Фото: Маја Јаневска-Илиева

Резултатите од Проектот „АгроСмарт – Развој на модерно и одржливо земјоделство“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности, денеска беа презентирани во Велес.

Проектот реализиран кај 11 грантисти резултираше со воведување напредни решенија, вклучувајќи агро-дронови за прскање и снимање, обука за управување со дронови, дигитализација и автоматизација на системите за наводнување и ѓубрење, одржливи системи за наводнување, соларни GPS системи за следење на добиток, автомат за продажба на свежо млеко, робот за хранење телиња и автоматизиран мобилен робот за чистење на фарма, автоматска филтер станица за наводнување, како и современи машини за преработката на земјоделски производи.

На настанот присуствуваа и претставникот на Европската делегација, Александру Албу и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветко Трипуновски.

Трипуновски информираше дека проектот започна на 1 февруари 2023 година и ќе трае до крајот на овој месец со буџет од 500 илјади евра. Преку програмата на „Аеросмарт’ 11 грантисти – земјоделски задруги и друштва и претпријатија, како што рече, ги развија и модернизираа своите капацитети со најмодерна опрема во вкупен износ од околу 380 илјади евра, а останатите средства беа наменети за нивна обука и усовршување.

Тој во своето обраќање на завршниот настан потсети дека земјоделството во државата со децении наназад се соочува со сериозни предизвици-старење на земјоделската работна сила и одлив на млади луѓе од руралните средини, недостиг на современа механизација, како и климатски промени кои дирекно влијаат врз продуктивноста и сигурноста на приходите на земјоделците.

– Дополнително, воведувањето на нови технологии во земјоделството – како што се дронови и друга најсовремена опрема, наметнува потреба за прилагодување на постоечките политики и регулативи за кои Министерството ќе се заложи – најави министерот Трипуновски.

Претставникот на Европската делегација Александру Албу во своето обраќање до присутните ги изнесе благодетите за македонските земјоделци и државата од реализацијата на овој проект.

– Вложувањето на околу 380 илјади евра за 11 грантисти за набавка на нови технологии во земјоделството, претставува значаен придонес за модернизацијата на земјоделството во Р.С.Македонија.Сето тоа е неопходно за конкурентност и одржливост на пазарот и со тоа државата се подготвува да се приклучи на единствениот пазар на Европската Унија – нагласи Албу.

Како што информира за МИА, Димитар Смољановски од Македонската развојна фондација за претпријатија преку презентација на видео докумемтарен филм за проектот, преку грантова и техничка поддршка, проектот АгроСмарт подржа вкупно 11 грантисти – меѓу кои земјоделски задруги, земјоделски друштва и претпријатија од североисточниот, полошкиот, југозападниот и преспанскиот регион, за набавка на нова опрема-модерна земјоделска механизација.

– Овој проект е посветен на модернизација на земјоделскиот сектор преку воведување на современи технологии во земјоделието и поттикнување на соработката меѓу земјоделците. Сето тоа во чекор со земјоделството во ЕУ и светот, односно замената со  напредните технологии на човечкиот фактор односно луѓето, а  кои во земјоделството  во земјава ги има сѐ помалку – нагласи Смољановски.

На настанот претставени клучните постигнувања и резултати од проектот, иновативни земјоделски решенија и современа опрема, како дронови од повеќе типа и како истите функционираат. Воедно, беше направен и осврт на влијанието од проектот врз руралниот развој, а пред присутните беше прикажен и документарен филм за реализиција на проектот и како истиот се спроведува кај 11 грантисти вклучени во проектот.