
Британскиот премиер Кир Стармер вети дека „ќе ја ресетира“ соработката со ЕУ кога стапи на должност. Сега тој во Лондон им беше домаќин на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Оваа премиерна средба во ваков формат симболизира не само нов почеток туку, според западните аналитичари, и „старт на вистинско повторно зближување меѓу Лондон и Брисел“
Во Лондон обновени преговoрите меѓу Европската Унија и Велика Британија
Пет години по излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, вчера во Лондон се одржа официјална средба меѓу претставници на Унијата и на британската влада.
Три усогласени текста меѓу Брисел и Лондон за „вистинско повторно зближување“
Првите извештаи на медиумите доаѓаат од неименувани дипломати, според кои, преговарачите на Лондон и на Брисел се усогласиле околу три текста наменети за рестартирање на односите, меѓу кои и договорот за партнерство во одбраната и безбедноста. Како што се најавуваше, дел од договорот треба да биде и поблиската координација при набавката на оружје и одбранбени системи. Британските компании, пред сè, се надеваат дека ќе добијат пристап до неодамна одобрениот фонд на ЕУ за вооружување од 150 милијарди евра, но сè уште не е прецизирано во колкав обем.
Според неименуваните извори, на преговарачката маса се уште неколку текста, меѓу кои за рибарството. Некои земји членки на Унијата, меѓу кои и Франција, сакаат да го задржат актуелното статус кво, со што им се дозволува на европските рибари пристап до британските води. Според нацрт-верзијата на договорениот текст, во следните 12 години ќе се одржува статус кво, до 30 јуни 2038 година, што е трипати повеќе од предлогот на Британците. Од друга страна, Велика Британија ќе можат полесно да ги извезуваат своите производи на европскиот пазар, благодарение на меѓусебното признавање на фитосанитарните стандарди.
Заеднички напори и зафати на Лондон и Брисел за намалување на
протокот на мигранти
Извештаите од преговорите откриваат дека двете страни преземаат обврски за зајакнување на соработката со цел намалување на протокот на мигранти преку Ла Манш.
За подоцнежни преговори е оставено прашањето за мобилноста на младите Европејци, особено студентите во Велика Британија.
Лондонскиот самит се следи со големо внимание, особено во Велика Британија, бидејќи ставовите околу членството во ЕУ и подоцна за брегзит се поделени. Бидејќи, и покрај тоа што само уште 30 проценти од Британците сè уште веруваат дека брегзит бил добра идеја, а дури и меѓу оние што го поддржуваа во тоа време, големо мнозинство сега мисли дека напуштањето на ЕУ било грешка.
Во неделните изданија на весниците, вчерашниот самит уште однапред беше оквалификуван како „самит за предавање“ или „самит за капитулација“ – или алтернативно и како големото „предавство на брегзит“. Притоа, во тој момент воопшто не беше ни извесно каков конкретен договор ќе се постигне вчера. Со оглед на тоа што брегзит досега ги чинеше Британците околу четири проценти од нивниот БДП, се работи за сосема ирационална реакција.
И покрај ваквите пречки и тешкотии, вчерашниот самит ќе означи нов почеток, ако поради ништо друго, тогаш поради тоа што, со оглед на сè понесигурната глобална ситуација, ниту ЕУ ниту Стармер не може да си дозволат од Лондон да заминат без конкретни резултати. Иако лузните од брегзит сè уште не се заздравени, односите меѓу Лондон и Брисел – и покрај сите разлики – отсега засегнатите страни веруваат дека „ќе бидат вратени на поблиски, попријателски и пред сè порационални патеки“, но разработката на деталите при операционализација на добрата политичка волја за повторно ресетирање на односите, аналитичарите веруваат дека „ќе се соочи со многу пречки“. Р.С.