Балканот би можел да се соочи со прекин на електричната енергија и ова лето, како минатогодишниот колапс што ги остави Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина без електрична енергија или оној што го погоди Иберискиот Полуостров на 28 април

Проекции на Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ)

Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ), со седиште во Грција, предупреди за можноста за повторување на сценариото за „електричен колапс на Балканот“.
Имено, според нивното експертско мислење и соодветното нивно тврдење во форматираниот извештај, „Балканот би можел да се соочи со прекин на електричната енергија и ова лето, како минатогодишниот колапс што ги остави Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина без електрична енергија или оној што го погоди Иберискиот Полуостров на 28 април“.
Експертите на Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ), сметаат дека „главната закана за стабилноста на мрежата е високиот удел на обновливи извори на енергија, доколку тие не се избалансираат со складирање, производство од големи термоцентрали на гас, јаглен или од нуклеарни централи и управување со системот во реално време“!
Анализата на експертите на Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ) предизвикува загриженост за тоа дали и нашата земја е изложена на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во анализата на ИЕНЕ се наведува дека мрежите на Југоисточна Европа се сè повеќе меѓусебно поврзани, како едни со други така и со поширокиот европски електроенергетски систем.
– Оваа интеграција носи и предности, како што се подобрена стабилност на мрежата и можност за увоз на енергија за време на недостиг, но исто така, создава и вообичаени ранливости. Значително нарушување во еден дел од регионалниот систем, без разлика дали е поради технички дефект или нестабилност во протокот на електрична енергија, би можело да има каскадни ефекти преку границите, особено во услови на голема побарувачка или неурамнотежено снабдување.
Енергетичарите во балканските земји анализираат какви мерки треба да се преземат за превентивно дејствување, за да не дојде до т.н. енергетски колапс што може да причини штети од несогледливи последици во земјите од регионот поединечно, но и во заедничките преносни системи, но сѐ уште се без конкретни предлози. Во секој случај, извештајот на Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (ИЕНЕ) дојде како коректно предупредување и навремено алармирање заради побрзо наоѓање решение на проблемот за кој е оценето дека има голема веројатност да се повтори во следниот летен период. Р.С.


Нашиот стратегиски партнер, Турција, планира да изгради уште две нуклеарни централи

Стабилни енергетски ресурси заради обезбедување раст и развој

Според соговорници на „Нова Македонија“ што се и експерти од областа на енергетиката, ова е извонредна можност за Македонија да разгледа различни опции за енергетска соработка со својот стратешки партнер од Балканот..

Официјална Анкара е во преговори со канадската компанија „Канду енерџи“ и со други компании во врска со плановите за изградба на втора и трета нуклеарна централа во Турција. Оваа информација во јавноста деновиве ја пласира турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар.
Министерот Бајрактар ​​рече дека „Турција сака да им даде идентитет на планираните проекти за електроцентрали“, токму оваа година.
– Русија, Јужна Кореја и Кина се заинтересирани за втората и третата електроцентрала. Но, покрај нив, има и други земји и компании со кои преговараме. Една од нив е, на пример, Канада. Компанијата „Канду“ – рече министерот.
„Канду енерџи“, подружница во целосна сопственост на „АткинсРеалис“, е вклучена во тековните дискусии со одредени засегнати страни низ светот за канадската нуклеарна технологија, изјави Даниела Пицуто, директорка за надворешни комуникации во „АткинсРеалис“.
– „Канду енерџи инк.“ ги поздрави прелиминарните разговори со турскиот министер за енергетика и неговите колеги. Со нетрпение очекуваме да го зголемиме нашиот ангажман во наредните денови и недели – изјави Пицуто.
Таа додаде дека „Канду“ е во сопственост на Владата на Канада, а „АткинсРеалис“ е ексклузивен носител на лиценцата.
„Росатом“, руската државна компанија за нуклеарна енергија, ја гради првата нуклеарна централа во Турција во Акују во медитеранската покраина Мерсин, како дел од договор вреден 20 милијарди долари од 2010 година.
Турција планира да изгради втора нуклеарна централа во црноморскиот регион Синоп и трета нуклеарна централа во северозападниот регион Тракија.
Според соговорници на „Нова Македонија“ што се и експерти од областа на енергетиката, ова е извонредна можност за Македонија да разгледа различни опции за енергетска соработка, па и партиципација на нашата држава во делот од изградбата на некоја од планираните нуклеарни електроцентрали во Турција, бидејќи стратегискиот договор со Турција би ни овозможил формална рамка за операционализирање на соработката во овој домен. Р.С.