Надгробна плоча во Р.Бугарија, еден од многуте гробови каде што со векови почиваат нашинците во Пиринска Македонија

Шлаканицата во лице може да ја разбереме и метафорично, односно како суровата проверка на реалноста ги уништува фантазиите, со други зборови шлаканицата ни овозможува да се соочиме со реалноста. Деновиве сите ние, како држава, нација и општество, сме сведоци на метафорична шлаканица. Во ситуација кога постојно се негира постоењето на македонскиот јазик, Раул Гонзалез Гутиерез, човекот што со македонски ракометен клуб ја освои Европа (Лигата на шампионите во сезоната 2016–2017), јавно најсилно ја осветли реалноста. Во гостување во една од спортските телевизии, Раул Гонзалез говореше на македонски јазик, притоа на прашањето од водителот дали му е полесно да комуницираат на англиски јазик, тој одговори: Не, може на македонски

Бугарското општество повеќе од еден век живее во еден имагинарен свет, свет што се должи на повеќевековна пропаганда што ги негира македонскиот јазик и другите македонски национални особености. Една подлабока анализа потврдува дека бугарските граѓани не можат да ја согледаат реалноста, затоа што повеќе од еден век се подложни на пропаганда што влијае врз нивните мисли, верувања и однесувања, пропаганда што презентира погрешни и пристрасни информации преку селективна употреба на факти, емоционална реторика и повторувачки пораки што го обликуваат бугарското јавно мислење. Најголемиот апсурд е во фактот што оваа бугарска пропаганда за македонскиот јазик и другите македонски национални особености, обичниот граѓанин честопати ја проследува како редовна информација. Но деновиве бугарските граѓани добија една метафорична шлаканица во лице од страна на шпанскиот ракометен тренер Раул Гонзалез Гутиерез, кога на прашањето дали му е полесно да говори на англиски јазик, јасно рече: Не, подобро на македонски! Ова е совршен пример дека бугарските граѓани живеат во една конструкција, конструкција во која нема македонски национални особености, а целиот свет го говори спротивното – македонскиот јазик е вековна реалност. Можеби бугарското општество еден ден ќе се приземји и освести од оваа шпанска шлаканица.

„Беспрекорна приказна“ што не ја одразува стварноста

Невронауката констатира дека перцепцијата не е пасивно огледало на „она што е таму“, туку активна конструкција. Реалноста настанува кога човековиот мозок ги спојува сензорните влезни сигнали, односно претходните искуства и очекувања во една „беспрекорна приказна“, но понекогаш таа приказна има недостатоци и не ја одразува реалноста во вистинско светло, поради што доаѓа до погрешна перцепција. Ова погрешно примање на впечатоците од стварноста може да се должи на когнитивните пристрасности, како што е барањето докази што одговараат на приказната и игнорирање на другите докази или споделените илузии, како што е масовната хистерија или моралните паники што се шират низ социјалните мрежи.

Повеќемина светски психолози честопати погрешното примање на стварноста го споредуваат со Дон Кихот и неговата борба со ветерниците. Херберт Розенфелд (германскиот психијатар и водечки аналитичар во психоаналитичкиот третман на психозата) во својот класичен труд „За Кихот: Играње со реалноста“, вели дека нападот на Дон Кихот врз ветерниците е халуцинаторно изведување на неговите најдлабоки фантазии, а Ирвин Д. Јалом во своето дело „Љубовниот џелат“ посочува дека Дон Кихот се соочува со „духовните“ противници што самиот ги создал. Не случајно познатите психолози ги споменуваат Дон Кихот и ветрениците, бидејќи тие се совршен пример за реалноста наспроти перцепцијата.
– Гледајќи ги ветерниците како непријатели, Дон Кихот всушност го истакнува начинот на кој нашите верувања го обликуваат нашето искуство. Она што го перципираме – дури и ако е објективно лажно, може да ги обликува нашите постапки. Со други зборови, Мигел де Сервантес преку Дон Кихот ги кани читателите на неговиот роман да се запрашаат колку често нашите „ветерници“ го замаглуваат вистинскиот терен на нашите животи, односно Сервантес ни посочува дека приказните може да бидат се конструкции, а мудриот читател учи како да ја разликува ласкава илузија од живата вистина – велат нашите соговорници.

Бугарското општество (не) може да ги согледа вистината и реалноста?

Пошироката македонска јавност со децении е сведок на една погрешна перцепција на реалноста. Низ годините постојано можевме да слушнеме или да прочитаме како истакнати бугарски политичари и општественици велат дека македонскиот народ и јазик не постојат, споменатото беше видливо и во обидот на бугарските европратеници преку амандман за македонскиот јазик и идентитет да пишува модерен, предлог што не помина.

Добро упатени лица во оваа проблематика велат дека овие постапки не треба да нѐ зачудуваат и дека тие се должат на погрешната перцепција за постоењето на македонскиот јазик, перцепција што во голема мера се должи на т.н. условна моќ, која ја искривува реалноста. Џон Кенет Галбрејт (истакнат економист, дипломат и интелектуалец) во својата книга „Анатомија на моќта“ идентификува три вида моќ – присилна, наградна и условена. Според Галбрејт, условната моќ, е всушност добивање на покорност преку убедување, а не преку болка или награда. Оваа условната моќ се стекнува преку идеологијата, образованието, навикнувањето и обликувањето на општествените норми.
– Луѓето почнуваат да ја прифаќаат туѓата волја како природна или правилна и се предаваат без отворена принуда. Оваа трета форма на моќ е клучна за модерната политика и економија. Со промена на верувањата – преку школување, пропаганда, јавно мислење и институционални рутини – условената моќ толку темелно ја вградува послушноста што оние што се подложени на неа честопати дури и не ја препознаваат сопствената покорност – нагласува Џон Кенет Галбрејт.

Добро упатени лица ни посочуваат дека школувањето, пропагандата, влијанието врз јавното мислење и институционалните рутини ја обликуваат перцепцијата за македонскиот јазик во бугарското општество.
– Всушност бугарските граѓани не можат да ја согледаат реалноста, затоа што повеќе од еден век се подложни на пропаганда што влијае врз нивните мисли, верувања и однесувања, пропаганда што презентира погрешни и пристрасни информации преку селективна употреба на факти, емоционална реторика и повторувачки пораки што го обликуваат бугарското јавно мислење. Најголемиот апсурд е во фактот што оваа бугарска пропаганда за македонскиот јазик и другите македонски национални особености, обичниот граѓанин честопати ја проследува како редовна информација, без да истражува подлабоко – велат нашите соговорници.

Ненадејна шлаканица што враќа во реалност

Неколку истражувања потврдуваат дека ненадејната шлаканица по образот е повеќе од само удар што предизвикува болка, всушност тоа е т.н. киднапирање на режимот на сонување на човековиот мозок. Со други зборови, болката предизвикана од шлаканицата е когнитивно „ресетирање“, бидејќи болката ги регулира предниот цингуларен кортекс и инсулата (кои се поврзани за чувството на болка и насочувањето на вашето внимание). Конкретно цингуларниот кортекс и инсулата итно емитуваат пораки до префронталниот кортекс, пораки што можат да гласат – запрете, обрнете внимание сега. Не случајно психолозите и терапевтите понекогаш препорачуваат контролирано самоудирање по лицето како алатка што враќа во сегашниот момент, а самоудирањето може да се разбере и како заземјување или отрезнување.

Но, шлаканицата во лице може да ја разбереме и метафорично, односно како суровата проверка на реалноста ги уништува фантазиите, со други зборови шлаканицата ни овозможува да се соочиме со реалноста. Деновиве сите ние, како држава, нација и општество, сме сведоци на метафорична шлаканица. Во ситуација кога постојно се негира постоењето на македонскиот јазик, Раул Гонзалез Гутиерез, човекот што со ракометниот клуб Вардар ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2016–2017, јавно ја обелодени реалноста. Во гостување во една од спортските телевизии, Раул Гонзалез говореше на македонски јазик, притоа на прашањето од водителот дали му е полесно да комуницираат на англиски јазик, тој одговори: Не, може на македонски.
Колку и да звучи чудно, Раул Гонзалез Гутиерез јавно пред целиот свет им удри шлаканица на сите оние што го негираат македонскиот јазик, но и сите други македонски национални особености.
– Веројатно дека оваа шлаканица од Раул Гонзалез ќе ги разбуди бугарските граѓани од нереалноста во која живеат и конечно ќе разберат дека се несвесни жртви на една националистичка пропаганда, пропаганда што ги нарушува односите помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, како и добрососедските односи помеѓу Македонија и Бугарија. Македонскиот јазик постои, без разлика дали некој се обидува да ја видоизмени реалноста – велат нашите соговорници.

А во една таква ситуација, нашите соговорници со доза на огромно изненадување истакнуваат дека „најверојатно прв почна да се буди бугарскиот претседателот Румен Радев“.

Како?
Па, деновиве тој испрати јасна порака на јавна сцена дека „во Бугарија живеат два милиони Македонци!“

Според логиката на нештата, тоа македонско малцинство зборува македонски јазик, зарем не?
– И не само живите. Како Македонци се декларирале и оние што одамна заминале од земниот живот и им се придружиле на нашите македонски предци, кои почиваат во својата Македонија – додаваат нашите соговорници.