Техно

Колкупати, вознемирени од спам, сте кликнале на опцијата „Одјави се“ (ансабскрајб) во е-пошта? Експертите предупредуваат дека таквата навика може да ве одведе директно во рацете на сајбер-измамници. Т.К. Кијанини, технички директор во „ДНС филтер“, вели дека опцијата „Одјави се“ што ја нудат многу комерцијални е-пораки на дното од е-поштата – може да стане сериозен безбедносен проблем. Според неговите податоци, во просек секој 644-ти клик на таква врска води до потенцијално злонамерна страница.
Кијанини истакнува дека корисниците не треба слепо да ѝ веруваат на е-поштата што ја добиваат – дури и ако користат сигурен е-мејл клиент. Проблемот е што со кликнување на „Одјави се“ ја напуштате заштитената средина на вашиот е-мејл клиент и ја отворате врската во прелистувачот, каде што може да ве чекаат многу работи. Во најблагиот случај, сајбер-криминалците користат вакви кликови за да потврдат дека имејл-адресата е активна. Ако несвесно докажете дека читате спам, напаѓачите можат да продолжат да ве таргетираат со пософистицирани техники – вклучувајќи фишинг или обиди за инсталирање – малициозен софтвер.

Линковите „Одјави се“ понекогаш водат до фишинг-страници дизајнирани да ги украдат вашите лозинки или да се обидат да инсталираат злонамерен софтвер. Ако одеднаш ви биде побарано да внесете лозинка за да се одјавите, јасно е – не треба да го правите тоа. Некои легитимни услуги ве замолуваат повторно да ја внесете вашата е-адреса (не вашата лозинка) за да го потврдите вашето отпишување – но клучот е довербата. Ако не ѝ верувате на компанијата што ви ја испратила е-поштата, нема причина да ѝ верувате ниту на нејзината страница за отпишување.
Како најбезбеден начин, експертите препорачуваат користење на вградената опција „Одјави се“ од досадни е-пораки – тоа се копчиња за отпишување што ги нудат е-поштите како што се Џимејл и Аутлук. Тие не ве водат на сомнителни страници и обично се безбедни. Ако нема такво копче, подобар избор е да се потпрете на филтерот за спам или едноставно да го блокирате испраќачот. Добар совет е да користите привремени е-адреси за регистрација на непроверени страници – иако ова може да го отежни онлајн купувањето и управувањето со сметките.
Накратко, следниот пат кога ќе сакате да кликнете на „Одјави се“ – размислете повторно.