Агендата на овој самит на БРИКС ќе опфати шест основни области: глобална здравствена соработка; трговија, инвестиции и финансии; климатски промени; управување со вештачка интелигенција; повеќестрана (мултилатерална) архитектура за мир и безбедност, како и институционален развој
Во пресрет на самитот на БРИКС, од 6 до 7 јули во Бразил
Во Рио де Жанеиро, Бразил, од 6 до 7 јули 2025 година ќе се одржи 17-та средба на врвот на групата БРИКС. Како домаќин – ротирачки претседавач со овој самит – Бразил се насочува на два тематски приоритета: зајакнување на соработката на Глобалниот Југ заради посеопфатно и одржливо управување, партнерствата на БРИКС за општествен и економски, како и за развој на животната околина. Исто така, Бразил предложува агендата на овој самит да опфати шест основни области: глобална здравствена соработка; трговија, инвестиции и финансии; климатски промени; управување со вештачка интелигенција; повеќестрана (мултилатерална) архитектура за мир и безбедност, како и институционален развој.
– Ќе донесеме стратегиски одлуки за развој, соработка, како и за подобрување на животот на граѓаните на земјите од БРИКС и нашите партнери – изјави уште во февруари годинава бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира.
Во Бразил, Лавров наместо Путин
Рускиот претседател Владимир Путин нема да патува на самитот на БРИКС во Бразил бидејќи е баран од Меѓународниот кривичен суд, па Кремљ цени дека во овој момент е непотребна ескалација на глобалните политичко-безбедносни движења. Но, секако, Кремљ соопшти дека министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ќе биде таму. Путин ќе зборува на настанот преку видеоврска, изјави неговиот дипломатски советник Јуриј Ушаков, додавајќи дека рускиот претседател не патува поради „одредени тешкотии во контекст на барањето на Меѓународниот суд на правдата“.
Како член на Меѓународниот кривичен суд, Бразил би бил должен да го уапси Путин ако присуствува. Сепак, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва изјави дека Путин ќе биде поканет како лидер на членка основач на БРИКС, и покрај потерницата за него.
И кинескиот претседател нема да дојде во Бразил
Кинескиот претседател Си Џинпинг исто така ќе го пропушти самитот на БРИКС во Бразил, но делегацијата на оваа држава ќе ја предводи нејзиниот премиер Ли Кијанг.
Бразил го презеде претседателството со БРИКС на 1 јануари. Русија го имаше претседателството во 2024 година, а клучниот настан за време на нејзиното претседателствување беше самитот во Казањ, кој се одржа од 22 до 24 октомври лани.
Групата БРИКС е основана во 2006 година. Јужна Африка ѝ се приклучи на оригиналната група Бразил, Русија, Индија и Кина во 2011 година. Египет, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Етиопија станаа полноправни членки на БРИКС на 1 јануари 2024 година. Индонезија се приклучи како полноправна членка на 6 јануари 2025 година. Покана за приклучување беше упатена и до Саудиска Арабија. Турција, Азербејџан и Малезија поднесоа официјални пријави со барање за членство. Нигерија има статус на „партнер“.
Свето Тоевски

БРИКС 2025: Геополитичка коалиција
„Нова Македонија“ ги пренесува во пошироки изводи покарактеристичните согледувања на професорката Гарсија за сегашниот момент на дејствувањето на БРИКС и за активностите на овој план на Бразил
„БРИКС се трансформира во геополитичка коалиција. Спроти годинашниов самит на БРИКС, кој ќе се одржи во јули во Рио де Жанеиро, Бразил го репозиционира БРИКС подалеку од ’антизападната‘ слика и се соочува со деликатно балансирање: зачувување на реформскиот дух на БРИКС, одржување на групната кохезија и избегнување политички стапици дома и во странство“, нагласува д-р Ана Гарсија, професорка по меѓународни односи на Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро и соработничка истражувачка во Центарот за политики на БРИКС, во својата анализа со наслов „БРИКС 2025: деликатното балансирање на Бразил“, која е објавена на 26 јуни 2025 година на интернет-порталот на Фондацијата за напредни европски студии од Брисел, Белгија.
„Нова Македонија“ ги пренесува во пошироки изводи покарактеристичните согледувања на професорката Гарсија за сегашниот момент на дејствувањето на БРИКС и за активностите на овој план на Бразил. Во тој контекст, Ана Гарсија пишува: „Бразил ќе биде домаќин на самитот БРИКС+ во јули оваа година, со што ќе се одбележат 16 години од првиот состанок на лидерите во 2009 година. Во тоа време, светот се соочуваше со глобалната финансиска криза, која започна во Соединетите Американски Држави во 2008 година. Всушност, перцепцијата дека меѓународните финансиски институции не ја одразуваат распределбата на моќта во глобалната економија беше она што ги зближи земјите од БРИКС. Нивната заедничка цел беше да ги реформираат овие институции, со посебен акцент на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој покажа ограничувања во спречувањето на финансиската криза од 2008 година“.
БРИКС: Од реформска агенда за мултиполарниот свет, до геополитичка коалиција!
Во својата почетна фаза, БРИКС усвои реформска агенда, барајќи поголема застапеност и влијание во постојните институции, без нужно да се соочи со нив. Сепак, овој реформски напор постепено ја изгуби динамиката како што се интензивираа геополитичките тензии. Во овој контекст, фактори како што се растечките тензии меѓу САД и Кина, руската анексија на Крим, проследена со војната со Украина, дебатите за монетарните алтернативи на американскиот долар и проширувањето на БРИКС со вклучување на регионално значајни земји, придонесоа за трансформацијата на БРИКС во геополитичка коалиција.
Самитот во Јоханесбург во 2023 година беше пресвртница бидејќи го означи проширувањето на БРИКС. Овој потег беше предизвикан и од глобалните тензии. Јавните дебати се фокусираа на БРИКС како можен двигател на дедоларизацијата и на променливата глобална рамнотежа на моќ. Сепак, конкретните финансиски резултати остануваат ограничени. Бразил беше загрижен дека проширувањето ќе ги разводни кохезијата на БРИКС-групацијата и нејзиното сопствено влијание.
Претседателството на Русија со БРИКС во 2024 година ја помести агендата понатаму. Четири нови земји станаа полноправни членки на БРИКС, а други беа назначени како стратешки партнери. Русија, исто така, објави амбициозни иницијативи: Механизмот за меѓубанкарска соработка на БРИКС, Иницијативата за прекугранични плаќања, БРИКС клир (платформа за порамнување и депозитарство) и Компанија за (ре)осигурување на БРИКС. Сите овие имаат цел да ја зголемат финансиската автономија на БРИКС и да ја намалат зависноста од западните системи. Сепак, тие остануваат во фаза на предлози, со доброволно учество и долго тестирање, што допрва претстои. Управувањето со БРИКС се менува. Одлуките некогаш бараа целосен консензус, но сега новиот пристап овозможува доброволно, необврзувачко усвојување. Оваа флексибилност ја одразува растечката разновидност во рамките на блокот. Така, станува збор за амбициозна агенда на БРИКС, која Бразил ја наследи од Русија за 2025 година.
Бразил на самитот ќе предложи „попретпазлива стратегија за БРИКС“
Повлекувањето на Вашингтон од мултилатералните институции, заедно со неговото растечко прифаќање на трговскиот протекционизам, сега ја дефинира предизвикувачката глобална средина низ која Бразил мора да се движи. Како одговор на сето ова, Бразил усвои претпазлива стратегија на БРИКС – минимизирајќи ги и надворешните и внатрешните тензии. На меѓународно ниво, Бразил избегнува отворена конфронтација со САД, фокусирајќи се на олеснување на трговијата, а не на монетарни алтернативи на доларот. На домашно ниво, владата се држи подалеку од дебати на раздор, што би можеле да предизвикаат политичка реакција. Оваа рекалибрација може да се види во економските приоритети на Бразил за БРИКС: претходните претседателства се залагаа за дедоларизација и зголемена употреба на локални валути, но Бразил ја насочи својата агенда кон практично олеснување на трговијата. Со оглед на тоа што трговијата на БРИКС останува во голема мера фокусирана на Кина и насочена кон стоки и енергија, олеснувањето на механизмите за трансакции има смисла – и предизвикува помал политички отпор дома и во странство.
Бразил го репозиционира БРИКС подалеку од „антизападната“ слика. Селсо Аморим, главен советник на претседателот Лула да Силва за надворешна политика, нагласи дека целта е поурамнотежен и поправичен меѓународен систем, вкоренет во развојот, мултилатерализмот и мирот.
Во праксата, Бразил ги намали своите амбиции за БРИКС во споредба со претходните години, усвојувајќи попрагматична агенда. Како што забележа амбасадорката Татјана Росито, раководителка на финансискиот дел од БРИКС, БРИКС треба да служи како „стабилизирачка“, а не како „трансформативна“ сила. Бразил се концентрира на резултати што се остварливи на краток рок. Едно конкретно достигнување беше пристапувањето на Индонезија како полноправна членка на БРИКС на почетокот на 2025 година. Индонезија носи економска тежина и единствена позиција што ги поврзува Истокот и Западот – важна стратегиска добивка за БРИКС-блокот.
Во монетарно-финансиската сфера, големите пробивања остануваат – малку веројатни
Сепак, во монетарно-финансиската сфера, големите пробивања остануваат малку веројатни. Предлозите за нови платформи за плаќање и алтернативи на доларот во голема мера се отфрлени. Една можна област за напредок е Договорот за условни резерви, кој беше создаден во 2014 година. Но тој никогаш не беше ставен во функција. Централната банка на Бразил сега ги преиспитува своите статути и ја тестира функционалноста, но не е јасно дали ќе се појави нов план за спроведување оваа година.
Институционалната реформа останува врвен приоритет. Со двојното зголемување на членството на БРИКС за само две години – од пет на единаесет земји – механизмите на управување бараат итна ревизија. Воспоставувањето јасни критериуми за идно проширување исто така е од суштинско значење. Бразил се соочува со деликатно балансирање: зачувување на реформскиот дух на БРИКС, одржување на групната кохезија и избегнување политички стапици дома и во странство. И покрај овие предизвици, БРИКС продолжува да игра клучна улога во пошироките напори за изградба на поурамнотежен и поправеден свет. Св.Т.