Со оглед на тоа што Македонија е лулка на словенската писменост, значителен дел од изгорените ракописи и книги има некаква врска со нашата земја, ни споделува Стеванов

Александар Стеванов, стрип-хроничар

„Целзиус 233: Ракописите, книгите и стриповите во Априлската војна“ е публикација на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип. Станува збор за истражувачка студија во која е обработено уништувањето на библиотеките и на нивниот ракописен, книжен, весничен и стриповски фонд за време на првите денови на Втората светска војна на југословенско тло – од нападот на Белград на 6 април 1941 година до капитулацијата на Кралството Југославија само единаесет дена подоцна.
Најголем дел од либрицидот за кој пишува Стеванов се случува во Белград, во Народната библиотека на Србија.
Александар Стеванов е автор на десетина книги од областа на деветтата уметност. Се јавува и како автор на стрипови. Објавувањето на неговата најнова книга, „Целзиус 233: Ракописите, книгите и стриповите во Априлската војна“, е поддржано од Министерството за култура во рамките на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.

Што ве поттикна да ја истражувате темата за уништувањето на библиотеките за време на Априлската војна? Како почна вашиот интерес, вашето истражување?
– Моја животна пасија е стрипот, односно неговата историја. Пред десетина години на Меѓународниот салон на стрип во Велес дознав дека во канцелариите на агенцијата САФ во Сараево, за време на распадот на Југославија, изгореле околу 12 односно 14 илјади оригинални стрип-табли. Едвај воздржувајќи се да не заплаче, за ова раскажа сопственикот на САФ, Ервин Рустемагиќ, кој во тоа време беше во Македонија. Покрај оние на Хал Фостер, Алекс Рејмонд, Ерман, Даг Вајлди, Серџо Арагонес и Андрија Мауровиќ, меѓу уништените стрип-табли имало и такви што настанале од вештото перо на нашиот Љупчо Филипов. Овој немил настан е тоа што го иницираше мојот интерес за уништувањето стрипови во овој дел на светот.
За време на крвавата фрагментација на Југославија, делата од деветтата уметност станале храна на огнот и во Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина во Сараево. Истражувајќи, наидов на податокот дека, освен што биле омаловажувани и забранувани, стриповите во Југославија биле ставани и на клада. Како ехо на ритуалното горење книги во Германија за време на нацизмот, таков е примерот со спалувањето стрипови и друга „шунд“ литература во 1971 година во Крагуевац. Враќајќи сѐ уште поназад во историјата, пронајдов дека стрипот бил жртва на пламените јазици и за време на Априлската војна, односно во првите денови на Втората светска војна во Југославија.
Имајќи предвид дека за време на Априлската војна го бележиме првото масовно уништување на стрипови на југословенско тло, логично беше да почнам по хронолошки редослед, односно да се зафатам со темелно истражување токму на тој период. А со оглед на тоа што рамо до рамо со стриповите во Априлската војна страдале и книгите, како и средновековните ракописи од непроценливо значење, неминовно беше истражувањето да ги опфати и нив.

Што симболизира насловот „Целзиус 233“ и колку време ви беше потребно за да ја подготвите оваа книга?
– Поради истата централна тема, се одлучив насловот да биде омаж на познатиот научнофантастичен роман „Фаренхајт 451“ на американскиот писател Реј Бредбери. Во ова дистописко дело инспирирано од нацистичкото палење книги во 1930-тите, за кое и јас пишувам, се раскажува за општество во кое читањето и поседувањето книги е забрането, при што секоја пронајдена книга е горена од специјални одреди наречени пожарникари. Оттаму произлегува насловот на книгата – 451 Фаренхајтов степен, односно приближно 233 Целзиусови степени според Бредбери е температурата на која хартијата на книгите се пали и гори.
Што се однесува до потребното време за подготовката на „Целзиус 233“, речиси во целост ја напишав во текот на 2024 година, а годинава само ги направив финалните дополнувања, по што и графички ја обликував.

Со какви извори работевте? Дали имавте пристап до архиви, сведоштва или непубликувани документи?
– За потребите на книгата консултирав над 120 извори – од новински написи, преку интервјуа и каталози, до обемни монографии, од кои дел издадени пред повеќе од еден век. Сите тие се уредно изброени во секцијата „Литература“, а наедно и за речиси секое тврдење во книгата е посочен извор. Oд суштинско значење за моето истражување беше новата збирка на Народната библиотека на Србија во Белград, каде што бил сместен најголемиот дел од писмено-книжниот фонд што изгорел за време на Априлската војна.

Дали се соочивте со некакви пречки или цензури додека го истражувавте овој дел од историјата?
– Се соочив со нешто пострашно – недостиг од информации. Во нацистичкото бомбардирање на Југославија на 6 април 1941 година, освен што бил уништен огромен дел од писмено-книжниот фонд, уништени биле и библиотечните каталози од кои би можела да се утврди точната штета. Згора на тоа, со оглед на тоа што стрипот овде отсекогаш бил на маргините на културата, за неговото страдање за време на Априлската војна досега не е напишано речиси ништо. Уште поголема препрека за истражувачите е тоа што некои од стрип-публикациите објавени во некогашна Југославија пред војната не можат да се најдат во ниедна библиотека. Поради тоа е невозможно во целост да се истражи не само страдањето на стрипот за време на Априлската војна туку и почетното поглавје од неговата овдешна историја.

Што сѐ успеавте да публикувате во „Целзиус 233“? Какви податоци, материјали, фотографии, имиња, стрипови…?
– Иако се трудам да бидам акрибичен и минуциозен, со оглед дека пишувам за реални настани, сите мои книги се структурирани наративно, како приказни. Таков е случајот и со „Целзиус 233“. Во неа клопчето на настаните започнува да се одмотува со систематското уништување книги во нацистичка Германија во 1930-тите, кога била пеплосана и личната библиотека на македонскиот револуционер и државник Димитар Влахов. Овој настан претставува симболична увертира за централната тема на книгата – срамнувањето со земја на Народната библиотека во Белград заедно со целиот нејзин фонд од околу 354.000 наслови монографски публикации, 1.365 ракописи, 226 рани печатени книги, околу 6.260 броја списанија и весници, околу 3.770 писма и 1.447 единици картографски материјал, графики и фотографии.
Како компензација за тоа што не е особено обемна, се трудев книгата да биде повеќеслојна. Таа е богато илустрирана, со автентични фотографии од авионите што го истуриле дождот од бомби над Југославија во Априлската војна, од бомбите, од библиотечните урнатини, од писмено-книжните дела што ја имале и немале среќата да се спасат. Во неа се спомнуваат голем број личности инволвирани во овие настани, како што се адмиралот Александер Лер, кој раководел со бомбардирањето што резултирало со најголемиот поединечен случај на библиокластија на тлото на Европа за време на Втората светска војна, офицерот Фон Вилкенс, кој успеал да спаси цел вагон со книги, нашиот истакнат писател Славко Јаневски, чии стрипови изгореле за време на шестоаприлското бомбардирање, како и Александар Зограф, кој многу години подоцна создава краток стрип за текот на бомбардирањето.

Кој е најфасцинантниот податок што успеавте да го откриете и споделите во книгата?
– За мене најфасцинантни се приказните за опстанокот, односно книгите што со многу среќа успеале да се спасат. Таков е на пример „Зборникот со српски животописи“ на монахот Марко. За разлика од речиси целиот фонд на Народната библиотека на Србија, овој средновековен ракопис ги избегнал огнените јазици поради едно нарушено правило – непосредно пред бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 година бил позајмен. Од пожарот што ја пеплосал Народната библиотека на Србија се спасило и Мирославовото евангелие, кое, спротивно на одлуката да се чува во оваа установа, било сместено во Музејот на кнезот Павле. Особено е интересна приказната и за Призренскиот препис на Душановиот законик. Со многу среќа, тој избегнал два пожара – првиот за време на Првата светска војна, кога исчезнал, причина поради која го избегнал и огнот запален од нацистите за време на Втората светска војна.

Колкав дел од изгубените материјали ѝ припаѓал на македонската културна традиција?
– Со оглед на тоа што Македонија е лулка на словенската писменост, значителен дел од изгорените ракописи и книги има некаква врска со нашата земја. Во нацистичкото бомбардирање на Југославија изгореле над 1.300 стари словенски ракописи, односно речиси една четвртина од целокупното дотогаш зачувано ракописно богатство собрано на просторот на тогашна Југославија. Од нив, само со потекло од Скопје и Скопско имало осумдесетина ракописи. Со потекло од Македонија имало и стрипови, нешто што досега не било обработувано.

Можете ли да споделите некој конкретен пример на уникатен или особено вреден македонски ракопис или издание што било уништено?
– Такви се, на пример, два минеја (XVI-XVII век) од ракописната збирка на манастирите „Св. Благовештение“ и „Воведение Богородично“ во Скопска Црна Гора, кои се меѓу првите ракописи донесени во Народната библиотека на Србија. Во пожарот што ја зафатил библиотеката изгореле ракописи и од збирката на Марковиот манастир, кој уште претходно бил цел на фанариотските палежи – Празничен минеј (1420 г.), Апостол (1434 г.) и Посен триод (XV век). Изгореле и октоих (XIV век) и зборник со слова и житија (XVI-XVII век) од манастирот Матејче, евангелие со потекло од Осоговскиот манастир и многу други.
Некои од ракописите од македонска провениенција, за среќа, се покажале како огноотпорни. Такви се Паримејник (почеток на XIII век), Посен триод (трета деценија на XIV век), Братков минеј (XII-XIV век) и Четвороевангелие и изборен апостол (почеток на XIV век). Освен што го избегнале шестоаприлското бомбардирање, тие ја преживеале и Првата светска војна, кога исчезнале, како и сојузничкото бомбардирање на Германија, каде што во тоа време се наоѓале. По војната тие ѝ се вратени на Народната библиотека во Белград, каде што се чуваат и денес како едни од највредните примероци во нејзината ракописна збирка.

Каква улога играат стриповите во оваа книга и зошто сметате дека и тие заслужуваат место во историското паметење?
– Тешко ми е да одговорам на ова прашање. Во мојот ум никогаш немало дилема за тоа дали стрипот е рамноправен со другите дисциплини на човековата креативна дејност. Секако дека е рамноправен – и него го создаваат луѓе, и тој е плод на интелектуално-креативен труд, и тој горел во нацистичкиот оган за време на Априлската војна. Свесен сум дека кај нас постојат предрасуди зачнати уште пред повеќе од половина век, дека стрипот е нижа форма на уметност, а некогаш воопшто не се перципира ни како уметност. Сепак, ако човек малку се заинтересира за него, ќе увиде дека станува збор за комплексна уметност, која од авторите бара умешност и широки познавања. Потврда за ова е фактот што најголем дел од македонските стрип-автори се особено талентирани и успешни и на други полиња.

Каква порака им носи „Целзиус 233“ на читателите по читањето?
– Книгите не се само букви на хартија, ниту само средство за забава. Книгите се извор на знаење од кој со векови се напојувал светот, временска машина со која можеме да пропатуваме низ минатото и можната иднина, имагинариум за сите отсонувани и неотсонувани идеи, невидлива нишка што создава заедништва. Како транссупстанцијација на она што човекот го прави да биде човек, секоја книга е манифестација на барем еден од нас. Токму затоа, горењето книги е како горење луѓе.