Премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето во Собранието, како една од мерките го истакна стратешкиот проект за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, наведувајќи три главни аспекти за потребата од нив во иднина.
-Единствено за кое преговараме од стратешки аспект се изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште, планираме да го работиме со парите од британскиот заем. Инвестицијата е 1,2-1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали. Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе се потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за тиквешко поле, 55-60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода па се намалува родот и приносот- рече премиерот.
Тој очекува акумулациите во Мариово да придонесат и за развој на туризмот, бидејќи приватни инвеститори покажуваат интерес за просторот, за опремување со содржини.
-Ова е стратешки проект, сумираше премиерот на собраниската расправа, којшто нема да заврши во мандатот на оваа влада, туку ќе трае неколку децении, но е проект којшто треба да донесе голема додадена вредност во државава- рече Мицкоски.
Парите, нагласи тој, се обезбедуваат преку евтини заеми како државна инвестиција, а останатото под пазарни услови и директни приватни инвестиции.
Осврнувајќи се на влијанието врз здравјето на луѓето, Мицкоски нагласи дека поквалитетна и поорганизирана животна средина ќе доведе до помала потреба од здравствени услуги. Тој, исто така, посочи дека дека Буџетот на Фондот за здравство е најголем досега, 53 милијарди денари, што е 300 милиони повеќе во однос на претходните буџети.