
Маркетингот на туристичките дестинации, особено на локациите, местата и регионите што ги предизвикуваат потрошувачите на културен, но и духовен туризам еволуира според побарувачката, но и се развива под влијание на спознавањето како на нови знаења така и на нови технологии, но и начини за презентирање на постојните дестинации пред потенцијалните посетители. Промоцијата како елемент на маркетинг-миксот овозможува поддршка за претставување на продуктот на туристичкиот пазар и создавање свест за него, создавање имиџ – слика, и најважно – позиционирање на пазарот
Маркетингот е жива наука, а маркетингот на туризмот е во сооднос со менаџментот на културното наследство и природните ресурси на нивоа што, доколку се спознаат, придонесуваат не само за развој на туризмот туку и за раст на целата економија. Преку мултидисциплинарен пристап – користење информации, податоци и факти од различни науки, со употреба на новите можности на маркетингот, веќе се создадоа нови начини за претставување и прикажување на туристичкиот потенцијал.
Пазарот е жив сведок дека потрошувачите се тие што ја дефинираат побарувачката, ги поставуваат основите за идните промени, влијаат на трендовите, а во 21 век модерните технологии, заедно со културното наследство и природните ресурси, се основни столбови на побарувачката на туристот. Секоја голема земја, а дури и неразвиените, во своите програми за раст и развој го има вклучено туристичкиот потенцијал со кој располага, со акцент на зачувување на традицијата и природата. Подигањето на свеста на туристите за значењето на културното наследство и природните ресурси, заедно со развојот на технологијата и поедноставеното вмрежување и комуникација преку интернет-мрежата, со социјалните мрежи предизвика промени на целата економија, вклучувајќи го и туризмот. Зачувувањето на традицијата и автентичноста на културата и начинот на живот се предуслов за успешен опстанок во иднина, па затоа, освен големото внимание на еколошката состојба и природните ресурси, голем дел од енергијата за раст и развој е сконцентриран и на туристичките потенцијали преку кои можат да се изградат издржливи развојни модели.
Употребувањето на модерната технологија како медиум за споделување информации не само за елитни места и комерцијални туристички понуди туку и за туристички дестинации што се „недопрени“ од туристите и модерниот свет и пленат со својата оригиналност овозможува постојано трансформирање на маркетинг-техниките и стратегиите што се применуваат во целата економија, особено во туризмот.
Свесните и искусни туристи, кои се квалификувани за таргетирање за посета на дестинации и атракции што се релативно непознати за пошироката јавност, покажаа дека ги почитуваат промените што ја прават модерната технологија пријател на современиот патник и турист. Националните стратегии се неразделни од еколошкиот и руралниот туризам, а создавањето услови за развој на алтернативни модели и начини за организирање туристички дестинации и привлекување туристи е дел од речиси сите препораки за помалите земји. На пазарот веќе се бараат региони во кои се концентрирани разновидни ресурси што можат да бидат употребени за градски, но и рурален, еколошки, пејзажен, културен, археолошки и уште многу подвидови туризам. Тоа ги трансформира и начините за организирање на туристичките понуди и затоа се забележуваат многу повеќе туристи од порано низ навидум заборавените краишта и на нашата Република Македонија. Освен преку официјалните понуди, самоорганизираноста на локалното население, но и на туристот на 21 век, ги прави „тајните“ и мистични места предизвик за искусните туристи, но и за маркетинг-менаџерите, кои треба да работат на издржливи модели за нивно ставање во употреба како туристички ресурси.
Побарувачката на можности за посета на дестинации што не се посетувани од многу туристи и најчесто ги имаат зачувано својата културна автохтоност и уникатна традиција и овозможуваат увид во природните ресурси и културното наследство, расте правопропорционално со зголемувањето на искуството на туристите. Република Македонија ги има сите потребни услови за привлекување многу поголем број на туристи од постојниот, преку активно вклучување на институциите и заедниците за развој на oдржлив и еколошки туризам. Транзитноста треба да биде употребена во корист на заедниците каде што поминуваат патниците и туристите на кои сме им „по пат“ и да биде еден од основните сегменти на развој на дел од општините во Република Македонија. Овозможувањето услови за различните видови на туризам што се наведени во овој труд може да биде извршено и преку разумно менаџирање на постојните ресурси, за почеток дури и без многу финансиски средства, користејќи ги сегашните ресурси и услови.
Разновидноста на туристички локации, дури и атракции, ја прави Македонија соодветна дестинација за туристите со висока свест за културното наследство и природните ресурси. Подигањето на свеста за значењето на Македонија, како и организирањето стручни тимови за работа на научни истражувања, маркетинг-стратегии и менаџмент-планови и прогнози за иднина, е неопходно во каков било иден стратегиски план за раст и развој на општините, планските региони и целата држава.
Маркетингот на туристичките дестинации, особено на локациите, местата и регионите што ги предизвикуваат потрошувачите на културен, но и духовен туризам, еволуира според побарувачката, но и се развива под влијание на спознавањето како на нови знаења така и на нови технологии, но и начини за презентирање на постојните дестинации пред потенцијалните посетители. Промоцијата како елемент на маркетинг-миксот овозможува поддршка за претставување на продуктот на туристичкиот пазар и создавање свест за него, создавање на имиџ – слика, и најважно – позиционирање на пазарот. Избраните начини за претставување и прикажување на веќе оформениот туристички продукт, заедно со придружните услуги на организацијата за менаџмент, односно управување со туристичката дестинација, влијаат на идната слика што потенцијалните потрошувачи ќе ја имаат како претстава за понудата, услугите и целиот туристички продукт на дестинацијата. Затоа, промоцијата на туризмот во 21 век треба да ги вклучува најновите достигнувања во научната дисциплина маркетинг, со што ќе го претстави не само значењето на природните ресурси и културното наследство туку и свест за еволуцијата на пазарот и идно насочување кон издржливост и потенцијална самоиздржливост. Развојот на свеста на продавачите и оние што ги оформуваат маркетинг-стратегиите и кампањите на продажба, дополнето со вклучувањето на психологијата, но и други науки, придонесе за еволуција и на целиот начин на процесирање на маркетингот, кој од првичната форма на промовирање продукт, премина кон потрошувачот, па кон човекот, а сега веќе е трансформиран во нераскинлив спој од традиционалниот и дигиталниот свет на постоењето. Пазарот се трансформира правопропорционално со колективната свест на човештвото, а потрошувачите се оние што ги оформуваат движењата и промените, иако поголемите процеси на измени, проширување и развој зависат од институциите и финансиските сектори.
Промените на светските пазари и стратегиите на големите центри на моќ предизвикаа промени и во самоорганизирањето и управувањето со некои од сегментите на пазарот чиј развој е најбрз кога во нив се вклучени традиционалните вредности на човештвото. Достигнувањата на научната дисциплина маркетинг во 21 век овозможуваат шаблони за успешно поврзување на природните ресурси и културното наследство со економијата, на начин преку кој на долгорочен план ќе бидат остварени стратегии за зачувување на ресурсите од различен вид – културен, природен, човечки, а со тоа и олеснување на условите за живот на човечкиот род. Отстранувањето на манипулативните, дури штетни начини за промовирање, односно прикажување и претставување на одреден продукт или некоја услуга, и применувањето вистинска промоција на основните ресурси за привлекување туристи, со различен пристап кон домашните, регионалните и странските туристи од подалечните земји, заедно со внатрешно поврзување на процесите што се дел од синџирот на туристичката понуда, можат да донесат брз развој на регионите во кои ќе се практикува културен и екотуризам, а со тоа и на целата економија на државата.
Применувањето на техниките од Маркетинг 4.0, 5.0 и 6.0 од големиот Филип Котлер, заедно со можностите на модерната технологија и знаењето од претходните генерации што живееле на овие простори, може да изгради стабилен модел за туристички развој на Македонија. Модел чија уникатност ќе биде можност за развој на економијата и промоција на македонскиот идентитет. Вреднувањето на традиционалните вредности, обичаи, традиции, начин на живот и заедницата-домаќин што треба да стане туристичка дестинација, е неопходно за привлекување туристи.
Тоа што го покажува новиот маркетинг – дека потрошувачот е целосно човечко битие со свој културен идентитет, кој во 21 век е поврзан со дигиталниот свет, и дека кон потенцијалните клиенти треба да се пристапи на начини што не само што ќе ја поттикнуваат грижата за екологијата и природните ресурси туку и ќе влијаат позитивно на целиот квалитет на живот на планетата Земја, претставува поврзување на трендовите во побарувачката на туристичкиот пазар, развојот на свеста на потрошувачите и моделите за формулирање на маркетинг-стратегиите на организациите. Новиот, 21 век е времето кога човечката цивилизација преку спој на традиционалното со технолошкиот и дигитален напредок би требало да се обиде да го зачува заедничкиот дом – планетата Земја. Маркетингот на новата ера е најсилната алатка за развој, а Македонија и овој пат доцни во приспособувањето кон светските промени.
Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)