Дигиталниот век, вештачката интелигенција и туризмот

Туристичкиот потенцијал на Македонија

Почетокот на 21 век го означи преминот во дигиталната ера и времето кога за успешна економија се употребуваат расположливите ресурси преку модели за одржлив економски развој. Долгогодишното занемарување на туристичкиот потенцијал на Македонија ми дава за право да верувам дека е возможно и немање свест за значењето на постојните ресурси, сегашната состојба на културното наследство, и недостига потребното ниво на квалитет при управувањето со природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенција. Новиот век ги донесе сите потребни услови за спој на основните економски механизми за промоција со можностите што ги нуди дигиталниот свет. Технологијата веќе олеснува многу операции како во човековото секојдневие така и во научните, па и бизнис и маркетинг-дејства. Патниците и туристите преку интернет-мрежата веќе можат да избираат рути, односно патеки на движење, комбинации на места, храна, услови и што ли уште не. Едноставноста на сложената понуда е приемлива затоа што новите технологии се лесни за користење, што е навистина потребно за туристот од 21 век. Не само што можат да си разменуваат искуства и да оценуваат локации што ги посетиле, обрнувајќи внимание на целиот процес – од одлуката за резервирање, преку патувањето и квалитетот на престој, па до заминувањето од дестинацијата, туку можат и сами да си ги организираат патувањата, без ангажирање поголеми туристички оператори и агенции. Истовремено, преку достапните можности на новата технологија, можат да се читаат брошури и книги, да се разгледуваат фотографии, да се гледаат видеа, па дури и 3Д-презентации на различни туристички дестинации и атракции. Технологијата никогаш нема да го замени живото искуство, па затоа и маркетингот како научна дисциплина, неизбежно со маркетингот во туризмот еволуира според промените и тековите на пазарот, односно побарувачката и потрошувачката. Развојот на науката, технологијата, пазарот и свеста за екологијата го прават маркетингот на туризмот вистинска уметност, преку која ни се дадени можностите за претставување и прикажување на туристичките атракции и дестинации до потенцијални клиенти буквално низ целиот свет.
Можностите за прикажување одбрани содржини преку интернет, кои ги нуди новата технологија во размери несфатливи за до пред само една деценија, секогаш можат успешно да лансираат кампањи, програми, проекти и реклами, но новиот медиум – интернетот – не дозволува истите тие да го задржат вниманието на долгорочен план, особено не доколку не ги исполнуваат барањата на клучниот фактор на интернет – човечкото пребарување. Промотивните активности на туристичките дестинации што содржат туристички атракции бараат задолжително вклучување на древното знаење, односно традицијата, културата, материјалното и духовното културно наследство и пишаните, но и усно пренесените приказни, легенди и традиции. Содржинскиот маркетинг е неизоставен дел од долгорочната стратегија на туризмот, а овозможувањето поголема информираност преку модерните технологии е ресурс што треба да се употребува многу повеќе во споредба со почетокот на овој век. Освен официјалните интернет-страници, онлајн агенции за резервации и организирање на патувања, мобилни апликации и слични досегашни алатки употребени во туристичките кампањи, постојат уште многу предности на современата технологија што не само што ќе ја олеснат туку и целосно ќе ја променат маркетиншката работа во иднина. Многу музеи низ светот, а и во нашата блиска околина, користат слушалки за посетителите, на кои се емитува аудиоверзија на презентацијата за експонатите во музеите. Пишувањето блогови и создавањето видеоблогови им олеснуваат на туристите и потрошувачите при споделување на нивните искуства, а социјалните медиуми овозможуваат поврзување со луѓе со слични интереси од сите страни на светот.

Преносите во живо преку интернет, за кои новата технологија побарува само уред и добра интернет-врска, веќе се незаменлив дел на научните конференции и семинарите, а започнуваат да се користат и во туристички цели. Преносите на видео и аудио во живо преку интернет од посети на туристички дестинации и атракции стануваат важна алатка во промовирањето на туризмот. Создавањето тематски настани, поврзани со уметност, наука и култура, како и фестивали на кои се обележуваат локалната култура и традиција, заедно со можностите што ги нуди дигиталниот свет за нивно промовирање се идни ресурси што треба да се употребат за развој на туризмот. Способноста на машините – компјутерите на нашето време, ни овозможува да собираме, складираме, организираме и чуваме податоци на едно место, во многу поголеми количини и со поголем квалитет на безбедност за разлика од порано. Доколку ги споредиме можностите што ни ги нуди модерната технологија со достапните технолошки и технички ресурси од минатата деценија, ќе забележиме дека ресурсите за чување податоци и обработка на информации се достапни по неспоредливо пониски цени, со многу поголем квалитет. Забележливо е дека побарувачката за модерно спакувани и презентирани производи и услуги расте правопропорционално со развојот на можностите од новите технологии, што е слично со етапите на промени и развој во целата научна дисциплина маркетинг во 21 век. Како што напредува технологијата, се зголемува и човечкото искуство од нејзиното користење, со што се менува и начинот на употреба на модерните уреди и интернет-мрежата, но и побарувачката на пазарот. Искусните и „квалификувани“ потрошувачи што се потенцијални клиенти за „алтернативни“ туристички дестинации и атракции, во најголем број се со доволно купопродажно искуство, личен опит и образование за воопшто да не прифаќаат маркетинг-кампањи во кои отсуствуваат екологијата и општествената одговорност. Моделите на одржлив менаџмент се менуваат во зависност од стекнатото искуство на потрошувачите и предлагачите на пазарот каде што се применуваат, а модерните технологии веќе поставија параметри според кои и покрај едноставноста на нивното користење, за успешен маркетинг е потребно и поврзување со човечкото живо искуство на пазарот.

Во 2025 година веќе станува збор за избор кога се одлучува за начинот на кој туристичкиот продукт и/или услуга им се презентирани на потенцијалните и постојните потрошувачи. Иако поголемиот дел од пазарот упорно ги преферира „старомодните“ начини на информирање за туристичката понуда, она што го нуди модерната технологија е неверојатно и со неискористен потенцијал. Голем број луѓе што патуваат како туристи за да посетат региони со толку природно богатство и културно наследство како нашата Македонија, најчесто се многу добро образовани, ги владеат современите технологии, имаат искуство во патување во рурални предели и знаат да проценат квалитетна понуда. Можноста за пренос во живо на видео и звук преку интернет, што прави достапна информација до повеќе сетила на потенцијалниот потрошувач што во времето на примање на таа порака се наоѓа некаде, буквално каде било во светот, е првиот ресурс што треба и мора да биде искористен во полза на развој на руралниот и културниот туризам. Пејзажите, екстремните патеки, природните убавини и многу други ресурси, дестинации и локации можат да се направат достапни за „пробно разгледување“ преку новите 3Д-очила, со кои слика од 360 степени, дури и виртуелна реалност, односно симулација на присуство на туристичката дестинација, би стигнала до заинтересирани и потенцијални соработници, иноватори, научници, организации, компании и туристи. Социјалните мрежи и развојот на мобилните уреди ги прават презентирањето и прикажувањето толку поедноставени, што само треба да се следат основните правила на интернет-маркетингот за успешно да се постават темелите на иден интернетски маркетинг-развој на туристичката дестинација Македонија. Доловувањето на реалната ситуација и состојбата на ресурсите ги прават толку автентични пред едуцираните туристи што трагаат по културен и рурален туризам на неоткриени дестинации, па со употреба на правилен маркетинг-пристап, кој би бил во сооднос со развојот на научната дисциплина во 21 век и еволуцијата на потрошувачите, успехот е неизбежен. Информираниот турист што е во потрага по културни вредности во неоткриени региони од комерцијалниот туризам ги почитува локалните обичаи, храна, начин на живот и културни вредности на заедницата каде што го прави туристичкото патување/посета. Преку интернетот, и оние што не можат да си дозволат да отпатуваат во неоткриени туристички региони, можат да добијат барем мал увид во тоа како изгледаат истите тие. Можностите на новата технологија го прават возможно постојаното еволуирање на маркетинг-практиките што се прилагаат во туризмот.

Во ерата на информациите, кога можеме да имаме светска промоција, гледаме како оние што добиваат редовни плати и примања за „силната промоција на северна“ редовно ги оптоваруваат социјалните мрежи со фотографии од секојдневни активности. Додека најпознатите интернет-платформи за туризам веќе активно имаат вклучено модули од вештачката интелигенција со цел појасно и поедноставно информирање на потенцијалните клиенти, во Македонија сè уште не се обновени, ниту пак модернизирани официјалните интернет-страници на институциите што треба да се носечки столб на туристичката промоција на државата пред посетителите, туроператорите, туристичките агенции, дизајнерите на патувања, инвеститорите, партнерите и целиот свет. Наместо активно вклучување на вештачката интелигенција, систематизирање податоци, фотографии и видеа од сите атракции, поставување национална платформа за резервирање сместувања, водичи, превоз и други услуги, гледаме едно исто, како и досега – фотографии на Фејсбук и Инстаграм, некакви обиди за промоција со истите тие фотографии од некаквиси состаноци и „работни ангажмани за туристичка промоција“ на Линкдин и празен пиар, кој е далеку и од менаџментот и маркетингот на светско ниво, но и од вистинскиот потенцијал со кој располагаме. Наместо тешки административни и бирократски процеси, потребно е создавање тим што не само што ќе ги прекине досегашната навика и пракса за менаџмент и маркетинг на туристичкиот потенцијал, преку употреба на сосема нов модел за управување, туку и разумно ќе ги употреби придобивките на новото време – технолошкиот напредок, достапноста на новите уреди, вештачката интелигенција, дигиталниот свет и развојот на маркетингот. Бидејќи Македонија има што да понуди, а има и Македонци што знаат како. Сè е возможно, ако се сака… а Македонците и Македонија заслужуваат достојно претставување на светската сцена и претставување на македонскиот идентитет преку можеби и најсилната алатка за промоција – туризмот.

Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)