Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп, на конференција за печат одржана деновиве во Белата куќа, експлицитно потврди дека „во последните неколку месеци САД ги запреле или ги спречиле конфликтите меѓу неколку страни, вклучувајќи ги Србија и Косово“. Каква е актуелната состојба на северната страна од нашата граница, на територијата на Косово и Метохија?

Србија и Косово

Американскиот претседател Доналд Трамп деновиве изјави дека „Србија се подготвувала да започне нова војна против Косово оваа година“, но дека неговата администрација „го спречила конфликтот“. Вашингтон, обраќајќи се директно до официјален Белград, во врска со евентуалното планирање за навлегување на српските воени трупи во Косово, изразувајќи став на противење, го условил Белград дека доколку се одлучи на таков чекор, од САД ќе следува прекин на трговската размена меѓу Америка и Србија.
Имено, за потсетување, на прес-конференција во Белата куќа, американскиот претседател изјави дека „во последните неколку месеци САД ги запреле или ги спречиле конфликтите меѓу неколку страни, вклучувајќи ги Србија и Косово“.

Србија и Косово биле на раб на војна?!

– Имам пријател во Србија и тој ми рече: „Повторно одиме во војна“. Нема да кажам дека е Косово, но е Косово. Требаше да имаат голема војна, но ние ја спречивме поради трговијата. Тие сакаат да тргуваат со САД. Им реков дека не тргуваме со луѓе што одат во војна – изјави Трамп во Овалната соба.
Како дополнување, во врска со напорите на Вашингтон за миропосредништво и во други краеви на светот, на заедничката прес-конференција со министрите за надворешни работи на Конго и на Руанда, откако двете земји постигнаа мировен договор со посредство на САД, Трамп посочи дека е одговорен за мирот и меѓу други спротивставени страни.
– Ова е неверојатно достигнување. За само неколку месеци постигнавме мир меѓу Индија и Пакистан, Израел и Иран, меѓу Демократска Република Конго и Руанда и неколку други. Знаете, Србија се подготвуваше да влезе во војна со групата. Нема да го споменувам тоа бидејќи не се случи, успеавме да го спречиме – рече Трамп.

Командант на КФОР: Зголемување на присуството на КФОР со повеќе од 1.000 дополнителни војници

Командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, изјави дека иако безбедносната состојба во Косово сега е „претежно мирна“, таа сепак останува кревка поради нерешени политички прашања. Бардуани ја нагласи посветеноста на НАТО за зачувување на безбедноста и стабилноста во земјата, нагласувајќи дека дијалогот со посредство на Европската Унија е единствениот пат до одржлив мир.
– И покрај големите подобрувања, ситуацијата останува чувствителна поради нерешени политички прашања. Тензиите од 2023 година доведоа до зголемување на присуството на КФОР со повеќе од 1.000 дополнителни војници – едно од најголемите засилувања во оваа деценија – изјави генералот Бардуани за јавноста.
Зборувајќи за посетата на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, на северот од Косово, Бардуани рече дека иако ситуацијата сега е мирна, постои ризик од ненадејни избувнувања на насилство.
Тој ги спомена нападот врз припадниците на КФОР во Звечан во мај 2023 година и инцидентот на каналот Ибар-Лепенац во ноември 2024 година како доказ за кршливоста на ситуацијата, додавајќи дека КФОР презема превентивни мерки за зачувување на мирот и соработката со сите локални заедници.
– Подготвени сме и присутни со полн капацитет да го исполниме нашиот мандат даден од ОН. Сепак, стабилноста во регионот не зависи само од КФОР – таа зависи од политичката волја за дијалог и соработка – рече тој.

Силна посветеност на Вашингтон за мир и стабилност во Косово

На прашањето за можноста за намалување на американското присуство во регионот, генерал Бардуани одговори дека „силната посветеност на САД кон НАТО и КФОР останува“, споменувајќи го „долгорочниот придонес на Вашингтон во мисијата“ во Косово.
Генерал Бардуани се осврна на својот впечаток дека „Србија има недостаток во истрагите во врска со нападот врз припадниците на КФОР во текот на 2023 година“.
– Насилството во Звечан и Бањска беше неприфатливо. НАТО побара одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, но, за жал, не видовме доволен напредок во таа насока.
Во врска со извештаите дека 70 проценти од српската војска е распоредена во близината на границата со Косово, тој рече дека оружените сили на Србија се должни да го информираат КФОР за секоја активност во близината на административната линија и дека до денес немало прекршувања на процедурите.
На прашањето за терористичкиот напад предводен од Милан Радоичиќ во Бањска и неговите можни цели, генерал Бардуани не даде детали за истрагите, нагласувајќи дека тие се одговорност на агенциите за спроведување на законот во Косово.

Порака во јавноста на генерал Бардуани: Единственото решение за долгорочен мир во Косово е – дијалогот

Што се однесува до учеството на Косовските безбедносни сили во операциите, тој потврди дека КБС можат да влезат на север само со претходна согласност од командантот на КФОР – обврска што НАТО ја смета за клучна за одржување на стабилноста.
– Нашата соработка со полицијата и КБС е добра. КБС учествуваше во заеднички вежби во рамките на својот првичен мандат и покажа високо ниво на професионализам – рече тој.
Коментирајќи ги политичката блокада во Косово и одложувањето на формирањето на владата, Бардуани нагласи дека, иако НАТО не интервенира во внатрешните политички процеси, политичката ситуација влијае на безбедносната средина.
– Ги охрабруваме сите страни да продолжат напред на начин што ги одразува интересите на сите заедници што живеат во Косово. Единственото решение за долгорочен мир останува дијалогот – заклучи Бардуани. Р.С.