Фото: МПЦ - Охридска Архиепископија

Нема поприлично место од Охрид и македонската светиња над светињите – црквата „Света Софија“ за празнување и одавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј, на оние кои не учеа на единство во верата, на оние благодарејќи на чие дело се удостоивме да го славиме Бога на свој јазик, со свое писмо и од свои книги, истакна поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во обраќањето пред присутните на Свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители.

– Светите браќа Кирил и Методиј создале дело од исклучително значење и од историски и во географски конекст, дело кое и 12 столетие по нивното заминување останува живо и делотворно и кое веруваме ќе остане до крајот на вековите. Македонците, како народ и како Црква, треба да се особено благодарни на светите Килил и Методиј што јазикот говорен во солунско беше јазик на нивната проповед, а тој наш јазик стана и остана богосложбен јазик за бројни народи – рече поглаварот на МПЦ.

Тој додаде дека и по толкаво временско растојание од нивното мисионерско дело, пораката и начинот на делување се поучни и за овие денешни, не помалку немирни и не помалку предизвикувачки времиња.

На свеченоста по повод Денот на сесловенските просветители во Охрид говореше и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, која нагласи дека Кирил и Методиј, со создавањето на глаголицата, на словенските народи им дадоа не само алатка за писменост, туку и можност да го слушнат и разберат Божјиот збор на својот мајчин јазик.

– За Македонија делото на светите браќа има посебна тежина – тие се симбол на духовна светлина, на културна независност и вековната борба за зачувувањена нашиот јазик, писмо и идентитет. Преку нивната мисија, македонската почва стана мост меѓу Истокот и Западот, меѓу верата и науката, меѓу старото и новото, тие се темелите на нашата писменост – рече професорката Ангелова.

Ректораката истакна дека сеќавањето на светите Кирил и Методиј не значи само да се поклонува на минатото, туку обврска да се чува јазикот, културата и духот на слободата, и додаде дека во духот на мисијата на браќата Кирил и Методиј во Моравија, се роди и УКИМ, првиот државен и државотворен универзитет во земјата, основан далечната 1949 година.

На Академијата и претходеше и тематска Изложба на досега необјавени ракописи и старопечатни книги од 13, 14 и 16 век, како и промоција на Тројазичниот речник од Ѓорѓија Пулески кој годинава слави 150 години од првото издание, како и делото „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков.