Македонија на а ла карт менито на ЕУ
Гледате во менито, нарачувате порција а ла карт и – ја добивате пред вас. Карактеристика на овој сервис е тоа што „порцијата е контролирана“, натаму, „нема потреба од високо обучен персонал“, потоа „нема потреба од дополнителна опрема“, но недостаток е дека „сѐ е веќе видено/познато, класика е (од која некогаш сакате да избегате) или, пак, откако ќе ја донесат порцијата сфаќате дека не сте го сакале тоа јадење“. Звучи познато? Да? Точно, ова е само цитиран кус извадок од порталот „Ресторани.мк“, од областа на гастрономијата, каде што се опишува овој (а ла карт) стил на послужување храна. Се разбира дека потоа таа храна се јаде, па се процесира низ дигестивниот систем, па на крајот… се знае каде завршува. Ете, токму тоа многу чисто и јасно ни го стави до знаење комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос. Во ред, сега сме начисто, иако на многумина од нас и претходно ни беше јасно за интенциите на Брисел во врска со нас. Но, сепак, ѝ благодариме на Кос што на другиот дел од македонските „неверни Томовци“ им ги отвори очите за она што го сака и го прави Брисел!
Идентитетождерачи
Европската Унија преку бриселската бирократија одамна на свој својствен начин се вклучи во процесот за вештачки инженеринг за нова „северномакедонска нација“. Дека нештата се одвиваат во овој правец се потврди и од „идентитетогладната“ изјава на еврокомесарката Марта Кос дека македонскиот национален идентитет се состои од полнетите пиперки или тавче-гравчето. Во ситуација кога Македонија како држава, нација и општество е постојано под притисок и уцени за да прифати екстремно деноминирачки (геноцидно-културоцидни) барања, флагрантно спротивни на меѓународното право и суштинските вредности на самата Европска Унија, Брисел преку Марта Кос имаше шанса дипломатски да ги осуди овие политики. Но еврокомесарката Марта Кос со својата изјава покажа подготвеност да ги изеде, изгрицка или да ги прождере македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Изјавата на Марта Кос предизвика бурни реакции во македонското општество, но овие реакции не можеме да ги разбереме како параноја, бидејќи неколку факти потврдуваат дека ваквите обиди се веќе континуитет на низа неолиберални идентитетождерачи.
Не може поинаку да се разбере нејзината изјава.
– За потсетување, македонскиот идентитет произлегува од заедничката македонска историја, заедничкиот македонски јазик, македонската културна традиција и сѐ така до бесконечност, затоа Брисел треба јасно да ги осуди сите негирања на македонскиот идентитет, во спротивно станува учесник во етноцидот врз македонскиот народ – велат нашите соговорници.
Националниот идентитет сведен само на гастрономија?!
– Изјавата на еврокомесарката Марта Кос дека македонскиот национален идентитет се полнетите пиперки или пинџур е уште една потврда дека Европската Унија не ја разбира или не сака да ја разбере суштината на наметнатиот проблем од Бугарија. Во ситуација кога на каков било начин и без да се избираат средства се негираат македонските национални особености, јазик, историја, култура, итн., од страна на официјална Софија, сведувањето на македонскиот идентитет на гастрономија е несериозно и крајно понижувачки – велат нашите соговорници.
Културолошки гледано, македонската национална кујна навистина во еден дел партиципира во обликувањето на националниот идентитет. Зачувувањето на традиционалните јадења и особениот начин на готвење навистина ја одржуваат опиплива врската на македонскиот народ со минатото и е потврда за посебното културно наследство и традиција. Но, да прости Кос, македонскиот национален идентитет, како и секој друг национален идентитет, е недозволиво да биде сведен само на гастрономијата. Националниот идентитет е застрашувачки повеќе: тој е колективна душа на една нација, во нашиот случај душата на македонската нација, душа што црпи од македонскиот јазик, македонската историја, македонската културата, духовност итн.
Во недостиг од аргументи, кога се негира македонскиот идентитет, кој сам по себе произлегува од историскиот, политичкиот и државотворниот карактер на македонскиот народ, обидот на еврокомесарката Марта Кос да ги релативизира нештата, всушност, е потврда дека Брисел ја прифаќа ирационалната идентитетска политика кон Македонија, политика што се повампирува од Атина и Софија. Во услови кога грчките и бугарските политички елити се обидуваат да спроведат вештачки инженеринг за создавање нова северномакедонска нација, изјавата на еврокомесарката Марта Кос може да се разбере како потврда дека Брисел (ин)директно се вклучува во овој апсурден и монструозен процес, процес што е спротивен од меѓународното право, но и на темелните вредности на самата Европска Унија, велат нашите соговорници.
Да се толкуваат јасно отворените скриени вербални и пишани пораки од Брисел, Атина, Софија…
Досега неколкупати се потврди дека постојат јасни тенденции за „создавање нова северномакедонска нација“, во овој правец беше и изјавата на Никос Коѕијас, поранешниот грчки министер за надворешни работи, дека Бугарија не сфаќа дека во Македонија се роди нова нација, или постојаните изјави што пристигнуваат од Бугарија дека македонската нација е вештачка творба, која настанала во 1944 година. Во оваа смисла, секако, беше заканата на Красимир Каракачанов доколку сме инсистирале на македонски јазик, тоа ќе ја чинело Македонија членство во ЕУ, или изјавата на Екатерина Захариева, поранешната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, дека Македонците требало да се освестат и да станат добри Б’лгари.
– Јасни се позициите на официјална Атина и Софија за македонскиот национален идентитет – не постои македонски јазик, историја, култура итн., а јасни се и обидите за олицетворување на новата северномакедонска нација што ќе се состои од Бугари, Албанци, Срби, Власи, Роми итн. Во овој правец секако е Преспанскиот договор, како и т.н. Договор за пријателство со Бугарија, но и барањата за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Веруваме дека Брисел и еврокомесарката Марта Кос се свесни за овие ирационални идентитетско-канибалистички политики и обиди за вештачки национален инженеринг. Доколку Брисел беше искрен, Марта Кос кристално јасно ќе кажеше дека македонскиот национален идентитет произлегува од македонскиот јазик, историја, култура итн., но таа идентитетот го сведе на гастрономија и, со други зборови, го стави на а ла карт мени, подготвена со сласт да го изеде македонскиот идентитет, а на индиректен начин ги испогани нашите највисоки национални и идентитетски чувства. Навистина срамно, бесчесно, резил… -изјавуваат нашите соговорници.
Лавина реакции за изјавата на Марта Кос
Бурни реакции предизвика изјавата на еврокомесарката Марта Кос, која на прес-конференција македонскиот идентитет го сведе на полнети пиперки, тавче-гравче или пинџур.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ изрази сомнеж дека ваквите изјави не се случајни.
– Да не бидеме наивни, вакви политички гиганти од ЕУ очигледно имаат задача, онака, лагано али сигурно, на тивка ватра, да не спремаат да ја прифатиме новата кафанска тавче-гравче дефиниција за нашиот национален идентитет. Додуше, кога ќе размислам подобро, а можеби на женава државава стварно ѝ личи на кафана, онака од страна гледано – нагласи Туфегџиќ.
По изјавата на еврокомесарката за проширување, реагираше и универзитетскиот професор и поранешен пратеник д-р Јове Кекеновски.
– Со сета почит, но да бидеме јасни: ние, Македонците, не го мериме нашиот идентитет според тоа колку лути пиперки ставаме во пинџурот, ниту колку е убава тавата со грав. Идентитетот не е фолклорна манифестација или гастрономско доживување. Не сакам да верувам дека вашата изјава била свесно насочена кон банализирање на македонскиот идентитет. Верувам дека намерата ви беше топла. Но токму таквиот пристап ја покажува ограниченоста на европската перспектива кога станува збор за нашето прашање – вели Јове Кекеновски.
Со свој став излезе и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, според кого изјавата на Марта Кос отсликува европската перцепција за идентитетот како нешто што е природно. Но, според Муртезани, таквиот пристап не важи за Балканот, особено не во односите со Бугарија, каде што, според него, се прават обиди за редефинирање на македонскиот идентитет преку европски документи
– Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот „модерен“ пред идентитетот и јазикот на државата, што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна – рече министерот Муртезани. Д.Ст.