Фото: Пиксабеј

Комитетот за човекови права при Обединетите нации во рамки на 144 сесија го заврши разгледувањето на четвртиот периодичен извештај за Македонија за тоа како ги спроведува одредбите од Меѓународната конвенција за граѓански и политички права, при што експертите на Комитетот ги пофалија напорите на државата за справување со дискриминацијата и покренаа прашања во врска со извештаите за прекумерна употреба на сила од страна на граничните службеници против барателите на азил и напади врз новинари.

Експертите, во рамки на вчерашнит дел од сесијата ги потврдија позитивните напори што ги презема државата за зајакнување на владеењето на правото и справување со дискриминацијата, преземени во контекст на кандидатурата на Македонија за членство во Европската Унија.

На сесијата за Македонија, од нашата делегација се бараше одговор за тоа како државата обезбедила навремено и ефикасн истражување на наводите за прекумерна употреба на сила од страна на граничните службеници против барателите на азил и за тоа што држават презема за спречување на зголемувањето на нападите врз новинари во последните години и какви обуки им се обезбедени на јавните службеници за правото на слобода на изразување.

Никола Прокопенко, државен советник за кривично законодавство во Министерството за правда на Северна Македонија и шеф на делегацијата, рече дека Северна Македонија е посветена на спроведување на препораките на Комитетот, кои се составен дел од стратешките приоритети во реформирањето на правниот систем, зајакнувањето на владеењето на правото и унапредувањето на демократијата во согласност со европските стандарди.

 

Во врска со мерките за спречување на дискриминација, делегацијата изјави дека државата го хармонизира законот за спречување на дискриминација со релевантните директиви на Европската Унија. Националната комисија за следење на дискриминацијата е зајакната, како и дека таа помогна во развојот на национални политики за спречување на дискриминација и во подигањето на свеста кај државните службеници за ова прашање.

Делегацијата соопшти дека во рамките на полициската служба постојат внатрешни механизми кои истражувале жалби за прекумерна употреба на сила и тортура од страна на полициски службеници. Кога биле пронајдени докази, била покрената кривична постапка против обвинетиот службеник, кој исто така бил санкциониран. Немало пријави за прекумерна употреба на сила против мигранти и баратели на азил помеѓу 2022 и 2024 година.

Македонската делегација, исто така, информирала дека неодамнешните измени на Кривичниот законик дозволуваат гонење по службена должност на нападите врз новинари, како и дека државата работела на зголемување на видливоста на кривичните дела против новинарите и зголемување на казните за такви кривични дела, нагласувајќи дека во 2024 година биле извршени четири кривични дела против новинари и сите овие случаи биле гонети.

Во завршните забелешки, македонскиот претставник Прокопенко, изразил благодарност за конструктивниот дијалог, посочувајќи дека препораките на Комитетот ќе послужат како вредни насоки за зајакнување на законите и политиките, во насока на градење поправедно и порамноправно општество засновано на човекови права.

Чангрок Сох, претседател на Комитетот, во заклучните забелешки, ја пофали Северна Македонија за ратификацијата на меѓународните договори, правните норми за родово базирано насилство и политиките за родова еднаквост. Сепак, тој рече дека остануваат загриженостите поврзани со прашања како што се говорот на омраза, условите во затворите и ограничената рамка за заштита на барателите на азил.

 

Македонската делегација беше составена од претставници на Министерството за односи меѓу заедниците; Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги; Министерството за социјална политика, демографија и млади; Министерството за правда; Министерството за здравство; Министерството за надворешни работи и надворешна трговија; Министерството за внатрешни работи; Министерството за образование и наука и Постојаната мисија на Македонија при Канцеларијата на Обединетите нации во Женева.

Сесијата 144 на Комитетот за човекови права се одржува од 23 јуни до 17 јули 2025 година во седиштето во Женева.