Чешка наместо автомобили сега рапидно го зголеми производството на оружје / Фото: ЕПА

Уште една анализа во прилог на милитаризацијата на Европската Унија

Во текот на изминатите триесет години, Чешката Република се разви во земја со најголемо производство на автомобили по жител во светот. Впрочем, 2024 година за тоа беше рекордна. Имено, повеќе од 1,4 милион возила беа произведени во земјата со десет милиони жители – речиси четири проценти повеќе од претходната година. Сепак, во првиот квартал од 2025 година, производството се намали за 7,1 проценти, главно поради намалената побарувачка за автомобили во Западна Европа. Таа намалена побарувачка е поврзана со проблемите во автомобилската индустрија на ЕУ, бавниот премин кон електричните возила, како и американските царини…

Додека производството на автомобили опаѓа, воената индустрија е во подем

Во текот на изминатите три години, чешките фабрики за оружје значително го проширија производството и остварија голем профит.
Според Алеш Род од Центарот за економска и пазарна анализа, уделот на чешката одбранбена индустрија во економијата би можел да се зголеми неколкукратно во наредните години. Сега, истиот тој изнесува околу 1 отсто од бруто-домашниот производ (БДП).
– Го гледаме тој потенцијал на наменската воена индустрија. Гледаме зголемување на побарувачката во воената индустрија во следните 10, дури и 15 години. Нашите магацини се празни. Она што го произведуваме, дури и не се лади, а веќе е испратено – изјавил Алеш Род од Центарот за економска и пазарна анализа, за Чешкото радио.
Исто така, Дануше Нерудова, поранешна ректорка на Универзитетот „Мендел“ во Брно и членка на Комитетот за буџет на Европскиот парламент, го дели тоа мислење.
– Одбранбената индустрија може да стане нов мотор на чешката и европската економија. Може да ги искористи ослободените капацитети и работна сила од автомобилскиот сектор, да го стимулира економскиот раст и во исто време да ја зајакне нашата безбедност – изјави Нерудова за анализа на „Дојче веле“.
Од друга страна, познатиот чешки економист, Петр Захрадник, е малку поскептичен.
– Чешките фабрики за оружје доживуваат златни времиња, тоа е вистина. Нивните капацитети се шират, чешките воени компании го шират својот капитал во најнапредните делови од светот. Но не верувам дека тоа ќе го замени автомобилскиот сектор како мотор на чешката економија. Искрено, не би сакал да видам како военото производство го истиснува цивилното производство – вели овој советник на Европскиот економски и социјален комитет во Брисел за „Дојче веле“.

Долга историја на наменската индустрија во Чешка

Подрачјето на денешна Република Чешка било центар на воено производство дури и пред Првата светска војна. И меѓу двете светски војни и потоа, тогашна Чехословачка била еден од водечките производители и извозници на оружје во светот. Со години, извозот на оружје сочинуваше околу десет проценти од вкупниот извоз на Чехословачка.
Така, помеѓу 1958 и 1989 година, споменатата тогашна држава Чехословачка произведе десет илјади борбени и авиони за обука. Според експертите, чехословачкото оружје во тоа време било најдобро и со највисок квалитет во поранешниот Источен блок и се извезувало во десетици земји низ целиот свет. Исто така, имаше голема домашна побарувачка бидејќи Чехословачка кон крајот на 1980-тите имаше тешко вооружена армија од неколку стотици илјади луѓе и издвојуваше околу 20 проценти од државниот буџет за одбрана.
Крајот на Варшавскиот пакт и конфронтациите во Европа, како и разоружувањето во раните 1990-ти, проследено со значително намалување на воените трошоци, силно ги погодија чешките производители на оружје и муниција. Последниот голем извозен договор на Чехословачка беше договор за испорака на 250 тенка Т-72 за Сирија, одобрен од првата некомунистичка влада во 1991 година.
Распадот на Чехословачка во 1992 година доведе и до поделба на воената индустрија: производството на тенкови и тешка механизација остана главно во Словачка, додека авионската индустрија, производството на лесно оружје, муниција, радарски системи и особено мало оружје останаа во Чешка. Неуспешните приватизации, намалувањето на чешките воени расходи на еден процент од БДП, професионализацијата и намалувањето на армијата на само околу 20.000 војници – сето тоа значително ја ослабна чешката воена индустрија. По почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, чешките фабрики за оружје значително го зголемија производството – честопати за неколку стотици проценти годишно. Особено, производството на муниција, модернизацијата на тенкови, производството на воени возила, самоодни хаубици, беспилотни летала, радари и светски познати митралези и куршуми се во пораст, пишува ДВ.
Производителот на авиони „аеро“, гордост на чешката воена индустрија, разви нов борбен и авион за обука, „скајфокс“, кој ќе се користи за обука на украински пилоти на бомбардери Ф-16. Четириесет проценти од производството од чешките фабрики за оружје оди во Украина, каде што се основаат и заеднички вложувања. Вкупно, до 90 проценти од производството се извезува. Во исто време, расте и потребата за вооружување на чешката армија. Минатата година, трошоците за одбрана на Чешка за првпат достигнаа два процента од БДП. Премиерот Петр Фиала најави дека тоа ќе достигне три проценти во наредните години.

Воената индустрија: профитабилен бизнис или конјуктура во политички контекст?

За издвојување во анализите е дека „растат и профитите на приватните сопственици на воени компании“. На пример, сопственикот на „Чехословак груп“, Михал Стрнад, речиси го дуплираше своето богатство од минатата година – од 129,5 милијарди круни (околу пет милијарди евра) на 230,5 милијарди круни (околу девет милијарди евра). Слично беше и со другите големи чешки производители на оружје. Овој бум треба да продолжи во годините што доаѓаат. Производителот на муниција „СТВ груп“ ќе го зголеми тројно производството на муниција за артилерија од голем калибар оваа година, која главно ја снабдува Украина – од 100.000 на 300.000 парчиња. Компанијата „ПБС груп“, исто така, планира да го удвои производството на мотори за ракети и беспилотни летала.
Бројот на вработени исто така значително расте. Само „СТВ груп“ планира да вработи дополнителни 1.000 работници. Најголемиот чешки воен концерн, „Чехословак груп“, кој покрај производството на муниција е сопственик и на фабриката за воени автомобили „Татра“, веќе вработува 14.000 луѓе. За споредба: најголемиот автомобилски концерн, „Шкода ауто“, кој е во сопственост на концернот „Фолксваген“, вработува околу 20.000 работници во својата главна фабрика во Млада Болеслав. Сепак, поради поедноставното производство на електрични автомобили, во иднина ќе има намалување на бројот на вработени.
Од друга страна, на крајот на февруари 2025 година, шефот на „Шкода“, Клаус Зелмер, за професионалниот портал „Автомобилвохе“ изјави дека неговата компанија, која моментално има 41.000 вработени, планира да го намали бројот на работници за петнаесет проценти. Многу од овие работници би можеле да се преселат во воената индустрија. Според чешките агенции за вработување, тие нема да имаат потреба од голема преквалификација.
Очигледно е дека во Чешка е забележлив трендот што военото производство го истиснува цивилното производство. Но по која цена, кога ќе стигне времето за намирување на сметките? Р.С.