Во текот на последните дваесет години, влијанието на Република Полска во Европа значително се зголеми. Иако за време на Студената војна Полска беше синоним за заостанатост и сиромаштија и емиграција, од воведувањето на повеќепартиската политика во 1989 година до 2025 година, Полска се трансформираше во друг модел на држава. Може да се заклучи дека „проектот за полска држава“ ги надмина и западните очекувања – модерната полска држава станува моќна европска, економска и воена сила што може да се натпреварува во многу сегменти со традиционалните европски сили како што се Германија, Франција и Велика Британија
Анализа
Полска стана политичка сила благодарение на нејзината стратешка важност во рамките на Европската Унија и НАТО. Полска има важна геополитичка позиција: се наоѓа во срцето на Европа и се граничи со Русија, Германија, Чешка, Белорусија и со Украина. Географската положба на тампон-зона меѓу големите империи ја обликувала полската историја, а низ вековите Полска била изложена на притисок од големите сили како што се Австро-Унгарија, Германија и Русија. По распадот на СССР, Полска се движеше кон евроатлантска интеграција. Таа им се приклучи на НАТО во 1999 година и на Европската Унија во 2004 година, што дополнително ја зајакна нејзината политичка позиција во Европа.
Во текот на изминатите две децении, Полска стана лидер во промовирањето на интересите на земјите од Источна Европа во рамките на ЕУ и НАТО. Како што руското влијание во поранешниот Советски Сојуз расте, Полска се позиционира како силен противник на Русија и станува столб на НАТО во Источна Европа. Варшава се етаблираше како клучен партнер на САД во Источна Европа. Логистичката и воената поддршка за украинската држава и дарежливата хуманитарна поддршка за украинските бегалци за време на војната во Украина во 2022 година ја зајакнаа позицијата на Полска во рамките на западниот блок. Вклученоста во украинската војна го зајакна угледот на Полска. Варшава стана регионална сила во Централна и Источна Европа.
Ова е очигледно преку лансирањето на иницијативата „Три мориња“ – мултилатерален форум насочен кон подобрување на транспортната инфраструктура, енергетската безбедност и економската соработка меѓу 13 земји помеѓу Балтичко, Црно и Јадранско Море. Со оглед на нејзината големина (40 милиони жители), економската сила и политичкото влијание, Полска се стреми да ја искористи иницијативата за да ја зајакне својата меѓународна позиција како земја членка на иницијативата. На полските политичари им се поставуваат многу прашања во рамките на западните институции. Без силна Полска, источната граница на ЕУ и НАТО не може да се одржи, ниту пак Украина во војната против Русија. Американските креатори на политики што се силни застапници на иницијативата „Три мориња“ се свесни за ова.
Економска моќ
По воведувањето на демократијата кон крајот на 1980-тите, полската економија ефикасно и брзо се трансформираше од планска во пазарна економија. За разлика од огромното мнозинство источноевропски социјалистички држави, Полска го избегна воведувањето див капитализам и приватизациски грабеж. Лешек Балцерович, првиот некомунистички министер за финансии, презентираше „план за шок-терапија“ насочен кон брза и радикална транзиција на економијата. Беа создадени предуслови за полското економско чудо, кое траеше од почетокот на 1990-тите до денес. Транзицијата се темелеше на структурни реформи, приватизација, фискална дисциплина и отворање кон странски инвестиции и интеграција со глобалните пазари.
Цените беа ослободени од владина контрола, со што побарувачката на пазарот стана клучен фактор во одредувањето на цените. Високата инфлација е контролирана со контролиран раст на платите и намалено трошење на владата. Беше воведен нов даночен систем, кој го поттикна претприемаштвото и ги зголеми буџетските приходи. Полска привлече странски инвестиции, што беше клучно за модернизација на индустриите, создавање нови работни места и трансфер на технологии. По 2004 година, кога Полска стана членка на Европската Унија, странските инвестиции дополнително се зголемија. Странските инвеститори, исто така, ѝ овозможија на Полска да се интегрира во глобалните синџири на снабдување, особено во сектори како што се автомобилската индустрија, електрониката и стоките за широка потрошувачка.
Полската економија расте побрзо од побогатите европски земји. Номиналниот бруто-домашен производ (БДП) на Полска растеше во просек од 6 до 8 отсто годишно од 2000 до 2010 година, а од 2010 до 2020 година, БДП растеше во просек од околу 5 отсто годишно. Полска стана центар на модерни индустрии како што се производството на литиумски батерии (втора во светот по Кина), автомобилската, хемиската, текстилната и прехранбената индустрија. Многу глобални брендови на автомобили, како што се „Фолксваген“, „Фиат“ и „Опел“, имаат производствени погони во Полска, што овозможи создавање работни места и технолошки иновации, односно напредок во земјата. Полска е исто така водечки производител на бела техника, електрични апарати и мебел во Европа, дополнително зајакнувајќи ја својата позиција на меѓународниот пазар. Земјата дури има и трговски суфицит со Германија.
Покрај традиционалните индустрии, Полска инвестира во модернизација на сите сектори. Земјата има квалитетен образовен систем и редовно е рангирана повисоко од Германија, Франција или од Велика Британија во математика, технологија и во инженерство. Затоа, не е изненадувачки што многу меѓународни технолошки компании, како што се „Гугл“, „Мајкрософт“ и ИБМ, имаат свои развојни центри во Полска, што дополнително придонесува за динамиката на локалниот пазар на трудот. Еден од најважните елементи на полскиот економски раст се големите инвестиции во инфраструктура.
Полска користи европски средства за модернизација на своите патишта, железници, морски пристаништа и аеродроми. Во периодот од 2014 до 2020 година, Полска доби речиси 86 милијарди евра од фондовите на ЕУ, а значаен дел од овие средства беа насочени кон инфраструктура. Стандардот на живеење во градови како Варшава, Краков или Вроцлав веќе е сличен на оној во Лондон или во Берлин. Полската дијаспора се враќа дома поради подобрениот квалитет на животот, многубројните можности за работа и пониските трошоци за живот отколку во Западна Европа.
Воена сила
Воената сила на Полска се подобрува со континуирани големи финансиски трошоци за вооружените сили. Како земја со долга историја на војни, Полска во 21 век интензивно работи на модернизација на своите вооружени сили и обезбедување долгорочна воена одржливост. Стратешката позиција помеѓу Западна Европа и Русија и членството во НАТО ја прават Полска клучна земја за ЕУ. Во текот на изминатите десет години, во соработка со партнерите од НАТО (особено САД), Полска спроведе сеопфатна модернизација на своите вооружени сили за зајакнување на своите одбранбени капацитети.
Владите на партијата Право и правда (ПиС), кои беа на власт од 2015 до 2023 година, започнаа колосална воена набавка, нарачувајќи илјадници тенкови, самоодни хаубици, борбени авиони, ракетни лансери и нови системи за воздушна одбрана. Повеќето договори беа потпишани со САД и со Јужна Кореја. Набавката на американски борбени авиони Ф-35 во 2020 година претставува стратешка промена за полските воздухопловни сили, бидејќи овој модерен авион ѝ дава на Полска технолошка предност во воздушната одбрана. Набавката на тенкови „абрамс“, исто така од САД, ја зајакнува копнената армија и дополнително ги зајакнува одбранбените капацитети. Договорите за испорака беа потпишани во 2021 година, а првите тенкови почнаа да пристигнуваат оваа година. Противвоздушните системи „патриот“, испорачани во 2022 година, заедно со плановите за развој на сопствени ракетни капацитети, го прават одбранбениот штит на Полска значително појак.
Полска минатата година потроши 4,12 отсто од својот БДП за одбрана, што е највисоко ниво меѓу членките на НАТО (САД трошат 3,38 отсто од БДП за одбрана) и повеќе од двојно повеќе од препорачаните 2 отсто од пропишаните од алијансата. Иако новата влада предводена од Доналд Туск од Граѓанската платформа вети дека ќе ревидира дел од воените договори, таа продолжи да инвестира во војската. Сегашната влада планира да инвестира 10 милијарди злоти во зајакнување на источната граница на Полска, а премиерот Туск ги повика другите земји од ЕУ да ги зголемат своите трошоци за одбрана.
Полска не е како Германија или Франција
Накратко, Република Полска е пример за успешна држава и показател за тоа како таа не само што може да ги зачува својата автономија и независност во рамките на Европската Унија и НАТО туку и да стане значајна европска сила. Полска не е како Германија или Франција по тоа што ѝ е загарантиран статусот на европска сила, но преку промислени и ефикасни политики, таа сè повеќе добива сила на домашен и на меѓународен план. Човек може да живее подобро во Полска отколку во многу други западноевропски земји. Ова, секако, им пречи на многу германски и француски политичари, кои веруваат дека само Берлин и Париз треба да ја влечат локомотивата на ЕУ. Варшава се наметна како фактор што е невозможно да се игнорира.
Одличните односи со САД дополнително ја зајакнуваат позицијата на Полска во ЕУ и НАТО. Претседателството на Доналд Трамп би можело дополнително да ја зајакне позицијата на Полска, бидејќи Трамп ги промовира независниот и самоодржлив пат на секоја држава на меѓународната сцена и почитувањето на регулативите на НАТО за трошење на 2 отсто од БДП за одбрана. Полска ги исполнува двата критериума и има светла иднина во годините што доаѓаат.
Автор: Матија Шериќ
(Актуалитика)