Антиупатства за лична употреба

ЗАФРКАНЦИЈА

Хоровите на жаби се познати во животинскиот свет. Иако може да се каже дека и штурците и волците имаат навика да се дополнуваат со гласовите во групното довикување, жабјиот хор зазема издвоено место по гласноста на вокалните партии.
Амбицијата на одделни жапци да станат хороводачи често доживува трагично крешчендо, зашто брзо забележани од штрковите и преостанатите долговратести водни птици болно ја завршуваат својата кариера. Хорот продолжува понатаму. Гласно и кратко или повоздржано и побезбедно, тоа е некаков избор додека се прпелкаат во мочурливиот занес.

Од друга страна, камелеонот ги збунува грабливките и го чува животчето менувајќи си ги боите во широк спектар, од сина до портокалова, од зелена до црвена, од зелена до бела. Неговите испакнати очи, независно едно од друго, можат, за разлика од испакнатите на жабата, да го согледаат светот од различни агли, со едното однапред, со другото одназад.

На писателот му е јасно дека ваквите споредби од животинското царство се многу поприменливи во светот на политиката отколку во книжевноста, но сепак се обидува камелеонската вештина, неговиот неоспорен талент за преслекување, таа врвна зафрканција постојано и по своја желба да се менува, да ја примени успешно кај големите мајстори на книжевниот занает.

А во природата, си вели – жабите гласно ќе крекаат, камелеоните итро ќе се преобликуваат, а чавките ќе си грачат меѓу високите крошни на дрвјата

ЛУЛЕЕЊЕ

Немам проблем со инспиративната бодрост, констатира писателот седнат на дрвената клупа во паркот под сенките на големите дрвја. Чувствува висок степен на заедништво со природата додека одозгора нашироко го гледа езерото по кое се движат голем број пловила: бродови, чамци на мотор и лотки со весла, едрилици и кајаци, катамарани и педалинки, со различни брзини, но сите имаат доволно простор да не си пречат во пловидбата.

Знае, загледан во глетката на езерскиот сообраќај, дека ќе има за што да пишува.
Но не мора сѐ да запише, но не мора сѐ да предвиди.