Фото: ЕПА

Воведувањето на високите тарифи од страна на САД предизвика турбуленција во светот. Од нив беше засегната и Македонија, иако само мал дел од нашата трговска размена се одвива со САД. Во меѓувреме Трамп ги замрзна на 90 дена најавените промени на тарифите, со цел земјите да се усогласат со нив. Нашата земја, во функција на реформите за економски развој во енергетскиот и реалниот сектор, секако планираше намалување на царинските давачки за голем број суровини и репроматеријали што се клучни за домашната индустрија и енергетскиот сектор, а списокот опфати 67 производи, кој на транспарентен и инклузивен начин е изработен во соработка со Стопанската комора и бизнис-заедницата. Но, наедно, измените на Законот за царинската тарифа донесоа укинување на царинските давачки за увоз на стоки со потекло од САД, што не е само економска мерка туку и порака дека нашето стратегиско партнерство со САД добива нова, продлабочена димензија

Синхронизирањето на царинските тарифи со Америка и со ЕУ импулс за домашното производство, енергетиката и зголемувањето на трговската размена

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната „пауза на царините“ за повеќето земји по крајниот рок за преговори (среда, 9 јули) и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека „трговските санкции ќе стапат во сила доколку не се постигне договор“!

Уште една недела за да се постигне договор со Вашингтон

Претседателот на САД изјави за „Фокс њуз“ дека „известувањата за царини за земјите со кои не е постигнат договор ќе почнат да се испраќаат доста брзо, како што се приближува рокот за постигнување договор“.
– Ќе видиме како една земја ќе се однесува кон нас, дали се однесува добро кон нас или не толку добро. Не сме заинтересирани за некои земји, само ќе испраќаме многу писма – рече Трамп.
Во тие писма, како што рече претседателот на САД, ќе пишува – „честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Американски Држави, ќе плаќате царини од 25, или 35, или 50, или 10 проценти“. Американскиот претседател нагласи дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „постојат 200 земји“ и дека „не можете да се разговара со сите одеднаш“.
Во кусиот осврт за трговските и царинските односи со Кина, Трамп го пофали неодамна постигнатиот трговски договор со Пекинг за извоз на ретки минерали од Кина.
– Мислам дека доброто согласување со Кина е многу добра работа. Кина ќе плати многу царини, но имаме голем (трговски) дефицит, тие го разбираат тоа – рече Трамп.

Што презема Македонија како мерка во контекст на предизвикот за зголемување на трговската размена и намалување на царинските тарифи спрема САД?

Министерката за финансии нѐ информира дека со измените на Законот за царинската тарифа, кои веќе се изгласани во Собранието, „ќе се намалат царинските стапки за вкупно 67 стоки (од ЕУ), најмногу суровини и репроматеријали што се користат во клучни сектори на домашната индустрија“. Од овие измени се очекува најголем бенефит да имаат нашата преработувачка индустрија, металургијата, автомобилската индустрија и енергетскиот сектор. Но она што е исклучително значајно и се однесува на нашето прашање во односите со САД, тоа е дека истовремено, „со новите законски решенија се укинуваат царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави“!
Од Министерството за финансии, кои се задолжени за собирање на даноците во државата, посочуваат дека измените се дел од реализацијата на Програмата за работа на Владата 2024–2028 и се насочени кон постепена хармонизација на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија.
– Овие измени не се само административна процедура туку силна порака до деловната заедница. Целта ни е да обезбедиме пониски трошоци за индустријата, да поттикнеме нови инвестиции и да ја зајакнеме конкурентноста на македонската економија – велат оттаму.

Стопанските комори активно и инклузивно учествуваа во процесот на креирање на законските измени за поттик на домашната реална економија

Клучно е дека измените на Законот за царинската тарифа се направени во соработка со стопанските комори и претставува логично продолжение на веќе воспоставените политики за поддршка на стопанството. Намалувањето на царинските давачки е направено за 50 отсто од разликата меѓу постојните стапки и оние што ги применува Европската Унија, во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО).
Целосната либерализација на увозот на стоки од САД се оценува како стратегиски потег што ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот и ќе ја зајакне трговската соработка меѓу двете земји.
– Ова не е само економска мерка туку и порака дека нашето партнерство со САД добива нова, продлабочена димензија – ни изјавија од Министерството за финансии.
Укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија.
Процена на бизнис-заедницата е дека со оваа законска измена македонските компании ќе бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, а извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија.
Покрај горенаведеното, за издвојување е и мерката за намалување на царинската стапка на литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, што се оценува како клучен чекор за поддршка на инвестициските проекти во обновливи извори на енергија и развој на енергетскиот сектор, а особено на реализација на амбициозните стратегиски планови на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, планови на кои во споменатото министерство работат исклучително посветено и со полна пареа, преземајќи клучни чекори за да се врати енергетската моќ во македонски раце.
– Со оваа измена директно се придонесува за подобрување на стабилноста на електроенергетскиот систем, што е особено важно во услови на енергетска неизвесност во регионот – ни изјавија од Министерството за финансии. Е.Р.


Намалување на приливите во буџетот, но зголемување на конкурентноста на субјектите од стопанството, зголемување на извозот и растот на националната економија

Уште при носењето на одлуката од страна на Владата, министерката за финансии посочи дека ова ќе значи и големо намалување на приливите во буџетот.
Грубо земено, со воведувањето на сите планирани даночни ослободувања, приливите во буџетот ќе бидат намалени за речиси 5 милиони евра, или поточно за 4,7 милиони евра.
– За 67-те производи, фискалниот ефект е 2 милиони евра на годишна основа за овие 50 проценти. Кога ќе стапат во сила и следните 50 проценти, кога ќе се усогласиме целосно со ЕУ, врз основа на податоците за увозот од 2024 година, годишните фискални импликации би биле 4 милиони евра – појасни Димитриеска Кочоска.
Потоа таа дополни дека на оваа сума треба да се земат предвид и фискалните импликации од ослободување од царински давачки и на увозот од САД.
– Тоа е некаде околу 3,7 милиони евра на годишна основа. Тука нема промени, значи толку би изгубиле, што значи дека ние годинава би изгубиле еден милион евра од намалување на царините за 67-те производи, со оглед дека ќе се применуваат од 1 јули (на годишно ниво е два милиони евра), плус овие 3,7 милиони евра, за годинава фискалните ефекти ќе бидат 4,7 милиони евра – прецизираше Димитриеска Кочоска. Е.Р.


Мал, но значаен извоз

По воведувањето царинска стапка од 33 проценти за производи од нашата земја, владини претставници веднаш најавија дека ќе се преземат решителни мерки со кои ќе бидат унапредени трговските односи со САД и во контекст на Договорот за стратегиско партнерство, тие односи ќе се подигнат на уште повисоко ниво, бидејќи формалноправната рамка за тоа постои.
Големата слика кон која би се движеле е воспоставување договор за слободна трговија, но дотаму, бидејќи е тој сложен и подолг процес, од наша страна ќе бидат укинати сите царински давачки кон нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Во врска со ова, за потсетување, министерката за финансии најави уште веднаш дека ќе се оди кон целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките што доаѓаат во нашата земја од САД.
– САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис-опкружување за сите компании, вклучувајќи ги и домашните и странските, и на таков начин да изградиме силна економија – нагласи Димитриеска Кочоска.
Иако извозот од Македонија во САД не е многу висок, сепак за нас, како мала земја, е значајно да го одржиме пријателството со моќна економија како САД.
Генерално, во текот на 2024 година со САД извозот достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати повеќе од претходната 2023 година, кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 проценти помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари. Oд Македонија во САД најмногу се извезувале машини и транспортни уреди, храна, пијалаци и тутун. Е.Р.