Поради климатските промени предизвикани од човекот, се очекува суптропскиот млазен тек да се помести кон половите. Претставуваме истражување што за првпат покажува дека ова поместување на ветровите кон север има долгорочни последици за планктонот и риболовот во северозападниот Медитеран. Авторите Јулија Креспин, Жорди Соле и Микел Каналс од Универзитетот во Барселона го покажаа тоа во трудот „Миграцијата на млазниот тек кон половите води до намалување на примарното морско производство“. Во 2010 година северниот суптропски млазен тек се поместил кон Северниот Пол дури за 75 километри, што следствено довело до значителен пад на концентрацијата на хлорофил дури за 40 проценти, со стапки на опаѓање до 5 проценти годишно.
Во северозападниот дел на Средоземно Море поместувањето на млазните текови предизвика слабеење на северните ветрови (на пр. маестрал и трамонтана), намалувајќи го Екмановото издигнување – процесот со кој хранливите материи од длабочините се доведуваат на површината, неопходни за раст на фитопланктонот. Како последица на тоа, примарното производство, односно количеството на фитопланктон, се чини дека радикално се намалило. Фитопланктонот се храни од морски организми поголеми од него, како што се риби, мекотели, китови итн. Затоа, намалувањето на фитопланктонот може да ги загрози риболовот, екосистемот и економските активности во регионот. Со помалку фитопланктон, исто така, се намалува апсорпцијата на CO₂ од атмосферата, што ја отежнува борбата против климатските промени. Подрачјето за кое е истражувано ова е Лионскиот Залив, кој ги вклучува францускиот и шпанскиот дел од Медитеранот.
Млазните струи се силни ветрови во горната тропосфера, кои силно влијаат на временските и климатските обрасци. Тие се тесни силни ветрови, кои дуваат со брзина до 400 километри на час во горниот дел од тропосферата, по границите помеѓу големи воздушни маси со различни температури. Тие дуваат на височини од 9 до 16 км, најчесто во горниот слој на тропосферата, понекогаш влегувајќи во долната, стратосфера. Тие се предизвикани од температурни разлики помеѓу поларниот и тропскиот воздух, во комбинација со ротацијата на Земјата. Накратко, глобалното затоплување ја поместува млазната струја што влијае на времето во Медитеранот кон север, што ги забавува и ослабува маестралните и трамонтанските ветрови – ветрови што се клучни за вертикалното мешање на океанските слоеви. Мешањето е неопходно за фосфатите, нитратите и другите хранливи материи да се искачат од длабочините на морето до површината. Овие супстанции се неопходни за процесот на фотосинтеза и формирање хлорофил, кој го храни фитопланктонот – основната храна за целиот морски екосистем.