3 јули 2001 година.


Сопругата на Кажимјеж, Ева Жетелска-Фелешко, искрен пријател на Македонија и познавач на македонскиот јазик

Паралелно со истакнувањето на драгоцениот придонес на Кажимјеж Фелешко кон македонскиот јазик и македонистиката треба да се има предвид еднакво вредниот придонес и на неговата сопруга Ева Жетелска-Фелешко (1932- 009), полска лингвистика, македонистка и славистка. Таа и нејзиниот сопруг Кажимјеж биле нарекувани „големите пријатели на Македонија и македонскиот јазик“.
Ева Жетелска-Фелешко е авторка на 11 монографии и на повеќе од 340 научни труда од областа на дијалектологијата, ономастиката и историјата на словенските јазици, меѓу кои одреден дел се однесува и на македонскиот јазик. Таа настапувала повеќепати, исто како и нејзиниот сопруг, со реферати на научната конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Од големо значење се и серија нејзини научни трудови за македонскиот јазик, објавувани во списанието „Славистички студии“ на Катедрата за славистика на Универзитетот УКИМ во Скопје, а особено во научното списание „Македонски јазик“ на Институтот за македонски јазик во Скопје.
Од 1972 до 2004 година Ева била раководителка на Одделението за ономастика при Полската академија на науките, а од 1990 до 1996 била директорка на Славистичкиот институт, исто така при Полската академија на науките. Ева Фелешко била активен член на повеќе меѓународни истакнати организации, како што се Меѓународниот комитет за ономастика (ИЦОС), Интернационалното друштво за дијалектологија и геолингвистика, Меѓународниот славистички комитет итн. Со свои значајни трудови има учествувано на повеќе од 30 меѓународни научни конгреси и конференции. Нејзиното учество беше забележително и на југословенските ономастички конференции што се одржуваа од 1970-тите до 1990-тите години во тогашна Југославија. Ева Жетелска–Фелешко насекаде ги презентирала своите истражувања на полето на македонистиката, со што заедно со Кажимјеж била заслужна и за меѓународната афирмација на македонскиот јазик, наспроти сите обиди за негово негирање од бугарските политичари и грчките политичари и научници.


Македонистиката – врвен предизвик за полската филологија

Интересот на полската филологија за македонистиката датира уште од пред Втората светска војна и од пред кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Потврда за тоа се научните трудови на професорот Мјечислав Малецки, кој, работејќи на терен, се интересирал за македонските дијалекти, особено за дијалектите од солунскиот крај. Како што ќе посочи и Блаже Конески, Малецки уште тогаш ги согледува специфичностите на македонската дијалектна група. Малецки во еден од своите трудови во 1938 година нагласува дека во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, „тие не се ниту српски, ниту бугарски“, туку дека „повеќето од нив „му припаѓаат на индивидуален дијалект‘“, посочувајќи на македонскиот јазик. Неговите ученици ги удрија темелите на современата полска македонистика, при што особено е значаен влогот на професорот Збигнев Голомб, со неговиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, посебно во балаканолошка перспектива.


Полските македонисти заслужуваат трајна почит од Македонија и македонскиот народ

Полскиот професор и македонист Влоѓимјеж Пјанка, како автор на десетина авторски книги и стотина статии од потесна македонистичка област, е дел од таа серија полски македонисти што заслужуваат трајна почит од македонскиот народ, поради неговото научно дело, во кое исто така на категоричен и недвосмислен начин ја истакнува не само во Полска, туку во сиот научен свет самобитноста на македонскиот јазик и на народот што го говори тој јазик – Македонците.
Како редовен професор на Варшавскиот универзитет, Панка бил и првиот полски лектор на универзитетoт „Св. Кирил и Методиј“, но бил и редовен гостин на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Спротивставувајќи им се на бугарските негаторски тврдења околу македонскиот јазик, Влоѓимјеж Панка во едно интервју ќе каже за нив дека „немаат никаква научна логика“.
– Многу е важно тоа што прв лингвист во светот што собрал материјали од македонски дијалекти првпат во светот беше Мјечислав Малецки, кој објави книга под наслов „Два македонски дијалекта – Сухо и Висока во Солунско“. Тој беше доцент на Јагјелонскиот универзитет од Краков и ги објави двете книшки во 1932 и 1934 година, значи уште пред војната. Го сторил тоа кога други научници во околината и светот сметале дека тоа се дијалекти на бугарскиот јазик, на српскиот јазик, а никој не кажал јасно дека станува збор за посебни, македонски дијалекти – ќе нагласи категорично Панка.
Овој полски македонист ќе го каже во тоа интервју и следново: „Бугарите велат дека нема никаков македонски јазик. Како лингвисти бараме да ни покажат докази. На моето прашање за посебноста на македонскиот јазик тие ми одговараат: ‘Ние го чувствуваме духот на јазикот, тоа е истиот дух што го имаат луѓето во Македонија и кај нас’. Но, јас сум научник, сакам докази. Јас докажувам дека бугарскиот и македонскиот се два различни јазика“.


Тополињска: Бугарите ми ветуваа „неограничени можности“ за мене
ако се откажам од македонскиот јазик

Овој преглед за полските македонисти го заокружуваме со дел од ставовите и на академик Зузана Тополињска, која со своето монументално научно дело „Синтакса на македонските дијалекти во Егејска Македонија“ ја има придодадено во македонската научна ризница оваа бележита научна студија за македонските дијалекти во Егејска Македонија, која е едновремено и трајно автентично сведоштво за постоењето на македонскиот јазик во овој дел од неговата некогашна интегрална етнојазична територија.
Во интервју за „360 степени“ во 2020 година Зузана Тополињска се осврнала на контактите со бугарските колеги и нивните обиди да „интepвенираат“ таа да престане да го изучува македонскиот јазик. Тополињска изјавила дека во 60-тите години од минатиот век ја имала првата средба со бугарското негирање на македонскиот јазик. Таа ја издвојува средбата во тие години во едно одморалиште на Полската академија, на околу 30 км од Варшава, каде што, како што рекла, cпецијално ѝ пришол ректорот на Софискиот универзитет, со такси, за да ѝ ветува „општа среќа“ и сѐ што ќе посака и неограничени можности во Бугарија само за да се откаже од изучувањето на македонскиот јазик.
– Мене лично многупати директно ми го искомпликуваа животот Бугарите со фактот дека јас се занимавам со македонистика и го истражувам македонскиот јазик. И од тука ми дојдоа некои асоцијации како изгледале тие бугарски интервенции од самиот почеток, откога почнав да се занимавам со македонистиката. Мислам дека овие случки кажуваат многу, а мојот заклучок е дека пред сè кажуваат дека Бугарите се дотолку несигурни за праведноста на нивната позиција, што дури и една полска македонистка за нив претставува опасност. Па, тоа е циркус! – има кажано Зузана Тополињска.

Не изостануваа ниту закани од Бугарија

Во 2005 година професорката Лилјана Минова–Ѓуркова ќе изнесе уште еден вџашувачки момент: при доделувањето на почесниот докторат на науки на Станислав Гајда, полски филолог и македонист, од страна на Универзитетот УКИМ, Бугарите упатувале и ултиматуми не само на група македонски македонисти туку и на самиот Гајда, „да се откажат од Македонците и македонските дијалекти во Бугарија“! Ова Ѓуркова го напишала во соодветно полско списание во статија посветена на доделувањето на почесниот докторат на науки на Гајда, инаку полски филолог-македонист, како и член на Полската академија на науките.

Свето Тоевски