Различен приод на Лондон и Париз на политиките кон Западен Балкан: „Велика Британија многу сериозно го сфаќа Балканот“, а особено Македонија
- Бугарија имаше во Франција свој стратегиски партнер, како во евроинтеграциите така и во оживотворувањето на бугарските интереси во регионот, а особено кон Македонија: Макрон и Франција беа спонзори на таканаречениот „француски предлог“, кој во суштина беше бугарски предлог, само завиткан во „француска обланда“ со „европски парфем“. Британија излезе од ЕУ, но поврзаноста и меѓусебното влијание на Лондон и Брисел останаа. Може ли од новото стратегиско партнерство со Обединетото Кралство да произлезат некакви ефекти и на планот на интеграциите за Македонија?
- Консултираните европски дипломати велат дека „Велика Британија многу сериозно го сфаќа Балканот“. Следствено, дали освен планираните колосални економски инпути за Балканот, особено за Македонија, би можела сега Велика Британија политички да одигра некаква своја улога во отстранувањето на „бугарската рампа“ врз почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ? Дали ќе се реши Лондон да влијае врз официјална Софија да се откаже од својот тврд став да внесува билатерални прашања во евроинтеграцискиот процес на Македонија и да го држи во блокада? Или, пак, можеби, ќе се насочи кон Париз за да менаџира со Елисејската палата присутност на Балканот што ќе претставува вин-вин опција за двете светски суперсили?
Потпишувањето на Договорот за стратегиско партнерство меѓу Македонија и Велика Британија се случува или се совпаѓа во период кога официјален Лондон најавува свој засилен и зголемен ангажман во Западен Балкан. Во својата анализа со наслов „Путин го сака Западен Балкан како негово следно ‘игралиште’ – Велика Британија предупредува“, „Политико“ посочува дека „тензиите растат во Западен Балкан, како второто жариште во Европа“, при што го цитира британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами. Но интересно е дека во анализите се вели дека Велика Британија прави напори да ги поттикне сите шест држави од регионот да ѝ се приклучат на ЕУ. Лондон го прави тоа низ различни форми и содржини, вклучително и со економско-финансиски инпути, кои според британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, „половина од британските инвестиции во целиот Западен Балкан се во Македонија, а Договорот влада со влада ќе значи продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство“.
– Инаку, сите шест држави од Западен Балкан се обидуваат да станат членки на ЕУ, што е долготраен процес во кој геополитиката може да биде еднакво важна, како и исполнувањето на задачите за усогласување. Тие се соочуваат со значителни предизвици, како на домашен план така и со своите соседи – пишува „Политико“ во анализата.
Различен приод на Лондон и Париз во своите политики кон Западен Балкан?
– Франција стои рамо до рамо со земјите од Западен Балкан да ги поддржи нивните реформски напори во рамките на нивното пристапување кон Унијата. Процесот на проширување е врз основа на заслугите и напредокот на секоја земја кандидат – овој став и натаму стои во „Француската стратегија за Западниот Балкан“, која и натаму стои објавена на официјалната интернет-страница на француското Министерство за Европа и за надворешни работи. Франција во континуитет продолжува да ја истакнува својата заинтересираност за присуство и влијание врз Западен Балкан, но Македонија многу различно го почувствува тоа на својата кожа. Францускиот став за Западен Балкан се образложува и во споменатата „Француска стратегија за Западен Балкан“, во која посебно се нагласува: „Сепак, сè уште треба да се направат многубројни реформи со цел да се обезбеди долгорочна стабилност во регионот на Западен Балкан и да се овозможи тој да се справи со предизвиците што треба да се решат, вклучувајќи: политички предизвици (нерешени спорови, дури и ако Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог), економски и социјални предизвици, тешкотии во одржливото воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања и надворешни влијанија, кои го одвлекуваат вниманието на Западен Балкан од неговата европска определба.
Врз основа на овие забелешки, францускиот претседател сакаше Франција да осмисли вистинска стратегија за Западен Балкан, со цел да ги удвои своите напори за обезбедување стабилизација на шесте земји што не се членки на ЕУ, во нивниот економски и социјален развој, како и за подобрување на владеењето на правото“. Но очигледно, за нас, таа „француска стратегија“ има еден стравотно контроверзен момент, што создава дури и одредени сомнежи какви вистински стремежи и замисли има Франција за Западен Балкан, а во овие рамки и за Македонија.
Францускиот информативен портал „Гранд континент“ не случајно ќе изнесе критички став во својата анализа, објавена на 17 мај 2025 година низ една иронија: „Дали треба да се европеизираат билатералните спорови?“
– Дали треба да се европеизираат соседските спорови? Дали треба да почекаме земјите самите меѓу себе да ги решат своите билатерални спорови, без разлика дали се однесуваат на територијални, етнички, културни или какви било други прашања, пред да можат формално да ги започнат преговорите за пристапување? Или треба да ги европеизираме билатералните спорови во обид да го забрзаме нивното решавање на патот кон ЕУ? Оваа последна опција претпоставува дека ЕУ има доволно лостови за дејствување за да ги охрабри земјите да најдат траен договор меѓу себе. Но фактите што денес се забележуваат на Балканскиот Полуостров потврдуваат дека ЕУ нема таков капацитет да посредува земјите да најдат траен договор меѓу себе – нагласи „Гранд континент“ во својата анализа.
Дали официјален Лондон со стратешкиот договор со Македонија ќе го демантира мислењето дека „Европа нема капацитет за траен договор со земјите од Западен Балкан“?
Во скоро време многу јасно ќе се види дали и колку ќе има заинтересираност официјален Лондон, по потпишувањето на стратегискиот договор со Македонија, да внесе одредени позитивни импулси на примерот со Македонија, да ги реафирмира преговорите на земјите од Западен Балкан со Брисел и да укаже на девијациите на меѓународното право што ги протурка Париз.
Официјален Лондон, преку својот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, го оцени како „историски момент во билатералните односи меѓу Британија и Македонија стратешкото партнерство меѓу Македонија и Велика Британија“.
– Како што слушнавте од премиерите, ние објавивме стратешко партнерство во рамките на кое се потпишува и Договор влада со влада, кој ги поставува условите за поголема трговска размена и инвестиции од Велика Британија во земјава – изјави во јавноста британскиот амбасадор Лосон. Тој исто така издвои дека „на двете страни постоело мислење дека е погодно време да се постигне стратешкото партнерство за да се направи дополнителен исчекор“! Се разгледуваат и можности за соработка во образованието, културата и секако продлабочување на соработката во борбата со организираниот криминал и миграцијата.
Лосон: Граѓаните ќе ги видат бенефитите од стратешкиот договор
– Ние како Велика Британија сме слободна трговска нација и мислиме дека ова ќе даде импулс – работиме многу напорно за формирање британска бизнис-асоцијација, имаме фантастична листа на бизниси тука што веќе инвестирале и кои сакаат да ја продлабочат нашата врска – изјави Лосон.
Договорот влада со влада, кој ќе биде потпишан денес во Велика Британија, според британскиот амбасадор, е дел од тоа пошироко партнерство.
– Се надеваме дека ова дополнително ќе даде поттик за инвестирање на стотици милиони фунти од значење за британската економија и стотици милиони фунти од значење за вашата економија за кои сум сигурен дека граѓаните ќе ги видат – додаде тој.
Свето Тоевски