Можеби во блиска иднина присуството на кучиња во болниците ќе стане вообичаена работа бидејќи една студија, неодамна презентирана во Соединетите Американски Држави, покажува дека нивото на анксиозност кај лицата со срцеви проблеми се намалило за 24 проценти откако „најдобриот пријател на човекот“ поминал 12 минути во болничкиот кревет. Авторите на студијата, експерти од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, велат дека кај пациенти со срцеви заболувања што биле посетени од волонтери, нивото на грижа и анксиозност се намалило само за 10 проценти, а дека кај оние што немале никакви посети немало позитивни промени. Истражувачите откриле дека пациентите што накратко се дружеле со своите четириножни пријатели имале понизок пулс и нивоа на норепинефрин, хормон на стрес, што всушност сугерира дека нивните срца функционирале подобро.
Сепак, најзабележително подобрување било нивното расположение. Секако, за луѓето со срцеви заболувања таквата промена е многу важна, бидејќи тие обично се депресивни и се чувствуваат беспомошно. Според Кети Кол, членка на истражувачкиот тим, некои од нив се исклучително загрижени и вознемирени особено по третата ноќ во болница.
За потребите на нивното истражување, тимот од Лос Анџелес „ангажирал“ кучиња од различни раси, кои биле обучени да дадат помош при лекување. Но, експертите истакнуваат дека дури и недресираните кучиња имале многу смирувачки ефект врз луѓето со срцеви проблеми. Истиот ефект, како што додаваат тие, би можеле да го произведат и други животни ако пациентот е приврзан кон нив.