ASEAN
Фото: ЕПА

Земјите од Југоисточна Азија мора да ја забрзаат регионалната економска интеграција, да ги диверзифицираат своите пазари и да се обединат за да се справат со ефектите од нарушувањата во глобалната трговија предизвикани од масовното зголемување на царините од страна на САД, изјави шефот на малезиската дипломатија Мохамад Хасан на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи од Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).

– Земјите од АСЕАН се меѓу најтешко погодените од царините наметнати од САД. Трговската војна меѓу САД и Кина драматично ги нарушува глобалните модели на производство и трговија. Веројатно ќе доведе до забавување на глобалната економија, нагласи Мохамад.

Тој додаде дека треба да се искористи моментот за продлабочување на регионалната економска интеграција, со цел да се заштити регион од надворешни шокови.

Земјите од АСЕАН, од кои многу зависат од извозот во САД, се силно погодени од царините наметнати од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, кои се движат од 10 до 49 проценти. Шест од 10-те земји-членки на АСЕАН се меѓу најтешко погодените од царините, кои се движат од 32 до 49 отсто.

Откако Трамп минатиот месец објави 90-дневна суспензија на царините, АСЕАН не успеа да  одржи првичен состанок со САД, но, Малезија, Индонезија, Тајланд и Виетнам почнаа трговски разговори со Вашингтон.

Состанокот на министрите за надворешни работи му претходи на Самитот на АСЕАН закажан за утре во Малезија, која претседава со блокот. На 27 мај се очекува на Самитот да присуствува и кинескиот премиер Ли Кечијанг и лидерите на Советот за соработка во Персискиот Залив, во кој членуваат Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

АСЕАН, е организација за политичка, економска и културна соработка помеѓу земји од Југоисточна Азија, формирана на 8 август 1967 година, на иницијатива на Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур и Тајланд. Подоцна им се приклучуваат Брунеи, Камбоџа, Лаос, Мјанмар и Виетнам. АСЕАН одржува самит секоја година, а комуникацијата се одвива на англиски јазик.