
Земјите од Западен Балкан сега имаат можност да станат важен партнер на кој се потпира НАТО откако лидерите на земјите членки на Алијансата ја потврдија својата подготвеност за поголеми трошоци за одбрана на самитот во Хаг, вклучително и набавка на големи количества муниција и друга воена опрема произведена од фабриките во регионот. Ова го потврди заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, која за сараевско „Ослобоѓење“ изјави дека самитот во Хаг испратил важна порака до регионот, која неговите земји треба внимателно да ја разгледаат.
– Земјите партнери на НАТО во регионот на Западен Балкан имаат многу развиена одбранбена индустрија. Ова е можност и за нив, бидејќи, како што видовме во минатото, одбранбената индустрија на членките на НАТО понекогаш не може да произведе доволни количества оружје. Доколку некои од нашите партнери се паметни, брзи и со висок квалитет, ова ќе биде можност за нив да создадат нови работни места и дополнителна соработка – рече Шекеринска.
Директна соработка со НАТО е можна и за земји што не се членки
Таа објасни дека на овој план ќе има директна врска меѓу НАТО и партнерските држави, како што се во овој случај Босна и Херцеговина и Србија, односно Косово, кои се единствените во регионот надвор од формално членство во НАТО.
Босна и Херцеговина има одобрен Акциски план за членство во НАТО (МАП), а пристапувањето кон Алијансата во целосен статус е цел дефинирана со законот за одбрана на земјата, но нејзиното постигнување е попречено од опструкцијата од Република Српска, чии власти инсистираат Босна и Херцеговина да следи само што ќе стори Србија во тој поглед. Белград, од друга страна, ја отфрла можноста за приклучување кон НАТО, но не ја отфрла и ограничената соработка, пишува „Хина“.
Зголемувањето на трошоците за одбрана на ниво на НАТО на пет проценти од БДП исто така значи дека дел од овие средства сигурно ќе бидат наменети за помош на земјите партнери, а извори од НАТО велат дека нема да поставуваат прашања за тоа како се трошат овие пари сè додека партнерите набавуваат опрема и оружје што ги исполнуваат стандардите на НАТО.
Силен раст на извозот на воената индустрија на Босна и Херцеговина
Во последните години, БиХ инвестираше многу во развојот на својата воена индустрија, особено во капацитети за производство на муниција, која на НАТО ѝ е потребна во сè поголеми количества. Само во првиот квартал од оваа година, од таа земја се извезени муниција и воена опрема во вредност од над 170 милиони конвертибилни марки или околу 87 милиони евра. Во споредба со истиот период во 2024 година, ова претставува зголемување на извозот од дури 42 проценти. Најголеми купувачи се Соединетите Американски Држави, Саудиска Арабија, Словачка, Чешка, Србија, Бугарија и Ирак.
Процесот на сертификација во НАТО е во полн ек
Поголемиот дел од фабриките за муниција и воена опрема се наоѓаат во Федерацијата БиХ, а министерот за индустрија на ентитетот, Ведран Лакиќ, рече дека сите овие фабрики сега се во процес на сертификација на производството според стандардите на НАТО. Три компании веќе го завршија овој процес, односно фабриките „Гинекс“, „Претис“ и „АЦ-јунити“, кои го постигнаа ова преку соработка со надворешни партнери.
– Сега сакаме да го пренесеме овој процес во Босна и Херцеговина преку зајакнување на домашните институции, кои ќе можат да вршат кодификација и сертификација во согласност со правилата на НАТО. Ова вклучува формирање национално тело за сертификација, на кое работиме заедно со Министерството за одбрана на БиХ и други партнери. Со влегувањето на БиХ во системот за кодификација на НАТО и добивањето статус на спонзорирана земја, се отвори вратата за изградба на национален систем што ќе им овозможи на нашите компании да имаат директен пристап до пазарот на НАТО, како и доделување на НАТО броеви за нивните производи. Ова е одлична можност за нашата одбранбена индустрија, бидејќи земјите членки на НАТО значително ќе ги зголемат трошоците за одбрана во следните десет години – рече Лакиќ.
Директорката на „УНИС-Гинекс“ од Горажде, Џенана Турковиќ Хоџиќ, очекува значително проширување на производството и извозот.
– Одлуката на НАТО да ги зголеми трошоците за одбрана сигурно би можела да донесе значителни придобивки за компании како „УНИС-Гинекс“ од Горажде. Нашите производи, прајмери, се клучна компонента во муницијата и веќе ги користат многубројни производители на муниција од земјите членки на НАТО – рече Турковиќ Хоџиќ.