Томас Вајц Фото Принтскрин

Денеска во комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (афет) требаше да се разгледува извештајот за напредокот на пристапниот процес на Македонија изготвен од Томас Вајц. Гласањето е одложено за 24 јуни

  • Срамна за Софија и трагична за ЕУ и за меѓународното право е позицијата искажана јавно од страна на бугарските европарламентарци, кои ултражестоко, од позиции на тежок шовинизам со елементи на неонацизам, ја критикуваат фразата во извештајот на Томас Вајц за Македонија, во која е наведен ставот за „признавање на македонскиот јазик и идентитет“! Софија бара овој дел од извештајот да се отфрли и да отпадне?! Експертите по меѓународно право го квалификуваат овој став на Бугарија како „тежок, можеби летален удар на меѓународното право и на европските институции, бидејќи јавно и гласно во европскиот законодавен дом се дозволува несанкционирано да се изнесуваат неонацистички позиции“
  • Токму ова е вистинскиот момент, според мислења во дипломатските кругови, „целата меѓународна јавност, меѓународни институции, сите релевантни меѓународноправни организации, влади и шефови на држави во Европа и светот да се уверат дека испорачаните барања на официјална Софија се беспредметни и ништовни во контекст на меѓународното право (во смисла на врховното право и принципи јус когенс), односно дека официјална Бугарија ги гази меѓународноправните норми, кои по дефиниција се највисоки (перемпторни, обичајни) правила и принципи што се посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum)! Во овие норми спаѓаат правото на самоопределување и интегритет, правото на правна и суверена еднаквост, правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на немешање во внатрешните работи итн. Наведениве норми се посилни и од нормите содржани во уставите (на државите) и меѓународните договори и конвенции и овие норми и принципи не се подложни на дерогирање“!

Жестока реакција со елементи на флагрантно кршење на меѓународното право и перемпторните норми на „јус когенс“ е регистрирана во настапите на Софија, а особено на бугарските европарламентарци, зачинети со безброј навреди, закани од позиции на шовинизам и неонацизам, насочени против „признавањето и постоењето на македонскиот јазик и идентитет, фраза што е инкорпорирана во извештајот за напредокот на Македонија, кој денес е предмет на презентација во Европскиот парламент (ЕП)“.
Имено, оркестриран е атакот на бугарски европарламентарци кон предлог-официјалниот извештај за напредокот на Македонија (подготвен од страна на работната група што ја предводи Томас Вајц). Освен навреди, клевети и изблици на неонацизам и шовинизам, има и барања за оставка на известувачот и повлекување на извештајот од процедура, како и закани на негова лична адреса.
Порталот „ЕУлајв“ објави долг извештај за случувањата околу извештајот на Томас Вајц во Европскиот парламент. Имено, и таму се наведува дека „причина за бугарските ирационални реакции е амандманот во кој стои ’со почитување и признавање на македонскиот јазик и идентитет‘“. Имено, според споменатиот портал, Софија го обвинува Вајц „за координација со Скопјe за да се изготви едностран извештај, за прикривање критични состаноци, за протекување доверливи нацрти, за маргинализирање на спротивставените гласови и за неисполнување на својата должност како неутрален известувач“. (?!) Известувачот Вајц ги отфрли овие обвинувања, и незагрижено изјави во јавноста дека неговиот извештај вклучува „општи референци и права на малцинствата“.

Софија обвинува и дека македонската влада предвреме го ималa извештајот, што е индикатор за дипломатски преференции за Скопје

Бугарските европарламентарци се незадоволни и од аспектот што ,наводно, Владата на Македонија предвреме го имала извештајот на Вајц и „детално била запознаена со содржината на извештајот, многу пред да завршат внатрешните разговори во Европскиот парламент (ЕП)“. Бугарските европарламентарци го поткрепуваат тоа со фактот што „премиерот Христијан Мицкоски дал повеќе јавни изјави, недели пред да биде финализиран нацртот, предвидувајќи со прецизност што ќе вклучува извештајот, при што Мицковски изјавил за јавноста дека во извештајот ќе има четири референци за ’македонскиот јазик и идентитет‘“. Според Софија, токму овој потег придонел за ставање дипломатски преференцијален статус на Скопје за ова прашање, наедно придонесувајќи за „дипломатски пораз на Софија во контекст на извештајот во ЕП“.
Навистина, според самиот Вајц, „македонските актери ги виделе нацрт-амандманите“, иако тој додаде дека „не се направени никакви промени врз основа на македонските повратни информации“. Во еден таков контекст, консултираните дипломати во нашата земја, велат дека тоа е конкретно успех на македонската дипломатија, да знае однапред нешта за што може превентивно и дипломатски да реагира: позитивните работи да ги стимулира, а негативните, да ги противаргументира и спречи. Но исклучително е битно, според соговорниците, кои се странски дипломати од кариера во земјава, дека со ваквиот настап на Софија пред очите на целата европска и светска јавност се демаскираат уцените и ултиматумите на официјална Софија кон Македонија. Нивните барања, координирани со мал дел од бриселските елити, се беспредметни и ништовни во контекст на меѓународното право (во смисла на врховното право и принципи јус когенс)!
– Со таквите барања, Бугарија ги гази меѓународноправните норми, кои по дефиниција се највисоки (перемпторни, обичајни) правила и принципи што се посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum)! Во овие норми спаѓаат правото на самоопределување и интегритет, правото на правна и суверена еднаквост, правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на немешање во внатрешните работи итн. Наведениве норми се посилни и од нормите содржани во уставите (на државите) и меѓународните договори и конвенции и овие норми и принципи не се подложни на дерогирање! – велат консултираните дипломати акредитирани во нашата држава.
-Во една институција како Европскиот парламент, која е дел од Унијата, во чии основни, конститутивни документи (како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права), во кои експлицитно “се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет”, со амандманите од страна на бугарските парламентарци се врши “акт на тероризам на демократијата во ЕУ”, токму во срцето на ЕУ, во европскиот законодавен дом, со полн интелектуален, дипломатски и демократски капацитет, тврдат нашите соговорници .П.Р.


Томас Вајц и јавно призна дека е изложен на сериозен напад од бугарските европарламентарци

– Не можам да негирам дека бугарските членови на Европскиот парламент се незадоволни со текстот. Тие, исто така, јавно го изразуваат тоа во бугарските медиуми. Одат дотаму што дури и сум лично нападнат дека сум пристрасен. Има дури и случаи каде што се тврди дека сум корумпиран од С. Македонија, што целосно ги отфрлам. Нема никакви плаќања, никакви услуги, ништо. Се обидував, заедно со колегите, да изготвам реалистичен извештај за ситуацијата во која се наоѓаме. Исто така, спомнав инциденти на говор на омраза, злосторства од омраза против различни групи. Ова, за жал, го гледаме и во различни држави. Исто така, интензивно се обидував да ги вклучам бугарските членови на Европскиот парламент и нивните легитимни барања, исто така да се спомене бугарската заедница… П.Р.