Во 2008 година, Венецијанската комисија – врвно правно тело при Советот на Европа – отворено укажа дека формулациите во бугарскиот устав може да се користат за спречување на здружувањето на малцинските етнички и јазични групи. Притоа, јасно беше препорачано омекнување на тие уставни одредби, со цел да се овозможи поотворен и толерантен пристап кон малцинствата. Но наместо овие документи да бидат искористени како дипломатско оружје и стратешки аргумент, македонската дипломатија тогаш не го реализирала „пеналот“, иако токму таа шанса, според дипломатски извори, можела да биде исползувана за постигнување ребаланс (ако не предност, во најслаб случај барем – рамнотежа) во билатералните односи, а притоа да се потенцира двојниот аршин на Софија во споредба со барањата до Скопје
Зошто Бугарија треба да го смени Уставот, а не Македонија (4)
Во сенка на чести условувања и барања од страна на Бугарија кон Македонија во контекст на евроинтеграциите, речиси незабележани остануваат јасните препораки што Советот на Европа уште пред повеќе од една деценија ѝ ги упати токму на Софија. Препораките се однесуваат на правата на малцинствата – вклучително и македонското – и претставуваат силна дипломатска основа и шанса за поентирање на македонските институции.
Пеналот за македонските дипломати
Во 2008 година, Венецијанската комисија – врвно правно тело при Советот на Европа – отворено укажа дека формулациите во бугарскиот устав може да се користат за спречување на здружувањето на малцинските етнички и јазични групи. Притоа, јасно беше препорачано омекнување на тие уставни одредби, со цел да се овозможи поотворен и толерантен пристап кон малцинствата.
Во сличен дух, во 2009 година, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, по официјална посета на Бугарија, излезе со јавен извештај во кој повторно се сугерираат уставни промени. Целта? Целосна усогласеност со европските стандарди за човекови права – пред сè, за слободата на здружување и изразување на малцинствата.
Но навистина е штета што сѐ уште младата и неискусна македонска дипломатија не ја искористила оваа укажана шанса како моќно дипломатско оружје и стратешки аргумент. Македонската дипломатија тогаш оставила впечаток на анемичност при желбите за преземање иницијатива или во најмала рака – постигнување рамнотежа во билатералните односи, а секако да се потенцира двојниот аршин на Софија во споредба со барањата до Скопје.
Венецијанската комисија е советодавно тело за уставно право при Советот на Европа, основано во 1990 година, со седиште во Венеција. Нејзината задача е да им помага на државите членки во подготвувањето и подобрувањето на уставните текстови, законите и праксите поврзани со демократијата, владеењето на правото и човековите права. Комисијата е составена од независни експерти – правници од врвна стручност – кои изработуваат мислења по барање на држави или институции. Во 2008 година, во мислењето бр. 444/2007, комисијата укажа дека некои уставни формулации во Бугарија се проблематични. Според нив, тие „би можеле да се користат за да се спречат малцинските јазични, етнички или религиозни групи да се организираат“. Оттаму, се препорачува омекнување на јазикот во Уставот, за да се изрази „отворен став кон малцинствата“.
Дополнително комесарот за човекови права на Советот на Европа како независна и непартиска институција, чија цел е да ги промовира свеста и почитувањето на човековите права во државите членки и има мандат да врши мониторинг, да дава препораки, да укажува на системски проблеми и да охрабрува реформи, по посетата на Бугарија во ноември 2009 јавно препорача: „Бугарија да размисли за амандман на својот устав со цел подобро да се заштити слободата на здружување и собирање на малцинствата и целосно да се усогласи практиката со стандардите на Советот на Европа“. Извештајот беше објавен во февруари 2010 и пренесен од меѓународни медиуми, вклучително и „Балкан инсајт“.
Токму ова беше „пеналот“ за македонските дипломати. Да информираат и да преземаат дејствија во оваа насока. За потсетување, Македонија има околу 57 дипломатско-конзуларни претставништва во светот, со стотици вработени дипломати. Токму нивна задача е да обезбедуваат информации, да информираат за можности, закани и релевантни политички процеси што се однесуваат на државните интереси. Но, за жал, овој факт како шанса, како да исчезна од радарот. Во пракса, тоа значи дека дипломатскиот систем не ја известил навремено Владата за сериозната содржина и потенцијалот на овие документи. Но кога е во прашање вистината, шансите за Македонија и понатаму ќе се редат, но ефикасноста не смее да изостане.
Пропуштената можност е само делумно загубена предност
Во изминатата деценија, Бугарија со самодоверба ја користеше својата позиција како членка на ЕУ за да наметне услови кон Македонија. Од друга страна, македонските власти останаа во дефанзива – без да се потпрат на документи со силна европска легитимност.
Пропуштената шанса да се активираат препораките на Венецијанската комисија и на комесарот за човекови права го ослаби дипломатскиот капацитет на земјата во една од најчувствителните области – правата на малцинствата и меѓусоседските односи.
Среќна околност за правдата е тоа што 14-те пресуди што Македонците ги имаат добиено против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) – токму поради повреда на основни права како слобода на здружување, говор и идентитет – не се резултат на активност на македонската дипломатија. Но како и да е, тие сега не смеат да бидат игнорирани или, не дај боже, скриени или дури и минирани – како што се случи со европските препораки од 2008 и 2009 година.
Тоа што овие судски победи се издејствувани од граѓански активисти и правници без државна поддршка е подвиг сам по себе – но истовремено и силен индикатор за институционалните пропусти. Затоа, наместо да бидат гордост и дипломатски адут, овие пресуди сè уште не се дел од официјалниот наратив во разговорите со Софија или во преговорите со Брисел.
Време е за промена
Во оваа фаза, македонската дипломатија треба да ги искористи сите расположливи елементи и притоа јавно да ги соопшти и да ги подигне на европско ниво препораките од 2008 и 2009. Македонската дипломатија треба да подигне дипломатска иницијатива со јасен тон: „Софија – имате препораки, треба уставни ангажмани?“ Таа треба да го стави ова прашање како централна точка во сите билатерални и мултилатерални разговори.
Во спротивно, молкот не само што значи природна ретровизија туку и политичка слабост – што отвора пат за продолжување на условувањата на Македонија со етички и правни аргументи што државата секогаш можела да ги стави на маса.