Михаил Д. Петрушевски

Повод: 114 години од раѓањето на академик Михаил Д. Петрушевски

Денеска се навршуваат 114 години од раѓањето на академик Михаил Д. Петрушевски, научник што останува запаметен во македонското национално помнење како еден од најистакнатите членови на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тој е еден од првите втемелувачи на МАНУ и на високото образование во Македонија. Има објавено повеќе од 200 научни и стручни труда од областа на класичната филологија, со што ја збогатил изразната моќ на македонскиот јазик, а него го воздигнал на рамниште како светски јазик.
Професор Михаил Д. Петрушевски е роден на 2 јули 1911 година во Битола, каде што завршил основно училиште и гимназија. Од март 1931 до март 1935 година студирал во Филозофскиот факултет во Белград, на групата за класична филологија. Во последната година од студиите работел како коректор на списанието „Меѓународна ревија за балканолошки студии“ до крајот на учебната 1934/1935 година. Во октомври 1936 година бил назначен како наставник по латински јазик во битолската гимназија. Во 1938 година бил избран како асистент на Семинарот за класична филологија во Белград. Во 1940 година ја одбранил докторската дисертација со наслов „Божества и демони со црна боја кај античките народи“.
На почетокот на 1941 година бил избран за доцент во поранешниот Филозофски факултет во Скопје, но војната го спречила неговото назначување. За време на окупацијата останал на истата асистентска должност во Белград сѐ до март 1946 година, кога бил избран од Министерството за просвета на НР Македонија за член на Комисијата за организирање на Универзитетот во Скопје. Во март истата година бил избран за вонреден професор, а веднаш потоа и за декан на новооснованиот Филозофски факултет во Скопје. На оваа должност останал три години, од 1946 до 1949 година, а во учебната 1949/1950 година бил продекан.

Еден од основоположниците на МАНУ, академик Ѓорѓи Филиповски (1919–2019), ќе каже во една пригода дека македонската наука, високото образование и културата своите ѕвездени мигови и својот најсилен развој ги доживуваат во првите петнаесет години од формирањето на нашата држава, токму во периодот кога Петрушевски е и особено присутен во научната дејност на повоена Македонија и во раководењето со нејзините први високошколски институции на македонски јазик.
– Незаборавни се првите 10–15 години по ослободувањето, со максимална грижа на државата за развојот на науката, високото образование и културата, грижа што ни до денес не е повторена. Таа грижа ја извлече земјата од страшна заостанатост. Тогаш за кратко време се случија нешта за кои во другите балкански земји беа потребни децении, а во старите и развиени држави дури и векови. Така, на пример, во почетокот на 1945 година се усвои азбуката и се кодифицира литературниот македонски јазик. Во 1946 година се основа Филозофскиот факултет, во кој за првпат се чу збор на македонски јазик во некоја високообразовна институција. Во 1949 година се основа Скопскиот универзитет. Од азбука до универзитет минаа само четири години. Тоа е непознато во историјата на европските народи. По ослободувањето, бевме вкупно нешто повеќе од десет научни работници, од кои само неколку беа доктори на науки, а само тројца поранешни наставници во Белградскиот универзитет – кажал академикот Филиповски
Петрушевски беше и член на првата Комисија за јазик и правопис, формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година, со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик. Петрушевски даде значајни прилози и за историјата на македонскиот јазик, особено за охридскиот дијалект и за говорот од Жерновница. За македонскиот јазик е од особено значење неговата преведувачка дејност на „Илијада“ од Хомер, „Скендербег“ од Григор Прличев и на други дела. Негов најважен превод е делото „Поетика“ од Аристотел.
Според академик Георги Старделов, Михаил Петрушевски е еден од најзначајните Македонци од современата македонска епоха, кои оставија неизбришливи траги во светската наука. Овој став Старделов ќе го изнесе на меѓународната конференција по повод 100 години од раѓањето на Петрушевски, одржана во МАНУ на 14-15 октомври 2011 година во Скопје.

– Михаил Д. Петрушевски е научник од светска димензија. Со своето големо дело од микенологијата ги воздигна Скопје и Македонија на рамниште како светски референтен микенолошки центар. Покренувајќи го светски важното списание „Жива антика“, ги претвори Скопје и Македонија во средиште на светската класична филолошка мисла. Со своите неколку децении на упорни истражувања и со преводите на делата на Аристотел и на Хомер тој го воздигна македонскиот јазик како светски јазик – ќе каже на споменатата научна конференција Старделов, тогаш во улога како претседател на МАНУ.
Во своите препеви на делата на Хомер, Петрушевски ги пројавува големите познавања не само на Хомеровиот грчки јазик туку и македонскиот поетски јазик. Внесувајќи во својот препев на Хомер голем број архаизми и дијалектизми, тој успеа да ја збогати изразната моќ на македонскиот јазик и да даде верен и продлабочен одраз на оригиналниот Хомеров јазик. Тоа е редок случај во светската преведувачка постапка. На тој план е значаен и придонесот остварен во критичките изданија и преводи на делата на Григор Прличев. Тоа се дела со капитално значење за македонската култура воопшто, кои остануваат основа за многу натамошни научни истражувања.
Научното творештво на Михаил Д. Петрушевски опфаќа околу 200 објавени научни и стручни труда од областа на класичната филологија. Многу од тие трудови се објавени не само на македонски туку и на француски, германски, англиски, грчки, латински и италијански јазик. Своите научни откритија ги има претставено не само во Македонија туку и на низа предавања во светот, на универзитетите во Москва, Санкт Петербург, Безансон, Берлин, Рим и др. Неговата љубов кон татковината, придодадена кон неизмерната љубов и кон науката, и неисцрпната желба за истражување ќе создадат богат научен опус, кој е почитуван и обемно цитиран низ светот.

Свето Тоевски