Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш доцна синоќа изрази загриженост по одлуката на Косово за формирање војска, повикувајќи ги „сите страни“ на воздржаност, додека 15 земји членки на Советот за безбедност на ОН одржаа неформален состанок на барање на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Медиумите, од дипломатски извори во ОН, по овој состанок посочија дека Русија, која ја поддржува Србија, побарала јавна седница на Советот за безбедност на почетокот на наредната недела.

Според руски дипломатски извори, седницата е закажана за понеделник. Русија бара седницата да биде од јавен тип, на што се спротивставуваат западните држави кои инсистираат на затворена седница на Советот за безбедност.

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк. Одржување на седницата на Советот за безбедност на ОН беше побарана од Русија и Србија, откако Косовското собрание донесе одлука за формирање косовска војска.

– Резолуцијата 1244 од 1999 година е единствената правна рамка за меѓународно безбедносно присуство на Косово, а силите на НАТО (КФОР) се одговорни за безбедноста на таа област, изјави Антонио Гутереш, додавајќи дека секое ограничување на одговорноста на КФОР во вршење на безбедносната должност не би било во согласност со резолуцијата.

Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД, кои се најголеми донатори на пари во ОН, се залага за крај на мировните операции, за кои повеќе нема причина да бидат на теренот, а меѓу нив се мисиите на Косово, Кипар и Западна Сахара. 


Гутереш повика на воздржаност 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази загриженост по веста дека косовскиот Парламент усвои три закони чија цел е јакнење на улогата и капацитетот на косовските безбедносни сили и притоа ги повика „сите страни“ на воздржаност, јави Танјуг.

– Гутереш истакна дека Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН ја претставува единствената законска рамка за присуство на меѓународни безбедносни сили – КФОР – на кои им е доверена одговорноста за обезбедување безбедна средина во Косово, се наведува во соопштението на заменик-портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак доставено до агенцијата Танјуг.

Затоа, како што е посочено, какво било ограничување во спроведувањето на безбедносните одговорности на КФОР би било во несогласност со таа резолуција.

– Генералниот секретар на ОН ги повика сите инволвирани страни да се воздржат од каква било акција која би можела да ги зголеми тензиите и да предизвика натамошен пад во дијалогот со посредство на ЕУ, со цел да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина, се вели во соопштението.