Доволно е само да го отворам моето шкафче, каде што сѐ уште сѐ е на своето место, и од него да прострујат звуците на стотици партитури, уредно наместени. Тие како времеплов ме носат низ земјите и фестивалите што ги посетувавме со хоровите во кои пеев, вели Турунџиева
ВРЕМЕПЛОВ – Кога бев ученичка: Сузана Турунџиева
Познатата пејачка, телевизиска водителка и од неодамна диригентка на женскиот хор „Фрида“, Сузана Турунџиева, уште од најмала возраст знаела дека музиката ќе биде нејзина ѕвезда водилка низ животот. По завршувањето на Музичката академија во Скопје, на отсекот соло-пеење, дебитира на сцената на МОБ во 1991 година, во оперетата „Баронот Циганин“. Подоцна работи и како професорка, а по успешната кариера на пејачка на забавна музика, објавува и неколку книги. Денес често ја гледаме на малите екрани, иако пеењето, како што вели, засекогаш ќе биде нејзина прва љубов.
Кои се вашите први асоцијации кога ќе се сетите на детските денови во Битола?
– Се сеќавам на мирисот на печена тиква, костени, печени јаболка, тоа е мирисот на моето детство. Како вчера да беше ги паметам зимите на 30 степени под нулата, прошетките на Тумбе-кафе, викендите на Ѓавато, расцутените багреми, семејните излети, кога сите бевме на број. Се сеќавам на вкусот на пишиите на мајка ми, на приказните од војната на дедо ми Киро, првата средба со Пелистерските Очи и погледот на врвот, каде што имаш чувство дека целиот свет е твој… И доволно е само да го отворам моето шкафче, каде што сѐ уште сѐ е на своето место, и од него да прострујат звуците на стотици партитури, уредно наместени. Тие како времеплов ме носат низ земјите и фестивалите што ги посетувавме со хоровите во кои пеев.
Какво дете бевте, послушно или палаво?
– Бев многу мирно и послушно дете, кое малку зборуваше, но многу пееше. Среќна сум што растев во прекрасно семејство, каде што немаше викање, немаше тајни, ама имаше многу заеднички мигови, веселби, викенди, одмори, кои денес неизмерно многу ми значат.
Вашите родители, како учители, веројатно многу се грижеле за вашето воспитување и образование?
– Иако и мајка ми и татко ми беа учители, не беа многу строги со мене и со брат ми Панде, бидејќи неизмерно ги сакаа децата. Уште ми се свежи спомените за мојот татко Васко. Ги паметам приказните со кои ме заспиваше, песните што ми ги пееше… Подоцна, кога ги постигнав првите успеси во мојата кариера, тој честопати на моите настапи на присутните во публиката, низ шепот, гордо им велеше: „Тоа е мојата ќерка“!
Дали некогаш, сепак, сте ги налутиле своите родители?
– Најинтересно беше што од прво одделение имав катастрофално лош ракопис и по краснопис имав тројка, иако ми беа сите петки. Тоа беше вистински шок за моите родители, ама јас и тогаш, а и сега се тешам со тоа дека сите генијалци имаат лош ракопис.
Кој ви беше најомилениот, а кој најнеомилениот предмет на училиште?
– Основно училиште учев во ОУ „Даме Груев“ во Битола, а паралелно одев и во Музичкото училиште. Бев одлична ученичка, иако математика ми беше еден од најнеомилените предмети. Ама затоа на часот по музичко бев вистинска „газдарица“. Пеев, свирев и бев свесна дека мојот понатамошен живот ќе биде главно составен од музика.
Ги остваривте ли своите желби и амбиции поврзани со кариерата?
– Од малечка имав огромни амбиции, желби и фантазии, сите поврзани со музиката. Ни на крај памет не ми беше дека лебот ќе го заработувам од зборување, а не од пеење. Со песна го завршив Музичкото училиште во Битола и на 18 години дојдов на студии во Скопје, во градот што го одбрав во замена за Париз и за Белград, каде што можев да се школувам, само да бидам поблиску до моето семејство.
Какви беа вашите почетоци во Скопје?
– Почетоците во големиот град воопшто не беа лесни, но на сметка на тоа научив многу нешта. Научив дека ако не тропнеш, нема да ти отворат. Многу рано се судрив и со неправдите, а научив и да ги разликувам комплиментите од „удирањето четки“. Но, најважно од сѐ, научив да верувам во себе и во вистинските пријатели.