Реакции во Бугарија
Што пишуваат бугарските медиуми по отфрлањето на дерогирачкиот амандман за македонскиот идентитет и јазик, препознаен во АФЕТ како спротивен на перемпторните норми, правила и принципи на јус когенс
Свето Тоевски
„Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, беше изгласан на 24 јуни 2025 година од страна на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. Предлогот за поднесување амандман ’модерен’ за македонскиот идентитет и јазик не доби мнозинство. Сите амандмани од бугарските европратеници беа отфрлени. Извештајот беше одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи со 40 гласа ‘за’, 19 беа ‘против’ и 10 ‘воздржани’“, објави вчера бугарската информативна агенција БГНЕС во својата информација со наслов „Извештајот на Томас Вајц за С. Македонија оди на пленарна седница на Европскиот парламент“.
Агенцијата натаму наведува: „На 27 мај 2025 година БГНЕС беше првиот што објави дека Европскиот парламент е пред усвојување извештај за напредокот на С. Македонија кон ЕУ, кој на неколку места содржи признавање на ’македонскиот идентитет и јазик’“.
Според БГНЕС, „работата на документот беше проследена со основани сомневања за надворешно мешање – вклучувајќи и влијание на властите во С. Македонија врз содржината на извештајот, како и врз ставовите и постапките на австрискиот европратеник Томас Вајц. Според дипломатски и парламентарни извори, Вајц одржал десетици средби со претставници на Македонија, вклучувајќи и со пратеници и министри“.
БГНЕС неверојатно агресивно влегува во констатации со кои ги гази основните принципи на меѓународното право, во врска со врховните (јус когенс) норми.
„Постојат легитимни загрижености во врска со координираните напори на С. Македонија да формулира политички заклучоци што еднострано служат на нејзината позиција – особено за чувствителни теми како што се јазикот и идентитетот. Позагрижувачки е што Европскиот парламент нема надлежност да го признава или дефинира идентитетот и јазикот. Во која било форма да се усвои извештајот, тоа не значи отворање на патот на Македонија кон преговори. Однесувањето и постапките на Вајц се во спротивност и со моралните и со етичките принципи на европските институции“, се наведува во извештајот на БГНЕС.
Понатаму, агенцијата констатира дека бугарските европратеници ќе ги продолжат своите (нихилистички и деноминаторски, н.з.) активности, со поддршка и континуитет на актуелна Софија.
„Во овој контекст, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) го одложи гласањето за извештајот за 24 јуни. Одлуката беше поддржана и од бугарските европратеници, кои ја оценија како разумна. Тие изјавија дека ќе го искористат преостанатото време до гласањето за да инсистираат на избалансирана формулација и одбрана на бугарската позиција – вклучувајќи го и прашањето за правата на македонските Бугари“.
„Во кратка изјава Вајц ги увери своите колеги дека документот не е предмет на надворешен притисок, наведувајќи: ‘Секој знае дека овој извештај беше предмет на жестока политичка дебата. Јас целосно ја поддржувам неговата содржина. Сите политички групи учествуваа во преговорите. Компромисните амандмани се поддржани од сите нив. Ова е извештај на Европскиот парламент за подготвеноста на С. Македонија за пристапување. Прашањето за малцинствата, заедно со владеењето на правото, е општоевропско прашање“.
„Премиерот на С. Македонија, Христијан Мицкоски, кој ги дефинира ’македонскиот јазик и идентитет’ како ’вековни’, постојано тврди дека зборот ’вековни’ е присутен во текстот на извештајот“.
„Зелената партија на Томас Вајц е коалициски партнер на Европската слободна алијанса (ЕСА), која вклучува организации како што е неуставната ОМО Илинден-Пирин (забранета во Бугарија), како и Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија“.
БГНЕС додава и дека Уставниот суд на Бугарија ја прогласи ОМО Илинден-Пирин за неуставна затоа што „нејзините цели се насочени против единството на бугарската нација, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата“.
„Во своето образложение, судот наведе дека крајната цел на организацијата е: ’Основање независна македонска држава со отцепување на Пиринска Македонија од Бугарија’“, објави вчера бугарската новинска агенција БГНЕС по усвојувањето на извештајот на Вајц за Република Македонија.
Бугарски „Дневник“: Унгарец го блокираше бугарскиот амандман
Дел од бугарските медиуми што известуваа за случувањата во Брисел, акцентот го ставија на фактот дека токму унгарски европарламентарец го оспорил новоподнесениот амандман од ЕПП за „модерен“ (или современ) македонски јазик, како дел од извештајот за Македонија за Томас Вајц.
За тоа да не се гласа за овој амандман, според бугарскиот европарламентарец Радан Канев од Групата народни партии, се изјасниле тројца унгарски од шесте европарламентарци што беа против во Комитетот за надворешни работи на ЕП, што, според него, покажува дека Виктор Орбан не е вистински пријател на Бугарија, туку напротив – единствениот во ЕУ што застанал против бугарската позиција околу јазикот.
„Европратениците во Комитетот за надворешна политика (АФЕТ) на Европскиот парламент го одобрија извештајот за напредокот на С. Македонија, откако еден Унгарец од владејачката партија го блокираше амандманот предложен од неговите бугарски колеги, со кој би се менувал текстот со кој се признава македонскиот идентитет. Гласањето за овој необврзувачки документ се очекува во пленарната сала. Усниот амандман на Андреј Ковачев и Ивајло Велчев, со кој се додава зборот ’модерен’ (’современ’) пред формулата за македонскиот јазик и идентитет, беше блокиран од европратеникот од Фидес“, пишува бугарски „Дневник“.