Фото: „Нова Македонија“

На денешното потпишување на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија се гледа како на нова можност, особено ако се има предвид фактот дека официјален Лондон ќе вложи во ова партнерство шест милијарди евра, кои ќе бидат наменети за повеќе крупни, стратегиски и капитални проекти, кои би требало да значат висок инвестициски отскок и забрзан раст и развој на Македонија

Македонија и Велика Британија денес потпишуваат договор за стратешко партнерство

Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија вреден шест милијарди евра ќе биде потпишан денеска во Лондон од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски и Герет Томас, министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија во Обединетото Кралство.
Ова е трет стратешки договор, но прв со дефиниран и исклучително висок финансиски габарит што земјава го потпишува, што е нешто што идентификува колосална финансиска инјекција во инфраструктурни проекти во земјава.
Претходно Македонија потпиша стратешки договори со САД и со Турција, но општиот впечаток е дека и по толку години од потпишувањето тие не се исползувани како што треба, односно како државата да не била целосно подготвена да парира на можностите од таквите стратегиски понуди/договори и да ги искористи бенефитите од ваквите стратешки партнерства во полн формат и капацитет.
Од тие причини на денешното потпишување на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија се гледа како на нова можност, особено ако се има предвид фактот дека официјален Лондон ќе вложи во ова партнерство шест милијарди евра, кои ќе бидат наменети за повеќе проекти, кои ќе значат забрзан развој на Македонија и голем инвестициски бум.

Инвестиции во инфраструктурата, здравството, образованието,
дигитализацијата…

Несомнено со овој Договор за стратешко партнерство Македонија добива досега најголем обем на средства за остварување капитални проекти, што не беше операционализирано и уште помалку ползувано со претходните два договора со САД и Турција.
Овој пат во договорот се назначени јасни цели во кои ќе бидат инвестирани парите, пред сѐ за поддршка на реализацијата на инфраструктурни проекти во областите на здравството, транспортот, технологијата, енергетиката, дигиталната трансформација и други важни сектори во државата, клучни за нејзиниот развој и приближување до стандардите на некои земји членки на Европската Унија.
Очекувањата се дека со ваквиот инвестициски циклус ќе се овозможат реален раст на македонскиот БДП, раст на македонската економија, како и подобар стандард за граѓаните.
Планираните проекти, според договорот, вклучуваат изградба и реконструирање на железничкиот коридор 10 од Табановце до Гевгелија, за што се проценува дека ќе бидат потребни до две милијарди евра. Исто така, околу 200 милиони евра би чинела изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, како и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградба на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски оцени дека потпишувањето на меѓувладиниот договор претставува историски момент, бидејќи станува збор за најобемен договор што Македонија досега го постигнала со држава што е клучен западен сојузник и светска велесила.

– Тоа не е која било држава, тоа е втората светска сила, држава со која имаме одлична соработка во рамките на НАТО алијансата, дел е од западната цивилизација, става на располагање најмногу средства и за мене е најважен политичкиот момент бидејќи влегуваме во партнерство со клучен западен сојузник што јасно ја дефинира политиката на Владата, но исто така и позицијата на Македонија како прозападно ориентирана држава и држава што ги почитува евроатлантските вредности. Исто ми е драго што Обединетото Кралство објави дека постигнале договор со ЕУ, што значи дека во еден пакет ги имаме трите клучни сојузници на Македонија, тоа се ЕУ, Обединетото Кралство и САД – истакна вицепремиерот Николоски.
Она што го нуди Договорот за стратешко партнерство, покај директната финансиска линија, е можноста за размена на знаења и искуства, користејќи експертиза од Владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за поддршка на реализацијата на проекти, но и за трансформација на јавната администрација и приватниот сектор со експертиза од бизнис-заедницата од Обединетото Кралство, но и од владините агенции.
Условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот, како што тврди Николовски, ќе бидат поповолни од кое било досегашно позајмување. Финансирањето ќе биде директно поврзано со проектот.
– Кај некои проекти рочноста ќе биде пократка, кај некои ќе биде подолга, ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџет, но исто така и од реализацијата на проектите – рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер минатата недела, на средбата одржана во рамките на самитот на Европската политичка заедница во Тирана, постигнаа согласност за договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Британија, кој се оценува како историски и ќе значи уште посилна билатерална соработка и можност за зајакнување на политичкиот дијалог.


Договор на огромни можности, но и за сериозна посветеност и одговорност

Клучен проект најавен со Договорот за партнерство меѓу Македонија и Велика Британија е изградбата на брза пруга по должината на коридорот 10, од Табановце до Гевгелија. Бенефитот за државата е што ќе се поврзе со грчките пристаништа со брза железничка линија и на тој начин целиот транспорт на стоки и луѓе ќе се пренасочи преку нашата држава, што истовремено ќе има сериозен позитивен финансиски импакт за Македонија како држава. Транспортот со железница е поевтин, а со изградбата на брзата пруга ќе стане и побрз и поконкурентен од другите видови превоз. Тоа ќе придонесе и за поголема конкурентност и на македонските производи, кои ќе можат побрзо да стигнуваат до европските пазари. Брзата пруга ќе биде магнет и за странските инвеститори, кои токму поради добрата инфраструктура ќе ги лоцираат производните капацитети во земјава знаејќи дека имаат брз пристап до пристаништата, но и до централно-европските пазари. Тоа ќе значи и брз и евтин транспорт и за граѓаните. Истовремено, новата пруга може да значи и примена на нови технологии по примерот на она што го преземаат некои европски земји. Имено, швајцарската стартап компанија „Сан-вејс“ започнува иновативен пилот-проект во кантонот Нешател, каде што ќе инсталира соларни панели директно помеѓу железничките шини. Овој проект, прв од ваков вид во светот, има цел да генерира чиста електрична енергија без да зафаќа дополнителен простор или да го нарушува железничкиот сообраќај. Македонската железничка артерија по должината на коридорот 10 е поставена на исклучително сончев дел, така што и ова може да биде дел од проектот финансиран со британски пари, со што ќе се спречи уништувањето на илјадници хектари плодно земјоделско земјиште низ земјава за градење фотоволтаични централи, но во исто време, електричните возови ќе добијат уште поевтина енергија.
Втор клучен дел од финансискиот план од Стратешкиот договор со Велика Британија се изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, како и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградба на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.
Ова значи сериозен импакт во македонскиот здравствен систем во насока на негово дисперзирање, поточно давање квалитетна здравствена заштита, како во источниот дел на земјата така и на западот на државата. На тој начин граѓаните од сите делови на државата ќе добијат квалитетна здравствена грижа близу до местото каде што живеат наместо да патуваат стотина километри до Скопје. Истовремено, изградбата на клинички болници во повеќе делови на државата ќе придонесе и за намалување на притисокот врз Клиничкиот центар во Скопје, кој сега не е во можност навремено да одговори на потребите на граѓаните, кои за обичен лекарски преглед чекаат и по неколку месеци.
Бенефит од стратешкото партнерство со Велика Британија ќе има и македонскиот образовен систем, кој ќе може да учи од британските позитивни образовни практики, ќе се отвори можност за соработка меѓу образовните институции, како од пониско така и од повисоко ниво. Можност за соработка постои и на повисоко научно ниво.
Соработка е предвидена и во делот на разузнавањето, што во време на силни безбедносни предизвици е исклучително важно за Македонија, имајќи го предвид фактот дека Велика Британија ја има најмоќната разузнавачка агенција во светот.
Особено важна ќе биде соработката во делот на информатичките технологии и дигитализацијата, која станува клучен услов за напредокот на секоја држава. Во тој контекст, важно е споделувањето и на британските искуства во поглед на реформата во јавната администрација, која се очекува од Македонија како земја кандидат за ЕУ.
Моментот на склучување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Велика Британија се поклопува со моментот на затоплување на односите меѓу официјален Лондон и ЕУ по брегзит, со најавите за нов поблизок партнерски однос. Тоа може да значи и бенефит за Македонија во делот на евроинтеграциите имајќи ја предвид моќната британска дипломатија, која може да помогне одредени пречки во делот на македонските евроинтеграции полесно да бидат надминати.
На крајот, она што овој договор може да го донесе за државата е ангажман на македонските компании во изведбата на сите проекти што се најавени во идното партнерство меѓу Македонија и Велика Британија. Тоа значи македонски компании ќе работат на железницата, на болниците и на други инфраструктурни проекти, што несомнено ќе придонесе за повисока стапка на економски раст, но не се исклучува можноста македонски компании во иднина да работат на британско тло.


Аналитички опсервации: Со капитални инвестиции брзо се враќаат
позајмените пари

Повеќето аналитичари сметаат дека Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија е светлина во тунелот, имајќи ја предвид ситуацијата во која се најде државата, како во делот на евроинтеграциите така и во делот на внатрешните процеси.
– Овој договор е одлична работа и треба да биде поддржан од сите, вклучително и од опозицијата бидејќи се работи за капитални проекти што го надминуваат мандатот на една влада. Ни доаѓа како некакво светло во тунелот по општата апатија што го зафати македонското општество. Точно е дека државата се задолжува со шест милијарди евра, но тоа се пари што ќе се инвестираат во капитални проекти, кои ќе генерираат профит откако ќе бидат изградени. Лошо е кога се земаат кредити за да се купува социјален мир, оти тоа се пари фрлени во бунар. Вака, кога инвестирате во капитални проекти, парите брзо ќе се вратат и тие шест милијарди евра ќе ги надоместиме во релативно кус период, а потоа сѐ друго ќе биде чист профит за државата. Тоа ќе значи квалитетен живот за граѓаните, подобра економија, мотив повеќе да се средуваат и другите состојби, како владеење на правото, борба со корупцијата. Тоа се чекорите што и без ЕУ можеме да ги направиме за утре да бидеме подготвени за влез во Унијата без никој да ни приговара за што било. Впрочем, да бевме малку посредена држава, немаше да помине ниту бугарското вето, туку одамна ќе се најдеше некакво креативно решение. Како и да е, стратешките договори со САД и Турција не ги искористивме како што треба, што не значи дека треба да ги запоставиме, туку и на нив треба да се работи на барање нови можности. Затоа сега е потребно уште веднаш да се формираат стручни тимови што ќе работат на проектите најавени во Договорот со Велика Британија, но и да иницираат нови подрачја на соработка што можат да произлезат од новиот однос меѓу двете држави. Велика Британија може особено да ни помогне во делот на судските реформи и борбата со корупцијата, коморите може да работат на тоа македонски фирми да почнат да работат во Велика Британија, така што има многу можности што ќе треба да се искористат. Да не ја заборавиме и областа на енергетиката. За сето тоа е потребна напорна и посветена работа, пред сѐ од наша страна, оти нема ништо да се случи ако не покажеме сами проактивен однос – заклучуваат аналитичарите.