По крвавата Трета индиско-пакистанска војна, двете земји одлучија да дефинираат трајно решение за нивниот долгогодишен конфликт. Потписници на договорот беа Индира Ганди, премиерка на Индија, и Зулфикар Али Буто, претседател на Пакистан. Договорот од Симла, потпишан во јули 1972 година, содржеше неколку важни одредби. Индија се согласи да врати околу 13.000 км² територија што ја беше освоила за време на војната, иако задржа некои стратешки важни точки. Исто така, беа разменети воени заробеници. Беше договорено за меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и за
принципот на немешање во внатрешните работи. Двете страни се согласија сите идни спорови да ги решат мирно, исклучиво преку билатерални преговори и дипломатски канали
КАКО БРИТАНЦИТЕ ГО ПРЕТВОРИЈА ИНДИСКИОТ ПОТКОНТИНЕНТ ВО ХАОС (3)
„Геополитика“, поттикната од сѐ уште актуелниот воен инцидент на Средниот Исток меѓу двата соседа и нуклеарни сили, Индија и Пакистан, прави еден кус историски пресек на настани и потсетува на факти во кои ја става Британија (Обединетото Кралство) во фокусот на својата аналитичка опсервација, претставувајќи политики на Лондон како генератор за длабоки и перманентни безбедносна жаришта
Насилството извршено од страна на западнопакистанските сили го поттикна шеикот Муџибур Рахман да потпише официјална декларација со која Бангладеш се прогласува за независен. Неговата декларација беше емитувана на радиостаниците, повикувајќи го народот на Бангладеш да се спротивстави и да води оружена борба против пакистанската армија. Кратко по прогласувањето на независноста, Муџибур Рахман беше уапсен и префрлен во затвор во Западен Пакистан, каде што остана до крајот на војната. Во меѓувреме, во Источен Пакистан беше формирано движење на отпорот наречено „Мукти Бахини“, составено од герилски борци од населението на Бангладеш. Иако првично беше слабо организирано и недоволно опремено, движењето брзо стана посилно. Индија, под водство на Индира Ганди, почна да му обезбедува воена помош на „Мукти Бахини“, снабдувајќи го со оружје и обука, овозможувајќи му на отпорот да расте побрзо отколку што очекуваше Пакистан. Индиските воени бази по должината на границата со Бангладеш станаа центри за обука на герилски единици.
Големиот прилив на бегалци создаде економски притисок врз веќе сиромашната Индија, принудувајќи ја Индира Ганди да побара меѓународна помош. Сепак, Обединетото Кралство и повеќето европски земји не покажаа интерес за интервенција во конфликтот, додека Соединетите Американски Држави беа стратешки сојузник на Пакистан.
Препознавајќи ги ранливоста и хуманитарната криза на Индија, Советскиот Сојуз потпиша Договор за пријателство и соработка со Индија во август 1971 година, воспоставувајќи стратешко партнерство меѓу двете земји. Тоа ѝ даде на Индија политичка гаранција дека ниту САД ниту Кина нема директно да се мешаат во нејзината евентуална воена интервенција во Источен Пакистан.
Објава на војна
На 3 декември 1971 година Пакистан ја започна операцијата „Ченгиз Хан“, превентивен воздушен напад врз индиските бази во западна Индија. Ова започна отворен конфликт, а Индија одговори со објавување војна на Пакистан и официјално застанување на страната на движењето за независност на Бангладеш. Пакистан се надеваше на брз и решителен успех, по примерот на израелскиот воздушен напад од Шестдневната војна, но немаше доволно авиони за да постигне слични резултати. Индија се бореше истовремено на два фронта: западниот фронт, по должината на границата со Пакистан, и источниот фронт, во рамките на тогашниот Источен Пакистан. Индиските копнени сили беа бројно супериорни и подобро опремени, што овозможи брз напредок и значителни територијални придобивки. На западниот фронт, веќе во првата недела од војната, индиските сили успешно ги одбија пакистанските напади и навлегоа на територијата на западен Пакистан. Во исто време, на источниот фронт, Индија започна координиран напад од три правци. Копнените трупи постепено ја туркаа пакистанската армија кон Дака, додека индиската морнарица ги блокираше пристаништата во Бангладеш, прекинувајќи го снабдувањето на пакистанските сили.
Во воздухот Индија брзо воспостави целосна воздушна супериорност, обезбедувајќи контрола врз целиот воздушен простор.
По само тринаесет дена борби, пакистанските сили во Дака беа целосно опколени. На 16 декември 1971 година беше потпишана капитулацијата, а повеќе од 90.000 пакистански војници беа заробени и станаа воени заробеници. Со тоа Бангладеш официјално стана независна држава.
Иако Индија доби поголема територија за време на војната, Пакистан успеа да освои некои економски важни области во Индија. По поразот и меѓународниот притисок, претседателот Јахја Хан поднесе оставка, а него го наследи Зулфикар Али Буто.
Конфликтите меѓу Индија и Пакистан не престанаа целосно дури ни по завршувањето на војната. Двете страни се обидоа да ги вратат изгубените територии преку ограничени воени операции по должината на границата. Уште на 17 декември 1971 година, денот по предавањето на Пакистан во Дака, индиските сили започнаа напад врз песочните дини на границата меѓу двете земји. Во текот на следните месеци, откако снегот се стопи, Пакистан започна напад врз долината Липа, во кој индиските сили беа совладани и принудени да се повлечат. Судирите резултираа со големи загуби од двете страни. Пакистан, исто така, спроведе воени операции во областите на езерото Туртук и Минимарг. За да му се стави крај на понатамошниот оружен конфликт и да се стабилизираат односите, двете страни го потпишаа Договорот од Симла во јули 1972 година.
Мир на хартија, соперништво во реалноста
По крвавата Трета индиско-пакистанска војна, двете земји одлучија да дефинираат трајно решение за нивниот долгогодишен конфликт. Потписници на договорот беа Индира Ганди, премиерка на Индија, и Зулфикар Али Буто, претседател на Пакистан. Договорот од Симла, потпишан во јули 1972 година, содржеше неколку важни одредби. Индија се согласи да врати околу 13.000 км² територија што ја беше освоила за време на војната, иако задржа некои стратешки важни точки. Исто така, беа разменети воени заробеници. Беше договорено за меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и за принципот на немешање во внатрешните работи. Двете страни се согласија сите идни спорови да ги решат мирно, исклучиво преку билатерални преговори и дипломатски канали. Со договорот, линијата за прекин на огнот, воспоставена во 1949 година по Првата индиско-пакистанска војна, формално беше трансформирана во таканаречената Линија на контрола (ЛК). Двете страни ветија дека нема да се обидуваат да ја променат постојната граница со еднострани потези, и покрај постоењето на меѓусебни несогласувања. Сепак, Договорот од Симла не успеа да го реши клучното прашање – статусот на Кашмир.
Трка со нуклеарно вооружување меѓу Индија и Пакистан
Само две години по потпишувањето на Договорот од Симла, Индија го спроведе својот прв нуклеарен тест во 1974 година, како дел од операцијата „Насмеан Буда“. Иако беше претставен како мирен тест, тоа означи пресвртница во регионалната рамнотежа на моќ и глобалната перцепција за Индија. Нуклеарната програма на Индија датира од 1946 година, кога тогашниот лидер на независноста Џавахарлал Нехру започна подготовки за транзиција на земјата кон употреба на нуклеарна енергија. Целта беше да се изгради самоодржлива и модерна држава со развиени научни капацитети. Во 1948 година Комисијата за атомска енергија беше основана под водство на физичарот Хоми Џехангир Баба, клучна фигура во развојот на нуклеарната политика на Индија. Со помош на Канада, Индија го изгради својот прв истражувачки реактор во 1956 година, а својата прва фабрика за преработка на плутониум во 1964 година.
Кулминацијата на овие напори се случи на 18 мај 1974 година, кога, под водство на премиерката Индира Ганди, беше спроведена првата потврдена нуклеарна проба од страна на држава што не беше членка на Советот за безбедност на ООН. Иако тестот официјално беше претставен како „мирен“, соседните земји – особено Пакистан и Кина – го сметаа за демонстрација на сила и јасен сигнал дека Индија станала нуклеарна сила. По тој настан, Индија дополнително го интензивира развојот на својата програма за нуклеарно оружје.
Мислав Поховски
(продолжува)