Комесарот препорачува измена на Уставот за подобро да се заштити слободата на здружување и собирање на малцинствата и целосно да се усогласи практиката со стандардите на Советот на Европа, нагласува шведскиот дипломат

Зошто Бугарија треба да го смени Уставот, а не Македонија? (2)

И комесарот за човекови права на Советот на Европа во 2010 година (две години по укажувањето на Венецијанската комисија) инсистира на становиштето на Комисијата:

На 9 февруари 2010 година Томас Хамарберг (комесарот за човекови права на Советот на Европа од 2006-2012), две години по дијагнозата на Венецијанската комисија за фелерот во бугарскиот устав, потсетува и уште поконкретно и попрецизно се надоврзува на ставот на Венецијанската комисија за промена на бугарскиот устав.
Имено, шведскиот дипломат многу конкретно, педантно и експлицитно ќе се надоврзе кон ставот на Венецијанската комисија, при што тој во својот извештај од посетата на Бугарија, насловен како „Бугарија: малцинствата и децата мора да бидат заштитени“, ќе препорача амандманска промена на бугарскиот устав!
„Потребни се повеќе напори за подобра заштита на малцинствата, за да се обезбеди дека нивните потреби се вклучени во процесот на донесување одлуки. Треба да се подобри заштитата на малцинствата од дискриминација, расизам и нетолеранција, треба да се подобри преку законски измени. Се препорачува измена на Уставот за подобро да се заштити слободата на здружување и собирање на малцинствата и целосно да се усогласи практиката со стандардите на Советот на Европа“, ќе нагласи, покрај другото, шведскиот дипломат, еврокомесар и, слободно можеме да кажеме, деец за човековите права, Томас Хамарберг.

Некои битни поенти во писмото на Хамарберг до премиерот на Бугарија, Борисов

Хамарберг, во својство на комесар за човекови права на Советот на Европа, на 7 октомври 2010 година, во официјално писмо до тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов напишал: „Во мојот извештај од 2010 година забележав дека Европскиот суд за човекови права констатирал дека Бугарија ги прекршила одредбите од Европската конвенција за човекови права, кои се однесуваат на слободата на здружување и собирање во случаите што се однесуваат на македонското малцинство. Бев загрижен дека извршувањето од страна на Бугарија на некои од пресудите што се однесуваат на здружението ’ОМО-Илинден’ е сè уште под надзор на Комитетот на министри и дека во овој поглед се поднесени нови барања до Судот. Ја повторувам мојата препорака правото на слобода на здружување и собирање на ова малцинство да биде целосно и ефикасно заштитено, во согласност со релевантната судска пракса на Европскиот суд за човекови права“.
„Ефикасната заштита од страна на државите на малцинските групи на нивните територии е неопходен услов за воспоставување и зачувување на домашната општествена кохезија и меѓународните мирни односи и соработка на сите земји членки на Советот на Европа. Во тој контекст, слободата на етничка самоидентификација е главен принцип, врз кој треба да се темелат демократските плуралистички општества и треба ефикасно да се применува на сите малцински групи, без разлика дали се национални, религиозни или јазични. Верувам дека вашата влада целосно ќе го почитува овој принцип во однос на сите малцинства што придонеле за збогатувањето и за плурализмот на бугарското општество“, се наведува исто така, покрај другото, во ова обраќање на Томас Хамарберг до тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Кој е Томас Хамарберг?

Колкава била и колкава е и натаму тежината на секој збор на Томас Хамарберг може да се согледа од фактите од неговата животна биографија.
Томас Хамарберг е поранешен високопозициониран шведски дипломат:
– комесар за човекови права на Советот на Европа во Стразбур;
– амбасадор на шведската влада за хуманитарни прашања (1994–2002);
– регионален советник за Европа, Централна Азија и за Кавказ на високиот комесар на ООН за човекови права (2001-2003);
– претставник на генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, за човечките права во Камбоџа (1996-2000);
– од 2018 година е и пратеник во шведскиот парламент. Р.С.

(продолжува утре)


Дел од дописот на комесарот за човекови права на
Советот на Европа, Томас Хамарберг, до Борисов,
во врска со Македонците во Бугарија

Почитуван премиере (Борисов),

По мојата посета на Бугарија од 3 до 5 ноември 2009 година, би сакал да ја искористам оваа можност да го продолжам конструктивниот дијалог што го имав со бугарските власти во врска со човековите права на националните и верските малцинства…
Во мојот извештај од 2010 година, исто така, забележав дека Европскиот суд за човекови права утврди дека Бугарија ги крши одредбите од Европската конвенција за човекови права кои се однесуваат на слободата на здружување и собирање во случаи што се однесуваат на македонското малцинство. Бев загрижен дека извршувањето од страна на Бугарија на некои од пресудите во врска со здружението „ОМО-Илинден“ сè уште е под надзор на Комитетот на министри и дека во овој поглед се поднесени нови барања до Судот. Ја повторувам мојата препорака правото на слобода на здружување и собирање на ова малцинство да биде целосно и ефикасно заштитено, во согласност со релевантната судска практика на Европскиот суд за човекови права.
Конечно, би сакал да потсетам и дека ефикасната заштита од страна на државите на малцинските групи на нивните територии е неопходен услов за воспоставување и зачувување на домашната социјална кохезија и меѓународните мирни односи и соработка на сите земји членки на Советот на Европа. Во тој контекст, слободата на етничко самоидентификување е главен принцип врз кој треба да се темелат демократските плуралистички општества и треба ефикасно да се применуваат на сите малцински групи, без разлика дали се национални, религиозни или јазични. Верувам дека вашата влада целосно ќе го почитува овој принцип во однос на сите малцинства што придонеле за збогатување и плурализам на бугарското општество.
Со нетрпение очекувам да го добијам вашиот одговор и да го продолжам нашиот дијалог. Останувам,

Со почит,
Томас Хамарберг