„Метео-Франс“ стави 16 департмани и неколку зелени дела по должината на Ламанш во црвена тревога, што е највисоко ниво на предупредување, како и 68 департмани во портокалова тревога, почнувајќи од вторник напладне. Во следните два дена Франција ќе го доживее врвот на многу долгиот топлотен бран, интензивна епизода што трае веќе тринаесет дена
Доцна попладне во понеделникот, 30 јуни, „Метео-Франс“ се подготви за шокот со ставање на шеснаесет департмани во црвена тревога од вторникот напладне, што е највисоко ниво на мониторинг одлучено во консултација со Јавното здравство на Франција и Генералниот директорат за здравство. Мерката беше продолжена до денеска (среда). Засегнати се сите департмани во Ил де Франс, како и некои во Центр-Вал де Лоар и Гранд-Ест. А 68 други департмани ќе останат во портокалова тревога. Само пет департмани на северозапад, кои имаат корист од поморски воздушни приливи, ќе ја избегнат големата жештина.
На крајот, 88 отсто од Французите ќе живеат во департмани под строг надзор. „Невидено“ во однос на неговиот обем, сумираше Ањес Пание-Рунашер, министерка за еколошка транзиција, додека „само“ 81 департман беа ставени во портокалова тревога на 23 јули 2019 година
– Овој топлотен бран е извонреден по своето рано појавување и неговото времетраење, кое се очекува да биде околу две недели. Но во моментов доживуваме многу повисоко ниво на топлина. Глобалното затоплување одигра улога – анализираше Матие Сорел, климатолог во „Метео-Франс“, потсетувајќи дека топлотниот бран од 1976 година, најдолгиот што е запишана во историјата, траел четиринаесет дена.
Во текот на овој педесетти топлотен бран од 1947 година, а триесет и трети од почетокот на 21 век, Франција ќе се соочи со два екстремни дена. Иако не се очекува да биде надминат апсолутниот рекорд (46°C во Верарг, во Еро, на 28 јуни 2019 година), многу голем дел од земјата ќе доживее температури што се движат помеѓу 36 и 40 Целзиусови степени, со врвови од 41 Целзиусов степен. А ноќта во неделата спроти понеделникот веќе беше најжешката што е регистрирана во текот на јуни (20,2°C, што ги надминува оние 20,1°C од 27 јуни 2019 година). Истото тоа важи и за понеделникот.
– Кулминацијата се очекува во вторник, со феномен на блокирање каде што многу топол воздух е заробен под топлинска купола – резимира Адриен Варнан, прогнозер во „Метео-Франс“.
Во региони што не се навикнати на ваков тип температура редовно ќе се достигнуваат од 38 до 40 Целзиусови степени.
Суша и пожари
Во понеделникот вечер, втора вечер по ред, кризната единица се состана на плоштадот „Бово“ со претставници од канцелариите на министрите за внатрешни работи, транспорт, здравство, национално образование и еколошка транзиција. Откако минатиот викенд остана многу дискретен по ова прашање, премиерот Франсоа Бајру го откажа своето патување во Шартр во вторникот за да ја следи „временската состојба во реално време“, според Матињон. Министерството за еколошка транзиција формираше меѓуминистерски оперативен центар за следење и алармирање, кој пренесува информации за транспортот, домувањето, енергетската инфраструктура итн.
– За жал, стануваме сè поискусни, бидејќи овие настани се зголемуваат, точно како што предупредуваа научниците – изјавија оттаму.
Последиците од оваа епизода се веќе многубројни. Околу 1.350 училишта, од 45.000, во вторникот беа делумно или целосно затворени, двојно повеќе од претходниот ден, според процените на Министерството за национално образование. Многу други им советуваа на родителите да ги чуваат своите деца дома. Во понеделникот нуклеарната централа „Голфеш“ (Тарн-ет-Гарон) објави дека исклучила еден од своите реактори во неделата вечер поради температурите во реката Гарон, за кои се очекуваше да достигнат 28 Целзиусови степени.
Морскиот топлотен бран што го погодува Медитеранот добива интензитет. Според институтот „Коперник“, површинските температури достигнаа 26,01 Целзиусови степени, околу 3 Целзиусови степени над сезонските вредности за периодот 1991-2020, со аномалии што надминуваат 4 Целзиусови степени околу францускиот брег. Овој феномен може да ги направи деновите и ноќите уште потешки за поднесување. А на врвот на Монблан беа забележани позитивни температури, што обично се случува само во срцето на жешките лета.
Како логична последица, сушата добива интензитет. Од понеделникот, 26 департмани беа во состојба на тревога за суша, а 10 беа на кризно ниво за дел од нивната територија, предизвикувајќи значителни ограничувања на користењето на водата. Во 34 департмани префектурните декрети ја ограничуваат употребата на водата. Сè повеќе реки пресушуваат, на пример во источна Франција, а состојбата на водостојните подземни води ги загрижува властите, особено во Ориенталните Пиринеи-и Од, кои се погодени од суша од 2022 година.
– Се упатуваме кон комплицирано лето. Почнуваат да се појавуваат тензии во масивот Корбјер – се грижи Андре Виола, претседател на синдикатот за вода „РеЗо 11“, кој претставува 77 општини во регионот Од. Ризикот од пожари е многу загрижувачки, бидејќи 400 хектари веќе се изгорени во департманот Од.
Сувите услови на почвата што се присутни во северна Франција од пролетта, сега се проширија низ целата земја, поради недостигот на врнежи од дожд и екстремната топлина, забележа Метео-Франс во соопштение за медиумите од 29 јуни.
Топлиот бран е придружен со епизода на интензивно загадување. Голем дел од земјата е засегнат. Во Париз, полицискиот префект воведе „диференциран сообраќај“ за вторникот, 1 јули, забранувајќи го движењето на возилата „крит’ер 3“ во 77 општини во рамките на периметарот на автопатот A86. И, како и во понеделникот, максималните ограничувања на брзината се намалени за 20 километри на час. Според Јавното здравство на Франција, изложеноста на озон е одговорна за речиси 500 смртни случаи годишно во Франција. Со глобалното затоплување, епизодите од загадувањето со озон се случуваат порано и се пошироко распространети низ целата земја.
Политички импликации
Оваа епизода уште еднаш го илустрира нивото на отпорност, но и слабостите на адаптацијата на Франција кон вакви феномени. Претставен во март, третиот национален план за адаптација кон климатските промени доведе до усвојување прв декрет, кој стапи во сила во вторникот, 1 јули, зајакнувајќи ги обврските на јавните и приватните работодавци да ги заштитат работниците за време на топлотни бранови. Но сè уште немаше време да се спроведат 52-те мерки на PNACC, исто како и огромниот план за термичко реновирање на училиштата објавен од Емануел Макрон во 2024 година, кој бара колосални инвестиции од неколку десетици милијарди евра.
Марин Ле Пен, лидерка на Националниот собир, во понеделникот повика на „голем план за опрема за климатизација“, додека левичарската опозиција ја осуди импровизацијата на владата.
– Се соочуваме со колосални напори за адаптација и доживуваме доцнење во започнувањето, што не е единствена одговорност на државата, туку и на општините, департманите и регионите – смета Ронан Дантек, сенатор од Зелените за Лоара-Атлантик.
Но ова може да се постигне само со инвестирање и наметнување стандарди, кои некои политичари моментално ги отфрлаат“.
За време на неодамнешните намалувања на буџетот, владата го намали Зелениот фонд (од 2,5 на 1 милијарда евра), алокација што им помага на општините да се приспособат.
– Имам 2,5 милиони евра за реновирање две градинки и ќе добијам 150.000 евра од Зелениот фонд. Па, што да правиме – прашува Жан-Франсоа Вижие, градоначалник на Бур-сур-Ивет (Есон) и потпретседател на Здружението на градоначалници на Франција и претседатели на меѓуопштински заедници.
Тони Гламчевски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција