Кадровски промени во врвните места на разузнавачката заедница на Oбединетото Кралство
Владата на Велика Британија објави дека Блејз Метревели е назначена за нова шефица на британската разузнавачка служба (МИ6). Таа ќе биде првата жена што ќе ја води агенцијата во нејзината 116-годишна историја
Долгогодишната вработена во МИ6 Блејз Метревели стана директорка на МИ6. Таа претходно беше генерална директорка за технологија и иновации – позиција позната како Кју, меѓу чии цели е да се чуваат во тајност идентитетите на агентите. (Да потсетиме, раководното место кју им е познато и на обожавателите на серијата за Џејмс Бонд по должноста за да го опреми агентот 007 со софистицирани технолошки иновации за олеснување на разузнавачката работа.)
Имено, наесен Блејз Метревели ќе го замени Ричард Мур на позицијата означена со буквата Си. Традиционално, единствената личност од МИ6 што јавно се идентификува е шефот на агенцијата. Но, за шеф на таа служба, Ричард Мур беше „доста јавна личност“. Тој наизменично ги извршуваше улогите помеѓу дипломатијата и разузнавачкиот сектор, беше британски амбасадор во Турција и ја започна својата кариера како агент теренец.
За разлика од него, Метревели, која има 47 години, целиот свој работен век го поминала во разузнавачката служба и речиси нема јавен профил.
Според соопштението од Даунинг стрит 10, Блејз Метревели ѝ се приклучила на службата во 1999 година, откако завршила студии по антропологија на универзитетот „Кембриџ“. Потоа таа добила ангажман во службата на оперативни задачи на Блискиот Исток и Европа.
Интересно е што британскиот премиер Кир Стармер ја нарече одлуката за назначување на Метревели како шеф на МИ6 – „историска“ и ја нагласи важноста на нејзината нова задача.
– Обединетото Кралство се соочува со невидени закани – без разлика дали станува збор за агресори што испраќаат шпионски бродови во нашите води или за хакери со софистицирани планови да ги нарушат нашите јавни услуги – изјави во јавноста британскиот премиер Кир Стармер при именувањето на новата шефица на МИ6.
Во 2022 година таа даде интервју за „Фајненшл тајмс“ под псевдонимот Ада, како дел од статија за животот на британските жени разузнавачи. Таа рекла дека прикриената работа на агентот е единствената работа што некогаш ја посакувала и дека како девојче научила аматерски методи на разузнавање, како што е користењето кодови.
Едно од попредизвикувачките прашања со кои ќе се соочи Метревели ќе бидат односите со ЦИА и другите американски разузнавачки агенции додека Доналд Трамп се враќа во Белата куќа. Велика Британија е дел од разузнавачкиот сојуз „Пет очи“ заедно со САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Меѓутоа „симпатиите на Трамп кон Владимир Путин предизвикале загриженост кај сојузниците и отвориле прашања за тоа дали САД сѐ уште се безбеден партнер за споделување класифицирани информации“. Но, со изборот на Метревели за прва жена на чело на МИ6, британската влада следеше сличен пат како Трамп, кој ја назначи Џина Хаспел за директорка на ЦИА за време на неговиот прв мандат.
Според британски медиумски претставник запознаен со процесот на селекција, Метревели влегла во последната рунда на селекција – со уште една дама. За тоа можеби помогнал фактот што поранешниот шеф на агенцијата долго време се залагал за потребата МИ6 да стане уште поразновидна во однос на полот и расата.
Р.С.