Голем број спротивставени реакции следуваа вчера откако косовскиот парламент, со апсолутно мнозинство и во отсуство на пратениците од српската националност, го усвои пакетот закони што овозможуваат трансформација на безбедносните сили на Косово во вооружени сили без промена на името. Тоа не придонесува кон стабилност во регионот, порачаа меѓу другото од Белград, а свое жалење поради оваа одлука изрази и првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг. Очекувано, одлуката беше поздравена од страна на официјалните Тирана и Вашингтон, додека од ЕУ порачаа оти мандатот на косовските безбедносни сили би требало да биде менуван исклучиво низ инклузивен и постепен процес, во согласност со косовскиот устав
Косовскиот парламент со апсолутно мнозинство гласаше за Законот за косовските безбедносни сили. За законот, кој беше усвоен со 45 амандмани, се изјаснија 106 пратеници од вкупно 120, додека на вчерашното гласање не присуствуваа пратениците од српската националност.
Со овие закони косовските безбедносни сили станаа „воена мултиетничка сила, професионална, вооружена и овластена за служење во земјата и во странство, во согласност со своите уставни и законски мандати“. Таа има мисија да ги штити територијалниот интегритет, граѓаните, имотот и интересот на Косово“, се наведува во образложението за носење на овој закон.
Седницата на косовското собрание, на кое ќе се гласа за формирање на војската на Косово, започна со едноминутен молк, во знак на почит за, како што рече парламентарниот спикер Кадри Весели, „сите поколенија што во различни околности, ги жртвуваа своите животи за овој ден“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Процесот на формирање војска на Косово наиде на противење во одделни западни земји и во НАТО, но последните чекори покажуваат дека Косово сепак доби зелено светло за овој потег. Како што сведочат и последните изјави на одделни американски и британски официјални лица, формирањето војска на Косово се гледа како право на суверена држава и на тој начин, всушност, е демонстрирана поддршка за приштинските власти, пишува во текстот објавен на „Дојче веле“.
Како што и се очекуваше, и во овој случај беше пресудна поддршката од САД – кога Америка го даде својот благослов, беше јасно дека станува збор за неповратен процес. Оваа поддршка од сенка јасно се гледаше и сосема е сигурно оти властите во Приштина не би се одлучиле на ваков смел политички чекор без поддршка од Вашингтон, оценува за „Дојче веле“ воено-политичкиот коментатор Александар Радиќ.
Мотивите на Вашингтон се јасни, бидејќи Америка промовира независност за Косово на секој чекор, па поради тоа и поддршката за создавање тамошна војска не е преголемо изненадување. Постојат, секако, тврдења дека тоа не е преголемо изненадување и за српските власти, но оти по природата на работите официјален Белград практично мора во јавноста да изразува длабока загриженост, пишува „Дојче веле“.
Законот за трансформација на безбедносните сили во оружени сили предвидува косовската војска да има мандат на цела територија на Косово, со сите атрибути на вооружена формација, со врховен командант, генералштаб, оружје и симболи. Предвидено е да има 5.000 активни припадници и да биде мултиетничка, вклучувајќи и претставници од српската националност.
– Формирањето на војската на Косово е резултат на вековното жртвување на нашиот народ. Ова е историски ден за Косово – напиша претседателот на Косово Хашим Тачи на Фејсбук, пред почнувањето на седницата на парламентот.
Белград: Згазено е меѓународното право
Со вчерашното гласање во косовскиот парламент почина меѓународното право. Тие што придонесоа за ова веќе не се ни кријат за своите дела. Тоа го прават САД, Велика Британија и Германија и сите оние од меѓународната заедница што ја спонзорираа косовската независност, изјави Никола Селаковиќ, генерален секретар на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој во својата реакција потсети дека Резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност од 1999 година е единствен важечки меѓународен правен акт за прашањето на Косово и Метохија и за присуството на вооружените сили.
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, вели дека со формирањето на војската, Приштина на најгруб начин ги нападна мирот, безбедноста и сигурноста и ги повика сите Срби на воздржаност и да не наседнуваат на провокации.
НАТО жали за одлуката на Приштина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера изрази жалење поради одлуката на Собранието на Косово да ги усвои законите за создавање косовска војска.
Во соопштение издадено по одлуката на косовското Собрание, Столтенберг го повтори ставот на Алијансата дека иако таа поддржува трансформација на косовските безбедносни сили, сега е „погрешно време“ за такво нешто.
Поради оваа одлука НАТО ќе го „преразгледа“ степенот на „ангажман“ со косовските безбедносни служби.
Албанскиот државен врв го поздрави формирањето вооружени сили на Косово, оценувајќи ја одлуката како историска.
Претседателот Илир Мета преку социјалната мрежа Фејсбук ѝ честита на косовската политика „што овозможи формирање сопствена армија“.