Педесет години од визијата на траума, култ и просветление

Рецензија за мјузиклот „Томи“ на Кен Расел

Во 1975 година Кен Расел го реализира „Томи“ – филм што не влегува во киното тивко, туку избувнува како визионерски крик од длабочините на една колективна потсвест, гласен колку и музиката на „Д Ху“, врз која е изграден. Тоа е адаптација на познатата рок-опера и уметнички експеримент што ја прекршува формата на музичкиот филм, создавајќи сопствена категорија: метафизичка панорама на траума, култ и епифанија, обликувана низ психоделичен вител од слики и звуци.
Расел не се задоволува со репрезентација – тој изведува симболична дисекција на општествената, духовната и семејната структура, разглобувајќи ја во нејзините најдлабоки контрадикции. Во срцето на филмот не лежи само приказната за едно момче што ја губи способноста да слуша, гледа и зборува, туку и рефлексија за општеството што престанало да ја препознава вистината зад симболите што ги создава.
„Томи“ не се задоволува само со тоа да биде обична екранизација – тој го разорува наративниот поредок и создава нов синтаксички систем на значења. Филмот не се одвива, тој пулсира, трепери, избива како визија – слично на епифанија среде дисторзија. Расел го раширува филмскиот јазик до границите на халуцинацијата, создавајќи дела што повеќе личат на некаков обред отколку на драма.
Преку агресивни визуелни монтажи и наизменични објективни и субјективни перспективи, „Томи“ станува израз на едно растегнато, внатрешно време. Време што се искривува според психолошките состојби на протагонистот, со што Расел го еманципира филмот од линеарноста и ја отвора неговата форма кон митскиот круг – од пад, преку страдање, до воздигнување и повторно жртвување.
Филмот ја следи приказната на Томи, момче што како дете станува сведок на трауматичен настан и поради шокот губи три од петте сетила – слухот, зборот и видот. Неговиот пат од изолација до духовно просветление е исполнет со необични, често надреални сцени што ги истражуваат длабочините на човековата психа. Приказната е метафорична, користејќи ја музиката на „Д Ху“ како средство за изразување на емотивните и психолошките слоеви на ликот. Темите на религијата, комерцијализацијата на духовноста и личниот раст се во една сложена корелација, како своевидна наративна ткаеница.
Глувонемоста и слепилото на главниот лик не се само физички последици на траумата туку и духовна метафора за современиот човек – затворен во сопствениот ум, одвоен од суштинската вистина. Токму преку оваа состојба, Расел го портретира современиот човек како изгубен андроид, кој мора да помине низ симболична смрт и преродба за да ја достигне вистинската димензија. Секој лик што го среќава Томи – од Асид Квин до Пинбал Визард – е архетип, алегорија на искушенија, сенки и просветлени водичи.
Роџер Долтри, лидерот на „Д Ху“, го игра главниот лик Томи. Неговата изведба е харизматична и полна со енергија, совршено вклопена во музичките делови на филмот. Но она што е поважно, тој успева да ги претстави внатрешната тишина на ликот, неговата ранливост и постепената духовна трансформација.

Легендарната Тина Тарнер блеска во улогата на Асид Квин. Нејзиниот перформанс е експлозивен, една од најрепрезентативните улоги во филмот, каде што музиката и сликата се спојуваат во интензивна визуелна литургија. Ан-Маргрет и Оливер Рид, во улогите на родителите, се движат во спектарот на вина, негрижа, амбивалентна љубов и општествена слепило. Сцената со млекото, чоколадото и гравот што се разлеваат низ белата соба е незаборавна и исполнета со симболичен набој – преголемата удобност како затвор, мајчинството како модифицирана вина.
Расел ја користи визуелната психоделија за естетски ефект, а и како средство за медитативна навигација низ потсвесното. Во таа смисла, Томи се надоврзува на езотериските традиции на гностицизмот и херметизмот, каде што страдањето не е крај, туку предуслов за иницијација. Прогледувањето на Томи е повеќе од телесен настан – тоа е момент на враќање кон себе, момент на спознание, но и прв чекор кон ново искушение. Наместо духовен водач, Томи станува медиум на масовна хистерија – продукт на комерцијалната машинерија што знае како да ја спакува и да ја продава дури и болката.

Естетиката на филмот се граничи со барокна величина – секоја сцена е преоптоварена со симболи, бои, ритуални предмети и иконографија. Сепак, во тој навидум кинохаос се кријат внатрешна строгост и прецизна симетрија. Музиката, повторливо и ритуално инкорпорирана, дејствува како „сигил“ – магичен симбол што отвора внатрешна врата.
Она што „Томи“ го прави толку резонантен и денес, речиси половина век подоцна, е токму неговиот бескомпромисен пристап кон трансцендентноста. Тој не нуди утеха, туку катарза. Не ветува спас, туку сугерира дека вистинската еманципација започнува тогаш кога ќе се ослободиме од потребата за водач.
Томи не е приказна, туку прашање – отворено, тешко, неумоливо. Прашање што сè уште одекнува низ светлината и мракот на секоја душа што има храброст да го погледне. И токму во таа постојана неизвесност, во таа незавршеност, лежи неговата најголема моќ.

Јане Алтипармаков