Фото: Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје

Венецијанската комисија е тело на Советот на Европа составено од независни експерти од областа на уставното право. Била создадена во 1990 година, по падот на Берлинскиот ѕид, во време на итна потреба за уставна помош во Средна и Источна Европа. Официјалното име на комисијата е Европска комисија за демократија преку правото, но бидејќи состаноците се одржуваат во Венеција, Италија, вообичаено се нарекува Венецијанска комисија. Венецијанската комисија (Европска комисија за демократија преку правото) е тело на Советот на Европа и има задача да формулира стручни мислења во однос на усогласување на законодавството во земјите членки и земјите кандидати за членство во Европската Унија (ЕУ). Во таа смисла, становиштата на Венецијанската комисија (како тело на ЕУ) претставуваат своевиден услов за членство во ЕУ, односно нивната имплементација е доказ за подготвеноста на одредена земја кандидатка да ги воспостави европските принципи на владеење на правото во своето законодавство

Венецијанската комисија, која често се споменува во рамките на дебатите за установите и законските промени во земјава, е тело на Советот на Европа, кое дава свои ставови во однос на законодавствата на своите членки. Становиштата на Венецијанската комисија по правило треба да се почитуваат во државите членки на Советот на Европа и на Европската Унија.
Нејзиниот вистински назив е Европска комисија за демократија низ правото, а колоквијалното име го добила по Венеција, градот во кој од 1990 година заседава четири пати годишно.
На интернет-страницата на комисијата пишува дека оваа меѓународна асоцијација е составена од вкупно 61 држава членка, од кои 47 се од Европа, меѓу кои и Македонија, како членка од 9 ноември 1995 година.
Меѓу 14-те неевропски држави во комисијата, меѓу другите, се Алжир, Бразил, Чиле, Израел, Мароко, Мексико, САД…
Целта на комисијата е да им обезбеди правни совети на своите членки и, особено, да им помогне на оние држави што сакаат да ги усогласат своите правни и институционални структури со европските стандарди, како и да им понуди меѓународни искуства од областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Комисијата во своето дејствување помага да се обезбедат ширење и консолидирање на заедничкото уставно наследство, при што игра уникатна улога во справувањето со конфликти и им обезбедува „итна уставна помош“ на државите како во овој случај за промена на уставот во Бугарија. Во делокругот на работите на комисијата се вброени неколку области на работа, и тоа демократски институции и фундаментални права, уставно право и судска власт, избори, референдуми и политички партии. Поединечни членови на комисијата се универзитетски професори по јавно и меѓународно право, судии во врховните и во уставните судови, членови на парламенти и многу државни службеници.
Членовите имаат мандат од четири години доделен од страна на земјите членки, но дејствуваат само со нивниот поединечен капацитет, а актуелна претседателка е Клер Бази Малори од Франција.

Постојаниот секретаријат на комисијата се наоѓа во Стразбур, Франција, во седиштето на Советот на Европа, но неговите пленарни седници (четири пати во годината, во март, јуни, октомври и во декември) сепак се одржуваат во Венеција, Италија, во старото училиште во градот, кое го носи името „Сан Џовани Еванџелиста“.
Инаку, Венецијанската комисија, на крајот од Студената војна, во 1990 година, беше основана како тело што требало да даде одговор на сѐ повеќебројните прашања на државите, кои во тие моменти го напуштале социјализмот, без разлика дали тоа било по мирен пат на избори или по насилни антикомунистички револуции.

– Од своето основање па до денес, комисијата ја надраснала изворната задача за давање техничка помош на бившите комунистички земји и денеска таа промовира стандарди на демократијата во согласност со достигнувањата на европското уставно наследство. Во својата работа комисијата честопати ги повикува претставниците на националните влади на државите на редовни состаноци за усогласување на законите преку високи демократски стандарди што ги воспоставува ЕУ.
Претставки кај комисијата можат да поднесат државите членки и установите на овие земји што службено учествуваат во нејзината работа, но истото тоа може да се стори и преку лична иницијатива на претседавачот на комисијата.
Македонија повеќепати била присутна како тема во публикациите и во мислењата на Венецијанската комисија, но овој пат во врска со почитување на индивидуалните и колективните малцински права Бугарија е во фокусот, заради становишта на комисијата за промена на бугарскиот устав. Р.С.