Фото: ЕПА

Првпат има претставување фудбалери еден по еден, кои индивидуално излегуваат на теренот, се користи судиска камера, има ново правило за осум секунди за голманите, судијата им ги соопштува одлуките на ВАР и причините за нив на присутните на стадионот, првпат гледачи на меч можат да ги видат репризите што им се прикажуваат на официјалните лица, се користи забрзана полуавтоматска технологија за офсајд, за наградата супериорен играч се одлучува со јавно гласање помеѓу 60. и 88. минута на секој меч…

Клупското Светско првенство во фудбал што се игра во САД се ближи кон осминафиналето, а две екипи по две кола веќе обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри тима во светот, како Баерн (Германија) и Фламенго (Бразил), по натпреварите во саботата. Реформираниот клупски Мундијал, на кој првпат настапуваат 32 клуба, се игра и според нови правила и некои други новитети.
Така, првпат има претставување фудбалери еден по еден, кои индивидуално излегуваат на теренот.
– Мислам дека тоа е нешто посебно и ново за нас. Уживав во тоа. Зошто да не го има во Премиер-лигата? Многу ми се допаѓа. Единствената разлика е, ако го направивме тоа во Премиер-лигата, можеби малку ќе ни залади, бидејќи ќе мора да ги почекате можеби другите играчи – рече играчот од средниот ред на Челси, Ромео Лавија, пренесе „Би-би-си“.
Камерата на судијата прикажува снимки во живо пред натпревар, во тунелот, за време на загревањето и при фрлањето паричка. За разлика од рагби-унијата, не се прикажуваат слики во живо за време на натпреварот и, иако головите и некои моменти ќе се прикажуваат со задоцнување, нема да се појави ништо контроверзно или, на пример, незгодна повреда. Снимки ќе бидат достапни за системот видеопомошник-судија (ВАР), но тоа не е целта на иновацијата, пишува „Би-би-си“. Поранешниот меѓународен судија Пјерлуиџи Колина вели дека технологијата е главно концепт за забава. Она што ќе го направи, велат од ФИФА, е да ја прикаже играта од единствена гледна точка.
Светското клупско првенство е меѓу летните турнири на кои првпат се применува новото правило за осум секунди за голманите. Според правилата на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), корнер се доделува ако голманот, во својот шеснаесетник, ја држи топката во раце повеќе од осум секунди пред да ја пушти. Судијата ќе почне визуелно да одбројува пет секунди со крената рака.
Голманот на Мамелоди Сандаунс, Ронвен Вилијамс, стана првиот што го прекрши правилото во последните 10 минути од победата на неговата екипа против Улсан со 1-0, пишува „Би-би-си“. Правилото се применува и на Европското првенство за фудбалери до 21 година.
Како и на претходните турнири на ФИФА, судијата на теренот им ги соопштува одлуките на ВАР и причините за нив на гледачите на стадионот. Првпат гледачи на натпреварот ќе можат да ги видат репризите што им се прикажуваат на официјалните лица. Сепак, уште нема да има пренос од дискусиите во ВАР-центарот, пишува „Би-би-си“.
– Не можам да ви кажам дали нешто повеќе би можело да се додаде во иднина. Но, треба да го направиме тоа кога ќе бидеме сигурни дека тоа нема да влијае на процесот на донесување одлуки – рече Колина.
Официјалните лица користат забрзана полуавтоматска технологија за одредување офсајд, која им кажува веднаш да ја прекинат играта доколку играч што е повеќе од 10 сантиметри во офсајд ја допрел топката. Таа иновација е насочена кон намалување на непотребните одложувања на донесување на одлуката за офсајд. Помошните судии го добиваат известувањето веднаш наместо да чекаат технологијата да ги провери позициите и растојанија, како што е случајот со полуавтоматизираните системи за офсајд што се користат во повеќето големи лиги.
Наградата за супериорен играч му се доделува на фудбалерот на натпреварот од секоја средба и се одлучува со јавно гласање. Гласањето е отворено помеѓу 60. и 88. минута, преку ФИФА, пренесе „Би-би-си“. Н.М.